Слово за живот, април 2016

„Доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле.“ (Мт 25,40)

Зошто овие Исусови зборови ни се толку мили, што често ги коментираме во „Словото за живот“ кое го одбираме секој месец? Можеби затоа што тие се срце на Евангелието. Токму тие зборови Господ ќе ни ги упати тогаш кога конечно ќе се најдеме пред Него. Тие ќе бидат средиште на најважниот испит за нашиот живот, за кој можеме да се подготвуваме од ден во ден.

Ќе нѐ праша дали сме му дале да јаде на гладниот и да пие на жедниот, дали сме примиле странец, дали сме го облекле голиот, дали сме го посетиле болниот или затвореникот. Тоа се мали гестови, а сепак со вредност на вечност. Ништо не е малечко што е направено со љубов, што на Него му е направено.

Исус не само што им стана близок на сиромашните и отфрлените, не само што ги оздравуваше болните и ги тешеше оние во неволја, туку ги љубеше со привилегирана љубов, до таму што ги нарекуваше браќа, станувајќи како нив во таинството на солидарноста.

И денес Исус е присутен кај луѓето кои поднесуваат неправда и насилство во оние кои бараат работа или живеат во сиромаштија, во оние кои заради војна се присилени да ја остават својата татковина. Колку ли само луѓе  страдаат околу нас заради многу други причини и молат за наша помош, понекогаш и без зборови. Преку нив Исус бара од нас конкретна љубов, способна да  измисли нови дела на милосрдието кои одговараат на новите потреби.

Никој не е исклучен. Ако во стариот и болен човек е Исус, тогаш како да не му се укаже  потребаната помош? Ако детето на мигрантите треба да научи јазик, го подучувам Исус. Ако ѝ помагам на мајка ми во домашните работи, му помагам на Исус. Ако му носам надеж на затвореникот, го тешам оној кој е во неволја или му проштевам на оној кој ме повредил, тоа му го правам на Исус. Со тоа не само што секогаш ќе им овозможиме радост на другите, туку и самите ќе искусиме голема радост. Кога даруваме, примаме и доживуваме внатрешна исполнетост, се чувствуваме среќни затоа што сме го сретнале Исус, иако тоа не го знаеме. Ближниот ни е премин низ кој мораме да поминеме за да стигнеме до Бога, запишала Кјара Лубик.

Таа на следниот начин се потсетува на делувањето на ова Слово на животот од самите почетоци на нејзиното духовно искуство: „Нашиот стар начин на сфаќање на ближниот и љубовта кон него се урна. Ако Христос на некој начин е во сите нас, не можеме никого да дискриминираме, не можеме да ги бираме луѓето. Ги снема човечките мерила и поделби на сонародници и странци, на млади и стари, на убави и грди, на антипатични и симпатични, на богати и сиромашни; Христос е за секого, Христос е во сите. Секој брат е навистина ’друг Христос ’ (…).

Живеејќи на ваков начин забележавме дека ближниот за нас е пат кон Бог. Уште повеќе, братот стана наш премин низ кој треба да се помине за да можеме да го сретнеме Бог.

Тоа го доживувавме уште од првите денови. Какво ли е единството со Бог навечер, во молитва или во тишина, откако цел ден Него сме го љубеле во браќата! Кој ни ја даваше таа утеха, она ново внатрешно единство, ако не Христос кој ги живеел зборовите ’давајте и ќе ви се даде’[1] од Неговото Евангелие? Цел ден сме го љубеле во браќата, а сега Тој не љуби нас.[2]

Фабио Чијарди

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

[1]Лука 6, 38

[2]Исус во братот, Нов свет 1979., стр. 103-104.

За авторот