Свечена академија во МАНУ во чест на Јосип Јурај Штросмаер

Во организација на Католичката црква во Макеоднија, Претседателот на РМ проф.д-р Ѓорге Иванов и Македонската академија за науките и уметностите во четврток 11 јуни 2015 година беше организирана свечена академија посветена на Јосип Јурај Штросмаер, по повод 200 – годишнината од раѓањето и 110 години од смртта.

Академијата ја отвори претседателот на МАНУ академик Владо Камбовски, а за делото на хрватскиот бискуп и културеен деец најпрво се обрати претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов. Тој истакна дека благодарение на Штросмаер, гранката што била поткршена и речиси исушена, на изненадување на многумина зараснала и потерала.

Скопскиот бискуп и апостолски егзарх во Македонија монс. д-р Киро Стојанов истакна дека Штросмаер е човек кој со своето дело го надминал своето време и исчекорил во вечноста и додаде дека имал пророчки дух и визија за братство на јужнословенските народи поврзани преку своето духовно и културно наследство.

– Не знам дали досега имаше прилика на ова место да се искаже благодарност за широкото срце на бискупот Штросмаер, но тоа сега го правиме, рече бискупот Стојанов на свечената академија која МАНУ ја организираше по повод годишнините од раѓањето и од смртта на Јосип Јурај Штросмаер.

За личноста на Јосип Јурај Штросмаер и неговото дело зборуваше и ѓаковичко-осиечкиот надбискуп монс. д-р Ѓуро Храниќ, кој истакна дека две гесла ја обележале неговата активност: „Се за верата и татковината” и „Со просвета до слобода“. Покрај обединувањето и независноста на хрватскиот народ, Штросмаер се залагал и за преродба на сите словенски народи врз основа на културното и духовното наследство на Кирил и Методиј.

На академијата свое обраќање имаше и академик Блаже Ристовски, кој напомена дека кога се зборува за времето на бискупот Штросмаер, потребно е да се истакне дека Македонија во тоа време го има почетокот на свое самостојно духовно и културно будење со настојување за соединување со Католичката црква.

Бискупот Штросмаер го озвоможил објавувањето на Зборникот на народни песни на браќата Миладиновци, на 24 јуни 1861 во печатницата на Анте Јакиќ во Загреб, а зборникот претставува пресвртница во историјата на македонскиот народ и темелник на неговата оспорувана самобитност. Неговото појавување, за кое Константин Миладинов не наоѓал поддршка, било овозможено со финансиска помош на ѓаковичкиот бискуп Јосип Јурај Штросмер.

Зборникот на Константин Миладинов своето печатење го доживува токму во времето кога неговиот брат Димитар се бори за самостојна Црква во Македонија, која ќе биде во полно единство со Католичката Црква, односно со Апостолскиот престол во Рим.

Покрај погоре спомнатите учесници на академијата присутвуваше и Н.Б. г.г. Стефан, архиепископ на МПЦ – ОА, свештеници од Католичката црква, чесни сестри, академици од Македонија и Хрватска, амбасадорот на Р. Хрватска во Македонија и други почитувачи на делото на бискупот Штросмаер

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Македонија

За авторот