Слово Божјо за денес: Кој е мој ближен?

Слово Божјо за денес: Кој е мој ближен?

Од Светото Евангелие според Лука (10, 25-37)

25. И ете, стана еден законик и, искушувајќи Го, рече: „Учителе, што да направам за да добијам живот вечен?” 26. А Он му рече: „Што е напишано во Законот? Како читаш?” 27. Тој одговори и рече: „Возљуби Го Господа, Твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли; и +својот ближен како себеси!” 28. Му кажа пак: „Добро одговори; тоа прави го и ќе бидеш жив.” 29. Но тој, сакајќи да се оправда, Му рече на Исуса: „А кој е мојот ближен?” 30. Исус му одговори и рече: „Еден човек слегуваше од Ерусалим во Ерихон, и сретна разбојници, кои го соблекоа и му направија рани, и си отидоа, оставајќи го полумртов. 31. Во тоа време слегуваше по тој пат еден свештеник, и кога ги виде, си замина. 32. Исто така и еден левит, кога дојде на тоа место, се приближи, погледна и си отиде. 33. Еден, пак, Самарјанин, кој патуваше, кога дојде до него, го виде и се сожали. 34. И кога се приближи, му ги преврза раните, поливајќи ги со елеј и со вино; па, откако го качи на добитокот свој, го однесе во гостилница и се погрижи за него. 35. А утредента, на кинисување, извади два динарија, му ги даде на гостилничарот и му рече: »Припази го; а ако потроши нешто повеќе, кога ќе се вратам, ќе ти платам.« 36. Кој, пак, од тие тројца ти се чини дека му беше ближен на оној, што падна во рацете на разбојниците?” 37. А тој одговори: „Оној што му направи милост.” Исус му рече: „Оди и ти прави така!”

Кој е мој ближен? Не е едноставно да се одговори на тоа прашање. Не можеме да се чувствуваме одговорни за сите луѓе. Тоа би било нереално. Човекот кој му го поставил прашањето на Исус се чувствува несигурен. Дали е исправен поредокот во кој се живее љубовта кон ближниот? Сака да го слушне Исусовиот совет. Исус одговара на необичен начин. Тој раскажува приказна. Кој се главните ликови во Исусовата приказна? Некој човек, разбојници, свештеник, левит, Самарјанец и гостилничар.Еден човек слегуваше од Ерусалим во Ерихон…“ Кој е тој човек? Исус не му го спомнува името. Некој „несреќник“. Нема лична карта. Загрозените обично немаат име. Тие се безимено мноштво, анонимни броеви. Може да биде било кој, односно секој човек во неволја: некој Евреин или Арап, старец или момче, сиромав или богаташ, католик, православен, муслиман. Знаеме само дека е човек – патник. И тоа на Исус му е најважно. И таков еден човек „сретна разбојници, кои го соблекоа и му направија рани, и си отидоа, оставајќи го полумртов…“ Кои се тие рзбојници? Симбол на сите оние кои го загрозуваат човечкиот живот, правата и достоинството. Тие се слика за анонимни центри на моќ, крадци, организиран криминал, монопол, нехуманост и искористувањето на страдањето на луѓето. А сето тоа за да го зголемат профитот и да си ја обезбедат моќта. „Еден свештеник, и кога ги виде, си замина…“ Свештеникот сè уште мирисал на темјан од храмот Божји. А требало и душата да му мириса на натприродната добрина и љубов затоа што во Домот Божји бил во допир со Севишниот. Зошто Исус го спомнува токму свештеникот? Затоа што свештеникот треба да биде „есперт за хуманост“. Тој е официјален претставник на религијата. И би требало да биде во првите редови кога се работи за помош на човек во неволја. Свештеник кој не знае да земе дел во судбината на човекот, е симбол на бескорисна и искривена религија. Свештеник кој забиколува несреќник е симбол на „религиозен бизнисмен“ кој се служи со „Светиот“ за сопствени придобивки. „Исто така и еден левит, кога дојде на тоа место, се приближи, погледна и си отиде“ Левитот бил човек задолжен за организација на култот во храмот. Денес во него можеме да ги препознаеме државните службеници и преставници од владини канцеларии. Тие треба да се грижат за општото добро. Левитот е „кукла“ која не функционира. Симбол е на бескорисни политичари кои сè гледаат и знаат, но поминуваат покрај. Слика е на состаноци, тркалезни маси, студии и анкети со кои малку од тоа навистина се менува.

„Некој Самарјанец, се сожали…“ Конечно некој застана. „Еј луѓе, па тоа е насилство, тоа е клевета, тоа е неправда! Секогаш е опасно да застанеш, да помогнеш. Дури и ако само гледаш!“ Бог најчесто е на места од кои поголем број луѓе свртуваат глава и бегаат! Самарјанецот видел човек во неволја. Му помогнал грижливо. По оваа Исусова приказна, не може на прашањето – кој е мој ближен – да се одговори општо и апстрактно. Се сожали – тоа е зборот кој се наоѓа во срцето на историјата на спасението. Без тие зборови нема човечност. Овде е некој кој се приближува, кој се сочувствува, кој дозволил да го понесе милосрдието, а не само пресметките. Се почувствувал одговорен. Самарјанецот не прашал која националност е ранетиот. Љубовта и добрината не познаваат граница! Самарјанецот – симбол на вистински хуманизам – не се плашел да застане, да ги „завалка“ рацете, да се ангажира, да го дарува своето време, трпеливоста, да сослуша, да помогне, да биде во близина. Добрината ако не се забележува во пракса, не вреди ништо. Најдобрата промоција на Бог е добриот човек. Неинтерсирањето и рамнодушноста кон другиот е пораз за христијанството. „А утредента, на кинисување, извади два динарија, му ги даде на гостилничарот…“ Овде е и ликот на гостилничарот. Ретки се оние како Самарјанецот кој имаат дар за помагање. Меѓутоа, гостилничарот: оние кои имаат дар да заработи, да заработи на туѓата неволја и добрина. Гостолничарот сè „дебело наплатил“, а не му паднало на памет можеби да ги поделат трошоците. Најзначајните настани во Евангелието се одигруваат надвор на улицата. Бог најчесто се наоѓа надвор од црквните врати и Него го среќаваме на нашите секојдневни патишта. Ќе го најдеме во сите луѓе кои имаат потреба од нас.

Денес светот посебно е чувствителен на социјалните знаци на Исусовото присуство преку добрината, солидарноста, праведноста, љубовта и простувањето. Бог затоа е најприсутен во животот на луѓето кои се борат со сите сили против рамнодушноста и се обидуваат да направат нешто. Некои христијани својата вера ја имат сведено на примањето на светите Тајни. Но, тоа не е единствен облик на Божјото присуство и покажувањето на Христос. Христијаните во светот треба да бидат препознатливи по делата, а не само преку светите Тајни. Светите Тајни треба да ја поттикнуваат не само нашата вера, туку пред сè нашето делување. (…)

Денес за жал стана нормало својата одговорност кон ближниот да ја ставиме во рацете на специјализирани институции. Така на пример старите родители, без голема и оправдана причина, заради сопствена комотност, ги испраќаме во домови за стари лица; не ги забележуваме сиромашните затоа што постојат социјални служби надлежни за нив. Болните деца ги испраќаме во специјални институции наместо со сопствената топлина да им пружиме дом и љубов. Срцата ни остануваат затворени, затоа што ги оддалечуваме од себе оние кои можат да ги отворат.

Анџелко Домазет/к.мк

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот