Сите имаме послание во градењето на Црквата

Сите имаме послание во градењето на Црквата

Сигурно се чувствуваме како каменче, а не како карпа. Но, ниту едно каменче не е бескорисно, туку во Исусовите раце станува скапоцено – истакна папата Фрањо во пладневниот наговор на 27 август 2017 година на плоштадот Свети Петар.

Во своето кратко размислување се осврна на Евангелие според Матеј, кое ни го донесува прашањето за Исусовиот идентитет, односно моментот кога Господ сака да потврди на кој степен е верата на неговите ученици.

Светиот Отец рече дека Господ најпрво сака од своите ученици да дознае што луѓето мислат за него. „Едни за Иван Крстител, други за Илија, а некои за Јеремија или за еден од пророците.“ (Матеј 16, 14) Луѓето го сметале за пророк, но не ја сфаќале сржта на неговата личност, ниту неговото послание. Потоа своите ученици ги прашал: „А вие, за кого Ме мислите?“ На тоа прашање Симон Петар одговорил: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог.“ (Матеј 16, 15-16)

Папата рече дека со тоа „а вие…“ Исус ги дели апостолите од мноштвото. Учителот од своите ученици очекува возвишен одговор и Петар изговорил возвишени зборови кои ги надминуваат неговите природни способности: „Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, оти тело и крв не ти го открија тоа, а Мојот Отец, Кој е на небесата.“ (Матеј 16, 17) Тој одговор на Петар го открива Исусовиот вистински идентитет: Он е Месијата, Синот Кој Бог го испрати за да го спаси човештвото – истакна папата Фрањо и продолжи: И врз основа на тој одговор Исус сфаќа како благодарение на верата која му ја дарувал Отецот постои цврст темел на кој може да ја изгради неговата заедница, Црквата: „Ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат.“ (Матеј 16, 18)

Исус и со нас денес сака да продолжи да ја гради Црквата – рече Светиот Отец. Таа куќа изградена на цврсти темели, но во која не недостасуваат пукнатини и постои потреба за постојана обнова како на пример, во времето на свети Фрањо Асишки. Сигурно се чувствуваме само како мали каменчиња, а не како карпи – рече Папата. Сепак ниту едно каменче не е бескорисно, напротив во Исусовите раце станува скапоценост, затоа што Он го зема, го обликува со својот Дух за да го постави на вистинското место. Така сите ние сме „живи камења“ и на тој начин имаме место и послание во Црквата која е заедница на животот составена од мноштво камења кои сите се различни и кои во знакот на братството и заедништвото обликуваат една зграда – рече папата Фрањо.

Денешниот евангелски дел нѐ потсетува дека Исус сакал во неговата Црква да има видлив центар на заедништвото во Петар и во сите негови наследници, епископите на градот Рим каде свети Петар и Павле го дале сведоштвото на крвта – рече Светиот Отец и заклучи: Затоа да се потпираме на Марија, Царицата на апостолите и Мајка на Црквата за да го оствариме во потполност единството и заедништвото за кое Христос и учениците се молеле и ги дале своите животи.

Папата Фрањо после молитвата Ангел Господов се помоли за жртвите како и за сите оние кои се погодени од поплавите во Бангладеш, Непал и Северна Индија. Во поплавите во Јужна Азија последните недели загинаа повеќе од 1200 луѓе, а милиони луѓе се погодени од една од најлошите катастрофи на тоа подрачје во последните неколку години. Потоа Папата рече дека до него дошле тажни вести за верски прогон на муслиманската заедницаРохинхгија во Мјанмар. Им ја изрази својата близина и ги повика присутните верници да се молат Господ да го спаси тој прогонуван народ, за да ги поттикне луѓето со добра волја да му помогнат.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот