Слават Божиќ, а го мразат Бог

Слават Божиќ, а го мразат Бог

Размислувајќи за времето на исчекување на Спасителот и осврнувајќи се околу себе на времето во кое живееме, тешко ми е воопшто без вера да се прифати повторното Христово доаѓање  .

За жал живееме во време во кое е тешко да запреме. Живееме во време на бучава, брзина, акција. Живееме во време во кое човекот се плаши од тишината и осаменоста. Живееме во време на технологија која би требало да има функција на ослободување на човекот, а таа сѐ повеќе и повеќе го заробува човекот.

Живееме во време на безбројни екслузивни вести, па така најекслузивните вести остануваат незабележани и дури непожелни. Да се извести дека во нечие срце денес се родил Бог како никому да не му е интересно, како да е досадно, како да не е екслузивно. Да се извести дека некој токму денеска станал нов човек, исто така станува баналност која никого не го интересира. Така на ист начин, во тоа наше време се промовира дека верата е приватна работа, дека човечноста е приватна работа, но од друга страна разни застранетости се промовираат јавно, како ексклузивност. Исто така и во разни весници постои повеќе простор за животните, отколку за новородените браќа и сестри.. Како да нема добрина во светот. Насекаде болка, војни, црна хроника, темнина. Како да постои само зло. Како само злото да е интересно. Како да сме само од злото зависни.

И тогаш се прашувам: Па каде ќе дојде овој Божиќ? Во кого ќе се насели? Може ли да се роди во срце кое од својата големина не ја гледа Божјата маленкост во Младенецот завиен во јасли? Каде е таа бременост на нашите срца преку која во нас ќе се роди Исус? Не сме ли веќе во својата себичност, нечовечност, распуштеност, спонтано абортирале. Нели сме го исфрлиле Бог уште оддамна од своите животи? Нели сме се откажале од Него на улиците, плоштадите, во училиштето, на сите места? Се откажавме јавно од Бога, а сега Бог толку многу го искористуваме за своите себични потреби.

Па човеку Божји, кој овде е луд? Очигледно јас. Не разбирам како тоа на Бог целата година се плука, а сега се повикува. Зошто сега се фалиш со Бог ако Бог ти пречи во училиштето? Зошто сега славиш Божиќ, а Црвката ја мразиш од дното на душата? Зошто сега пееш песни за животот, а промовираш култура на смртта? Зошто сега го славиш животот, а инаку ја величаш смртта?

О, Боже мој! Роди се на овој Божиќ во сите срца. Роди се повторно и во моето. Биди со нас во сите денови. Уништи ја нашата големина за да можеме да ја видиме твојата маленкост. Дај ни да Те славиме секогаш, секогаш да Те фалиме и едни со други да бидеме милосрдни како што си и ти милосрден со нас. Дојди Господи Исусе, немој да доцниш.

Фра Мате Башиќ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Колумни

За авторот