Слово за животот, декември 2016

Слово за животот, декември 2016

„Тој ќе дојде и ќе ве спаси!“ (Иса 35,4)

Не мораме да чекаме утре, да го чекаме крајот на времето или другиот живот. Со искажувањето на овие зборови е навестена и сигурноста на сегашниот миг. Бог делува веднаш, љубовта не дозволува отежнување или доцнење. Пророкот Исаија му се обраќа на народот кој желно го чекал крајот на прогонството и враќањето во татковината. Во овие денови на исчекување на Божик не можеме, а да не си припомниме на слично ветување за спасение упатено кон Марија: „Господ е со тебе“[1]. Ангелот ѝ го навести раѓањето на Спасителот.

Тој не ни доаѓа во било каква посета. Неговиот потфат е решителен, премногу значаен: доаѓа да нѐ спаси! Од што? Дали сме во голема опасност? Да. Понекогаш сме свесни за неа, а понекогаш не ја ни забележуваме. Тој се вклучува затоа што гледа себичност, рамнодушност кон оние кои страдаат или се во потреба, гледа омраза и поделби. Срцето на човештвото е болно. Го поттикнува сожалување кон неговото создание, не сака да се изгуби.

Неговата рака е испружена кон давеникот кој тоне. За жал, во последно време таа слика секојдневно се повторува и постојано ни е пред очи кога ги гледаме бегалците кои се обидуваат да ги преминат нашите мориња. Гледаме со колкава подготвеност тие ја прифаќаат испружената рака или појасот за спасување. И ние во секој момент можеме да ја фатиме таа рака која Бог ни ја подава за да го следиме со доверба. Тој не само што го лечи нашето срце од насоченоста кон самите себе, што нè затвора кон другите, туку нè прави способни да им помогнеме на луѓето кои се во потреба, тага и искушенија.

Кјара Лубик ќе запише: „Секако, проблемите не ги решава историскиот Исус, ниту Он како Глава на мистичното тело. Тоа го прави Исус во нас, во мене, Исус – јас, Исус – ти… Исус во човекот, во точно определениот  човек – кога е во милоста Божја – гради мост и го расчистува патот…[…] А како втор Христос, член на неговото Мистично тело, секој човек дава свој придонес во различни подрачја: во науката, уметноста, политиката, медиумите итн.“ Човекот така станува  ко-креатор и ко-откупител со Христос. “На тој начин овоплотувањето продолжува, целосното овоплотување кое го опфаќа секој Исус кој му припаѓа на Мистичното тело Христово.”[2]

Токму тоа му се случило на поранешниот затвореник Роберто. Пронашол некого кој го „спасил“ па и самиот се претворил во „спасител“. Своето искуство му го раскажал на папата Фрањо на 24 април, за време на неговата посета на Маријаполи[3] во Рим. „Откако ја издржав долготрајната затворска казна, сакав одново да го почнам својот живот. Но познато е дека за луѓето остануваш секогаш обележан, иако си го исплатил својот долг. Додека барав работа, сите врати пред мене се затвораа. Морав да просам по улиците и седум месеци живеев како бездомник сѐ додека не го сретнав Алфонсо, човекот кој им помага на семејствата на затворениците и за таа цел основал здружение. „Ако сакаш да почнеш одново, дојди со мене“, ми рече. Веќе една година му помагам во подготвувањето на пакетите со храна за семејствата на затворениците кои ги посетуваме. За мене тоа е огромна милост, бидејќи во тие семејства се гледам самиот себе.

Се восхитувам на достоинството на жените кои останале со мали деца па живеат во очајни ситуации, чекајќи некој да дојде и да им донесе малку утеха и љубов. Дарувајќи се го пронајдов своето човечко достоинство и мојот живот доби смисла. Имам дополнителна сила зашто Бог е во моето срце, се чувствувам љубен…“

Фабио Чијарди

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Духовност

За авторот