Слово за животот, мај 2016

Он ќе живее со нив; тие ќе бидат Негов народ, а Сам Бог ќе биде со нив – нивни Бог“ (Откр 21,3)

Бог отсекогаш сакаше да живее со нас, со неговиот народ. На првите страници од Библијата читаме како се симнува од небото, шета по земската градина  и разговара со Адам и Ева. Зарем не нѐ создаде заради тоа? Што друго сака оној кој љуби, ако не да биде со личноста која ја љуби? Книгата на Откровението која проникнува во она што Бог го наумил за историјата, ни ја дава сигурноста дека Божјата желба ќе се оствари во сета полнота.

Откако дојде Исус, Емануел, „Бог со нас“ Тој веќе почна да живее меѓу нас. Откако Исус воскреснал, неговата присутност не е веќе ограничена на некое место или на време, туку се распространи низ целиот свет. Со Исус започна нова, оргинална  човечка заедница, народ составен од многу народи. Бог не сака да живее само во мојата душа, во моето семејство, во мојот народ, туку меѓу сите народи повикани да бидат еден народ. Од друга страна, мобилноста  на денешните луѓе го менува и самиот поим на народот. Населението на многу земји го сочинуваат припадници на бројни народи.

Различни сме според бојата на кожата, културата и верата. Често пати едни на други гледаме со недоверба, сомнеж и страв. Водиме војни едни со други. Па сепак, Бог е Отец на сите, нѐ љуби сите и секого поединечно. Не сака да живее со еден народ би помислиле – со „нашиот, се разбира“, и би ги оставиле другите народи. Нему сите сме му синови и ќерки, едно единствено семејство. Водени од „Словото за животот“ за овој месец, да вежбаме да ги почитуваме различностите, да го цениме другиот, да го гледаме како личност која ми припаѓа: јас сум тој другиот, а другиот е јас. Другиот живее во мене, јас живеам во другиот. Да започнеме со оние со кои живееме секој ден. На тој начин можеме да ѝ дадеме простор на Божјата присутност меѓу нас. Токму тој ќе изгради единство, ќе го спаси идентитетот на секој народ и ќе создаде ново општество.

Тоа Кјара Лубик го насетила уште во 1959 година и го изразила со многу актуелни и пророчки зборови:

„Ако еден ден луѓето – не како поединци туку како народи -[…] се потиснат сами себе  и замислата за својата земја, […] па тоа да го направат заради взаемна љубов меѓу државите која Бог ја бара,како што ја бара взаемната љубов меѓу браќата,тој ден ќе биде почеток на нов период,бидејќи тој ден […] Исус ќе биде жив и присутен меѓу народите […].

Ова е време во кое секој народ мора да ги надмине сопствените граници и да го насочи погледот над нив. Дојде часот кога татковината на другиот треба да се љуби како своја, кога нашиот поглед треба да се здобие со нова чистота. За да бидеме христијани не е доволно да се откажеме од самите себе.

Денешните времиња од Христовите следбеници бараат нешто повеќе, бараат социјална димензија на христијанството […]

Се надеваме дека Господ  ќе му се смилува на овој заскитан и разделен свет, на народите затворени во своите школки, додека ја разгледуваат сопствената убавина – својствена за нив – а всушност ограничена и незадоволувачка, љубоморно чувајќи го своето богатство – дури и добрата кои би можеле да им послужат на народите кои умираат од глад – за да  ги урнат препреките овозможувајќи им непрекинат проток на љубов помеѓу државите, проток на духовните и на материјалните добра.

Да се надеваме дека Господ ќе воспостви нов поредок во светот! Тој е единствено способен од човештвото да направи семејство и да ги сочува разликите меѓу народите за во сјајот на секого кога е во служба на другиот, да заблеска животно светло, разубавувајќи ја земската татковина и создавајќи од неа предворје на небесната.“[1]

Фабио Чијарди

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

[1] Marija, vezajedinstvameđunarodima, Novisvijetbr. 5/2010.

За авторот