Слово за живот, август 2016

А вие, немојте да се наречувате учители, зашто еден е вашиот Учител – Христос, а вие сте сите браќа“ (Матеј 23,8)

Повеќе од седумдесет години се живее „Словото за живот“ и денес ова ливче доаѓа во нашите раце. Го читаме коментарот, но би сакале во нас да остане реченицата која ни е предложена, слово од Светото Писмо, често слово Исусово. „Словото за живот“ не е обична медитација, низ него Исус ни зборува, нѐ повикува да го живееме, нѐ поттикнува да љубиме, и на тој начин нашиот живот да биде дар. Тоа е „изум“ на Кјара Лубик која на овој начин раскажува како се почнало:

„Копнеев за вистината и затоа почнав да студирам филозофија. Како и други млади луѓе се обидував да ја пронајдам вистината и верував дека ќе ја најдам во студирањето. Но еве една од големите мисли од времето на почетокот на Движењето, која веднаш им ја пренесов на своите пријателки: ‘Зошто да ја бараме вистината која е овоплотена во Исус Богочовекот? Ако вистината е таа која нѐ привлекува, да оставиме сѐ, да го бараме Него и да Го следиме.’ Тоа и го сторивме.“

Го зеле Евангелието и почнале да го читаат, реченица по реченица. И го откриле како целосно ново. „Секој Исусов збор е вжарен светлосен сноп: целосно божествен! (…) Неговите зборови се единствени, вечни (…), восхитувачки, напишани со божествена сликовитост. (…) Тоа беа зборови на животот, кои треба да се спроведат во живот, универзални во просторот и времето.“ Тоа не се зборови застанати во минатото, не се само едноставно сеќавање, туку зборови кои Тој на нас и понатаму ни ги упатува, на нас како и на луѓето од секое време и сите географски широчини.

А дали е Исус навистина наш учител?

Опкружени сме со бројни животни предлози од различни творци на мисли, понекогаш неразумни што поттикнуваат и на насилство, понекогаш исправни и просветлени. Сепак Исусовите зборови имаат длабочина и способност да нѐ привлечат, а зборовите на филозофите, политичарите или поетите немаат. Неговите „зборови за живот“ можат да се живеат и на животот да му дадат полнота, да ни го доближат Божјиот живот.

Секој месец земаме по едно, така што Евангелието полека продира во нашите срца, нѐ преобразува и ни дава да ги усвоиме Исусовите мисли, правејќи нѐ способни да одговориме на различни ситуации. Исус станува наш Учител.

Понекогаш можеме да го читаме заедно. Посакуваме самиот Исус, воскреснатиот Господ, жив меѓу собраните во негово име, да објасни, да актуелизира и да нѐ инспирира како да ја спроведеме во пракса.

Но големата новост на „Словото за живот“ е во тоа што можеме да разменуваме искуства, милости добиени затоа што ја живееме, како што тоа го толкува Кјара повикувајќи се на она што се случувало на почетоците, а трае и денес: „Чувствувавме потреба на другите да им го пренесеме она што го доживувавме, свесни дека даруваното искуство останува во изградбата на нашиот внатрешен живот, додека недаруваното полека ја осиромашува душата. Заради тоа интензивно го живеевме Словото во текот на целиот ден, а за резултатите разговаравме не само меѓу нас, туку и со луѓето кои пристапуваа на таа прва група. (…) Кога го живеевме веќе не живееше „јас“ или „ние“, туку словото во мене, словото во групата. А тоа е христијанската револуција со сите свои последици.“

Тоа и денес ние го можеме.

Фабио Чијарди

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

За авторот