Сеправославен Собор на Крит: Мисијата на Православната Црква во современиот свет

Светиот и Великиот собор на Православната Црква ја започна својата работа со разгледувањето на документот под наслов „Мисијата на Православната Црква во современиот свет“. Од големо значење е што првиот текст анализиран од Соборот е токму овој посветен на мисијата.

Всушност, овој документ беше ставен на прво место на агендата на средбата на Крит, додека, пак во 1976 година за време на првата предсоборна средба, беше на последно. За првпат текстот беше објавен во 1986 година за време на третата предсоборна средба со наслов „Придонесот на Православната Црква за градење на мирот, правдата, слободата, братството и љубовта помеѓу народите и за отстранување на расната и другите дискриминации“. Тогашниот наслов кој остана како поднаслов на овој документ, беше несомнено обележан со лексиката и проблемите од епохата во која беше составен.

„Но во текот на годините бевме сведоци за развојот на бројни настани, како и на многу промени: политички, социјални и научни. Затоа Црквата не може да стои настрана од овие дискусии. Треба што поскоро да ги преобрази, црпејќи од изворот на својата богата и древна духовна традиција и така да дава нови одговори за нив. Тоа е процес кој Светиот Синод на Православната Црква, собран на Крит, се обидува да го активира во овие денови“. Ова го изјави отец Џон Хрисавигис, портпарол на Вселенскиот Патријархат на Константинопол, претставувајќи ги пред новинарите темите на кои разговараат деновиве патријарсите и архиепископите на десетте Православни Цркви собрани на Крит.

Работните сесии се одржуваат зад затворени врати, а секој ден од 15.30 часот Прес-центарот на Синодот организира брифинг со учество на некои од портпаролите на одделните патријарси на присутните Цркви.

Текстот разгледан во овие денови, се концентрира над основната мисија на Православната Црква: навестувањето на новиот човек, обновен во Христос. Дел од оваа мисија се однесува до „дијаспората“, прашање особено важно за Православните цркви, кои многу од нив имаат верници низ целиот свет. Тоа се заедници кои, иако живеат надвор од територијата на своите Цркви, продолжуваат да бидат дел од Патријархатите.

На работните сесии на 22 јуни, патријарсите и архиепископите разговарале и за православниот пост. Епископи од различни земји ги споделиле своите искуства од почитувањето на постот како дисциплина меѓу локалните христијани. Беше споделено и одобрено мислењето дека епископите, кои служат во најсиромашните региони на светот како Африка, каде населението страда од постојан недостиг на храна, треба да пројавуваат пастирска одговорност и да ги решаваат прашањата за постот според достапните можности.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Свет

За авторот