Слово за живот, март 2019

Слово за живот, март 2019

„Бидете милостиви како што е милостив вашиот Отец“ (Лука 6,36)

Во извештаите од Евангелието според Лука, читаме како Исус на своите ученици им го навестил блаженството. Потоа го упатил оној одлучен повик да го љубиме секој човек како брат, па дури и ако се однесува како непријател.

Исус добро знае, а тоа и ни го појаснува: браќа сме затоа што имаме еден Отец кој секогаш ги бара своите деца.

Тој сака со нас да воспостави однос, нѐ потсетува на нашата одговороност, но истовремено неговата љубов се грижи, лечи и храни. Тоа е мајчински став на сочувство и нежност.

Такво е Божјото милосрдие. Тој истовремено се обраќа на секое човечко создание, со сите негови слабости. Уште повеќе, помили му се оние од работ на улицата, исклучените и отфрлените. Милосрдието е љубов која го исполнува срцето, а потоа се прелива на другите, на соседите како и на странците и на општеството околу нас.

Деца сме на таков Бог и можеме да бидеме слични на него во неговите карактеристики, а тоа се: љубов, прифаќање, трпеливост, да дојде време за другиот.

 „Бидете милостиви како што е милостив вашиот Отец

За жал, во нашиот личен и општествен живот вдишуваме атмосфера на зголемено непријателство и соперништво, взаемна сомничавост, осуди без право на поплака, страв од другиот. Злобата се таложи и води до конфликти и војни.

Ние христијаните можеме да дадеме одлучувачко сведоштво против таквите струи. Да направиме чин на слобода од самите себе и од условеноста, повторно да почнеме да ги градиме напукнатите или скршените врски во семејството, на работното место, во парохиската заедница или во политичката партија.

Ако некого сме повредиле, храбро да го замолиме за прошка и да го продолжиме патот. Тоа е чин на големо достоинство.

А ако некој навистина нѐ навредил, да се обидеме да му простиме, да му направиме нов простор во срцето и така да му овозможиме да ја излечи раната.

А што е простувањето?

Кјара Лубик вели: „Простувањето не е заборав […] не е слабост, […] не се состои во тврдењето дека е неважно некое тешко дело, или дека е добро она што е зло, […] тоа не е рамнодушност. Простувањето е чин на волјата и прибраноста, со тоа и на слободата, а се состои во прифаќање на братот онаков каков е, иако ни нанел зло, како што Бог нѐ прифаќа нас грешниците и покрај нашите недостатоци. Простувањето е неодговарање со навреда на навредата, туку како што вели Павле: ‘Не позволувај злото да те победи, туку победи го злото со добро.’

Таквата отвореност на срцето не доаѓа сама од себе. Таа е резултат на секојдневно настојување, на постојаниот раст во нашиот идентитет на деца Божји. Тоа е пред сѐ дар од Отецот кој можеме и мораме да го молиме од него.

Бидете милостиви како што е милостив вашиот Отец

Младата Филипинка М. раскажува: „Имав само 11 години кога го убија татко ми, но затоа што бевме сиромашни правдата не беше задоволена. Подоцна, запишав студии по право, со желба да ја постигнам правдата за мојот татко. Но Бог за мене имал друг план. Една колешка ме повика на средба за луѓе кои го живеат евангелието. Така почнав и јас.

Еден ден го замолив Исус да ме поучи конкретно да ја живеам неговата реченица: „Љубете ги своите непријатели“ затоа што чувствував дека сѐ уште ја имам омразата кон луѓето кои го убија мојот татко. Ден подоцна, на работа го сретнав лидерот на групата. Го поздравив со насмевка на лицето и го прашав за неговото семејство. Тој поздрав го збуни, а јас бев уште повеќе збунета затоа што тоа го направив.

Омразата во мене се топеше и се преобразуваше во љубов. Но тоа беше само првиот чекор: љубовта е креативна! Сметав дека секој член на групата мора да го прими нашето простување. Мојот брат и јас отидовме да ги посетиме за повторно да воспоставиме однос и да им посведочиме дека Бог ги љуби! Еден од нив нѐ замоли за простување заради она што го направил и побара од нас да молиме за него и неговото семејство“

Летиција Магри

Категорија: Вера, Духовност

За авторот