Слово Божјо за денес: Услишана молитва

Слово Божјо за денес: Услишана молитва

Од Светото Евангелие според Лука (11, 1-10)1.Еднаш беше Он на едно место и се молеше, и кога престана, еден од Неговите ученици Му рече: „Господи, научи нè да се молиме, како што ги научи Јован учениците свои.” 2. А Он им рече: „Кога се молите, говорете: »Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое; да дојде царството Твое, да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата: 3. лебот наш насушен дај ни го денес; 4. и прости ни ги нашите гревови, зашто и ние самите му ги проштаваме на секој наш должник; и не нè воведуј во искушение, но избави нè од лукавиот!” 5. И им рече: „Ако некој од вас има пријател и отиде при него на полноќ, па му каже: »Пријателе, кај ми назаем три леба; 6. оти ми дојде еден пријател од пат и немам што да му принесам; 7. а оној однатре да му одговори и рече: »Не ме обеспокојувај; портата е веќе затворена и децата се со мене во постела; не можам да станам и да ти дадам.« 8. Но ви велам, макар и да не стане да му даде затоа што му е пријател, но ќе стане заради неговото настојување и ќе му даде, колку што му треба. 9. И Јас ви велам: сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори. 10. Зашто секој што сака – добива, и кој бара – наоѓа, и на оној што чука, ќе му се отвори..

Господовата порака содржана во денешниот евангелски дел е фокусирана на поуката за молитвата. Повод за тоа бил неговиот пример на молитва, бидејќи учениците, забележувајќи го како се моли, посебно на осамени места, го замолиле и нив да ги научи. Начинот на кој тој се молел очигледно привлекол внимание, и во тој моментот го замолиле и нив да ги научи да се молат, бидејќи молитвата била една од основните карактеристики на животот со вера и односот со Бог. И навистина, Господ ја искористил таа прилика и ги упатува во суштината на молитвениот живот, учејќи ги кои зборови ќе ги изговараат и кои содржини од Бог ќе ги бараат, и таа молитва која ги научил го носи името Молитва Господова. Веднаш сакал да им нагласи дека содржината и начинот на кој треба да се молат треба да биде посебен, полн со доверба кон Отецот небесен, Кој изобилно ја услишува секоја наша молитва.

Но, освен што Исус е категоричен во однос на содржината и начинот на молитвата со која треба да му се обраќаме на Отецот небесен за да бидеме услишани, од друга пак страна го имаме нашето секојдневно искуство кое и многу не се совпаѓа стопосто со она што Господ го зборува. А секој од нас размислувал за молитвата и потребата Бог да нѐ услиша кога нешто ќе го замолиме. Но, исто така мнозинството од нас е соочено со „суровата“ реалност и фактот дека најчесто не го добиваме она што го бараме. Имено, кога ќе го согледаме светот околу себе со очите на реалистите, тогаш ќе видиме дека Бог и често не го услишува она што луѓето од Него го бараат. Не гледаме дека прави толку чуда колку што ние од Него бараме во своите молитви, и затоа се прашуваме, како што се прашувале во Господовото време, зошто Тој тоа не го прави? Во што е проблемот? Дали нешто лошо сме барале од Него, сме очекувале помош и заштита, успех и здравје, или Тој е глув за нашите повици?

Така најчесто животните потреби нѐ принудуваат да се впуштаме во молитва, односно од Бог да го бараме она што не можеме самите да го постигнеме, и после тоа да размислуваме за нејзината делотворност, гледајќи го остварувањето на нашите молитви и степенот на услишаност, кој Господ ни го дал. Токму тоа бил случајот и со Господовите ученици, па и со сите останати верници кои имале потреба од Бог да бараат одредени милости и услуги, и затоа Него како извореден Учител го прашуваат да им каже како треба да се молат, претпоставувајќи секако, дека станува збор за плодна молитва која има значајно место и сериозни ефекти во животот. Секако, сакале да ја избегнат она досадна или формалистичка молитва која не е достојна да се нарече молитва, како и она фрустрирачката која не давала никаков плод, ниту резултат.

Но, Господ Исус Кој бил пример и учител за молитвата, воочил каде бил основниот проблем за услишана молитва, односно знаел кој е патот до услишаната молитва. Воочил дека луѓето ги изговараат своите молитви со одредена доза на укор кон Бог, како да треба пред Него да се понижуваат пред да ги услиша.

Но, не е исправна помислата дека треба да се намачиме себе и него пред да ни ги услиша молитвите, како Тој да е спор кога ги дава потребните дарови и да ги услиша барањата. Па и тогаш кога од Господовите зборови би можело да се заклучи дека треба да чукаме и да бараме, како Бог да е неумолив и е со студено срце, и ни дава дури после упорното барање, сепак знаеме дека Господ на таков начин не зборувал за молитвата. Не ни го претставил својот Отец неумолив, дека треба да го скршиме неговиот отпор, како потоа, победен од нашите упорни барања, сепак ќе ни го дада она за што го молиме.

Навистина, Господовата мисла за потребата и значењето на молитвата претпоставува една друга слика за Бог. Исус ни порачува дека Бог е Отец Кој знае што ни треба, и ни дава и повеќе и пред да побараме. Во молитвата навистина не е спорна Господовата добрина, туку е спорно како и што бараме. Спорно е дали знаеме да бараме да го стопиме своето студено срце за спознание на Бог и на неговото присуство во животот. А чукајќи, барајќи да Го откриваме како грижлив Отец Кој нѐ љуби, или пак како великодушен пријател кој е подготвен да направи сѐ за нас. Со молитвата отвораме простор во нашата душа за да имаме каде да го примиме дарот на Божјото присуство, за да имаме каде да го примиме Светиот Дух кој изобилно ни се дава. Затоа вистинска молитва е она во која нѐ исполнува неговото свето присуство до таа мерка што нѐ преобразува, свесни дека со неговата сила одвнатре остваруваме сѐ што сакаме да примиме, молејќи.

Затоа, да се молиме значи да оствариме вистински синовски однос со Отецот, за да го примиме дарот на неговата добрина. Ако срцето ни е затворено за Него, тогаш не можеме да ги примиме неговите неизмерни дарови, и самите стануваме пречка за неговото услишување. Ако се молиме онака како што Господ нѐ научи, тогаш нашата молитва нема да биде критичко преиспитување на Божјата добрина, љубов и семоќност, туку преиспитување на сопственото срце и на неговата подготвеност да го прими Светиот Дух и да го гради Царството Божјо на земјата. Ако така се молиме ќе почувствуваме дека Отецот сѐ ни дал кога ни го даде дарот на Духот на својата љубов, и ќе знаеме дека сме услишани и тогаш кога ќе почнеме да го градиме неговото Царство на земјата. Затоа да дозволиме Господ Исус да нѐ научи да се молиме, онака како што ги научи своите ученици.

Др. Иван Бодрожич/вера и дела/к.мк

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот