Светска средба на младите кои го одбрале посветениот живот

„Разбудете го светот” – е пораката на Светиот Отец до посветените лица низ целиот свет во годината посветена за нив (Година на посветениот живот), која исто така ќе биде водечки принцип на Меѓународната средба на младите кои се одлучиле за монашки живот, а која ќе се одржи во Рим од 15 до 19 септември 2015 година.

Со поднасловот „Евангелие – пророштво – надеж” се истакнати три јадра околу кои ќе се одвива средбата, организирана од Конгрегацијата за посветениот живот. Ќе се зборува за младите кои се наоѓаат непосредно пред новицијат, за периодот на расудување и искушение во времето на времените завети и во годината од полагањето на вечниот завет одреден од страна на самата заедница и Конгрегацијата.

Целта на средбата е формирање на животот и искуството преку Библиски продлабочување, теолошко – харизматични и еклисиолошки елементи кои се од фундаментално значење за посветениот живот. Ќе има можност да се споделат  сопствените искуства, желби и очекувања со другите не заборавајќи ги славењето и сведочењето на виталноста на монашките позиви. Средбата, која припаѓа меѓу другите иницијативи во годината на посветениот живот, предвидува моменти на заедништво, кои ќе се одржуваат наутро во салата Павле VI. Тоа ќе биде време на слушање. Во попладневните и вечерните часови се планирани средби на ниво на јазични групи: италијански, француски, англиски, шпански и португалски групи. Тоа ќе бидат моменти на споделување, славење и сведочење. Програмата исто така вклучува различни продлабочување, слушање сведоштва, дијалог со и меѓу младите монаси и монахињи. Ќе има и точка отворена за сите, како што е  молитвено бдение на плоштадот Свети Петар и завршна миса во Базиликата.

Презентирајќи ја оваа средба, надбискупот Жозе Родригез Карбало, секретарот на Конгрегацијата за посветен живот, во интервјуто за агенцијата Сир, објасни дека ќе бидат обработени„теми како почитта, братскиот односно сестринскиот соживот во оваа мисија”. Практично гледано, младите луѓе ќе бидат повикани да ги споделат своите радости и надежи со другите. „Очекуваме најмалку 5.000 млади луѓе од целиот свет” – изјави надбискупот.

„На почетокот сѐ изгледа важно, но со текот на времето се појавува ризик и претензија сѐ некако да падне во друг план” – нагласи надбискупот  – „предизвикот се состои во тоа да се зајакне идентитетот кој своето единство го пронаоѓа во главните елементи на посветениот живот: во заветот, братството и мисијата”- рече надбискупот. Затоа е неопходно длабоко единство во овие главни точки, а слобода во останатите.

Присуствувајќи на еден симпозиум во Тајланд, во Редемптористичкиот центар во Патаји, кардиналот, Жао Браз де Авиз, ги повика монасите и монахињите на повторно и пошироко разгледување на својот повик и мисија: „Не можеме да евангелизираме со оружје или политика, тука треба да ги љубиме луѓето на кои им служиме, ставајќи го Христос во центарот на својот живот”. Кардиналот, исто така, ги повика посветените лица заради сопствениот избор да не се чувствуваат подобри затоа што: „радикализмот на евангелието припаѓа на сите, не постојат христијани од прва или втора класа”. Потребно е да се промени начинот на однесување и да не се правиме важни со власт и пари, туку да бидеме подготвени на дијалог и сочувствување и да се ставиме во служба на периферниот свет.

РВ/Б.Р.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма 
Категорија: Ватикан

За авторот