Слово Божјо за денес: Слово за твојата душа

Слово Божјо за денес: Слово за твојата душа

Од светото Евангелие според Лука (9, 23-27)

23. А на сите им зборуваше: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека оди по Мене! 24. Оти, кој сака да ја спаси душата своја, ќе ја загуби; а кој ја загуби душата своја заради Мене, тој ќе ја спаси. 25. Зашто, каква му е ползата на човека, ако го придобие целиот свет, а себе погуби или си направи зло? 26. Бидејќи, кој се срами од Мене и од зборовите Мои, од него ќе се засрами и Синот Човечки, кога ќе дојде во славата Своја, и на Отецот и на светите ангели. 27. Вистина ви велам, овде стојат некои, што не ќе вкусат смрт, дури не го видат царството Божјо.”

(…) Исус ги повикува учениците да Го следат. Го повикува секој на прифаќање на својот крст и тоа секој ден. Тоа е тешко. Меѓутоа тоа е Исусовиот пат; според тоа, тоа е патот и на Исусовите ученици. Тоа е патот на љубовта. Невозможно е на поинаков начин да го исполниш животното послание. Човекот е повикан да се дарува и да љуби. Човековото послание е да биде и да живее за другиот.

Исус ни зборува: Ако сакате да ме следите, мора да се одречете од сето она што сега го цените: мора да го загубите животот кој сега го живеете. Ако не сте подготвени тоа да го направите, ако сакате да бидете прилепени на животот кој сега го живеете, нема да има никакви новости, никаква нова визија не е возможна за вас. Мојата визија бара страдање! Дојдете, земете го својот крст, следете ме, без крстот не оди. Без умртвувањето не може да се роди нов живот. Зрното мора да умре за да донесе стократен плод!

Така треба да се сфатат Исусовите зборови: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека оди по Мене!“ Од нас се бараат жртви и откажувања, ни се дава крст… Кој ќе го сфати тоа, сфатил сѐ! Може да го следи Христос и да биде среќен.

Штом човекот започне да копнее за тоа, себе си да се обебзеди, да му биде убаво, доаѓа до опасноста другиот да го заборави, на другиот да му ја скрати својата љубов. Тоа е она Исусовото: Ќе го загуби својот живот, оној кој сака за себе да го користи! (…)

Ние за жал поинаку се однесуваме. Ги оддалечуваме и отфрлуваме своите крстови. Сакаме да се оттргнеме од луѓето кои ни се тешки. Кога во бракот нешто ќе почне да не оди како што треба, мислиме дека решението е во разводот. Кога болните и старите луѓе повеќе не ни одговараат и ни пречат, ги испраќаме во разни институции и домови. Ги оддалечуваме често од себе, бидејќи немаме волја да ја намалиме својата удобност, ниту да се откажеме од својот стил на живот. Го чуваме својот живот. Ги браниме своите добра. Го правиме тоа преку кое ќе го загубиме својот живот. Бидејќи престануваме да бидеме во служба на љубовта и животот. (…) „Во небото се оди со каменче во чевлите“ (свети Фрањо Салешки). (…)

Исус нѐ повикува да Го следиме така што секој ден на себе ќе го земаме својот крст. Тоа значи дека Исус нѐ повикува на едноставно секојдневно живеење на сѐ што ни донесува времето и секој ден и тоа во светлината и во согласност со волјата Божја. (…)

Манастир Томиславград/к.мк

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот