Слово за живот – април 2017

Слово за живот – април 2017

Остани со нас, оти денот превали и наскоро ќе се стемни!” (Лука 24,29)

Оваа желба двајцата сопатници му ја упатиле на непознатиот кого го сретнале на патот од Ерусалим за селото Емаус, додека меѓусебно разговарале за сѐ што тие денови се случувало во градот.

Изгледало дека само тој ништо не знае, па затоа двајцата прифаќајќи го неговото присуство, зборувале за „пророкот – силен на дело и на зборови пред Бога и сиот народ“ кому му ја дале својата доверба. Нивните свештенички поглавари и еврејски власти го предале на римјаните, потоа го осудиле на смрт и го распнале. Не можеле да ја сфатат смислата на таа страшна трагедија.

Додека оделе, непознатиот тргнувајќи од Светото Писмо, им помогнал и на двајцата да го разберат значењето на тие настани и во нивните срца ја разбудил надежта. Откако стигнале во Емаус тие го задржале на вечера: „Остани со нас, оти денот превали и наскоро ќе се стемни!”. Кога седнале покрај масата, непознатиот го благословил лебот и го поделил со нив. По тој гест го препознале: Распнатиот умрел, а сега воскресна! Двајцата ученици веднаш го смениле планот: се вратиле во Ерусалим за да ги побараат другите апостоли и да им ја пренесат големата вест.

И ние можеме да бидеме разочарани, огорчени, обесхрабрени заради трагичното чувство на немоќ пред неправдите кои ги погодуваат невините и беспомошните. И во нашиот живот има болка, несигурност, темнина. Колку само би сакале да ги преобразиме во мир, надеж, светлина, за нас и за другите!

Сакаме ли да сретнеме Некој кој целосно ќе не разбере и ќе ни го осветлува одот на нашиот живот?

За да биде сигурен дека ќе стигне до секој од нас, во длабочината на нашата ситуација, Исус, Човек – Бог, слободно прифатил како и ние да мине низ тунелот на болката; телесната болка, но и онаа духовната: од предавството на неговите пријатели па сѐ до чувството дека го напуштил Бог кој секогаш го нарекувал татко и со неговата нескршлива доверба во Божјата љубов, ја надминал таа неизмерна болка одново доверувајќи му се Нему и од Него примајќи нов живот.

На истиот тој пат нѐ поведе и нас луѓето сакајќи да нѐ придружува:

„Тој е присутен во сѐ она што има вкус на болка. Да се обидеме да го препознаеме Исус во сите неволји, животни тешкотии, во секоја темнина, во личните и во трагедиите на другите, во страдањето на човештвото што нѐ опкружува. Тие се тој затоа што Тој ги направи свои. Доволно е да се направи нешто конкретно за да ги олесниме „неговите“ страдања во сиромашните… пронаоѓајќи нова исполнетост на животот.“

Едно седумгодишно девојче раскажува: „Ми беше многу тешко кога татко ми го одведоа во затвор. Јас го љубев Исус во него. Затоа не плачев пред него кога отидовме да го посетиме.“

Една млада жена го вели ова: „Го придружував мојот сопруг Роберт во последните месеци од неговиот живот откако му беше поставена дијагноза која не даваше надеж. Ни за момент не се оддалечував од него. Гледајќи го него го гледав Исус. Роберт навистина беше на крстот.“ Нивната взаемна љубов стана светлина на пријателите. Тие се вклучиле во трката на солидарност која не прекинала, туку се раширила и на многу други, поттикнувајќи основање на здружение за ширење на социјалната чувствителност – „Планетарна прегратка“. Еден негов пријател рекол: „Искуството проживеано со Роберт нѐ привлече да го следиме во чекорењето кон Бога. Често се прашуваме каква смисла има страдањето, болеста и смртта. Мислам дека одговорот им е многу јасен на сите кои примија дар овој дел од патот да го поминат со Роберт“.

Овој месец сите христијани го слават таинството на Исусовата смрт и воскресение. Тоа е прилика да ја разгориме нашата вера во Божјата љубов која ни овозможува болката да ја преобразиме во љубов. Секое разделување, секоја одвоеност, неуспех, па дури и самата смрт, за нас можат да станат извор на светлина и мир. Сигурни дека Бог е близу до секој од нас, во каква ситуација и да се наоѓаме, ја повторуваме со доверба молитвата на учениците од Емаус: „Остани со нас…“

Летиција Магри

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот