Се подготвува опера посветена на блажениот Иван Павле II

Рим, 11.7.2013 /к.мк/ – По најавата за прогласување за светец на Папата Иван Павле II, италијанската продукциска куќа Цикута Продуциони подготвува опера за животот на блажениот папа.

Операта под наслов „Карол Војтила: Вистинска приказна“ ќе раскажува за животот на саканиот полски Папа од неговото детство па сè до неговата смрт.

Една од авторките на операта Патриција Барсоти истакна дека папата Иван Павле II бил човек кој искусил бројни тешкотии и страдања.

„Секогаш им повторуваше на луѓето „Не плашете се!“, повикувајќи ги да најдат сили и да продолжат да одат напред. Тоа е многу значајно особено во времето на оваа страшна светска криза“, изјави Барсоти. Исто така додаде дека операта е наменета за возрасната, но и за младата публика и се надева дека во неа сите ќе пронајдат сила да веруваат во своите соништа тежнејќи истите да ги остварат.

Продуцентот Мауро Лонгин опиша дека се работи за личност која секогаш се борела против стравот, исто така нагласувајќи ги зборовите на Иван Павле II „Не плашете се!“. Во денешниот свет, повеќе од било кога, најзначајно е да не се плашиме од ризикот“, кажа Лонгин.

Операта е напишана на италијански јазик и очекуваат дека ќе биде изведувана следните пет години, а својата премиера ќе ја има во Рим на 8 декември. Претпремиерата ќе биде во октомври во Ватикан.

Веќе се договорени изведбите низ Европа и САД, а најавени се и изведби во Латинска Америка и Куба.

Интересно е што сè уште не е пронајден главниот актер кој ќе го отелотвори папата Иван Павле II.

„Тој не мора само физички да наликува на Папата туку треба да ја покаже и неговата личност и харизма. Мора да биде симпатичен и драг, истовремено и мистичен, но досега таква личност не сме нашле“, изјави Лонгин.

(Превод: Е.А. Преземено од: Лаудато)

Категорија: Свет

За авторот

Write a Comment

<