Светскиот молитвен ден на жените христијанки во Скопје

 Во петокот 7 март 2014 година, во Спомен куќата на Мајка Тереза во Скопје се одржа Светскиот молитвен ден на жените христијанки. Организаторки беа жените од Католичката црква, а учествуваа и претставнички од Евангелско-методистичката црква и Македонската Православна Црква. Оваа година тема на молитвата беше „Реки во пустината“ со која беа претставени жените од Египет. Овој настан започна со настап на Градскиот хор „Кочо Рацин“, а настапуваа и хоровите при Католичката црква, Евангелско-методистичката црква како и вокалната група „Смирна“.

Беше прикажана слајд проекција за Египет, а потоа следуваше рецитал во кој беа прикажани жените, кои денес живеат во Египет, проблемите со кои се соочуваат, но и успесите кои ги постигнуваат. Понатаму следеше сценски приказ на делот од Евангелието по Јован (4, 5-42) каде Исус се среќава со самаријанката. Рециталот заврши со молитви за жените во Египет за зголемување на шансите за образование на младите девојки како и заштита на вдовиците. Молитвата „Оче наш“ беше молена едногласно од сите присутни. Завршната реч ја имаше монсињор Антун Циримотиќ кој ги поздрави сите учеснички, а потоа заедно со пасторот Лазо Танчев ги благословија присутните.

Мисијата на СМД е поттикнување на екуменскиот, меѓуверскиот и меѓуетничкиот дијалог како и заедништво на жените од сите христијански цркви. Целта на молитвата е заедништвото во различностите, дела на милосрдие, хуманитарно делување, сочувствување со страданието на другите, љубов и себедарување.

Во текот на молитвата се собираат милодари. Поголемиот дел од собраните средства од целиот свет се праќаат во земјата која ја креирала молитвата за таа година. Со тие средства се помагаат различни образовни проекти, проекти за потикнување на културата, здравствената заштита и подобрување на положбата на жените во општеството.

 Ена Абјаниќ

Категорија: Македонија

За авторот