Свети Јуда Тадеј

Свети Јуда Тадеј

Денес се празнуваат светите апостоли Симон и Јуда: првиот бил наречен Хананеец или „Ревнител“, а другиот Тадеј, што значи „Великодушен“. (…)

Библијата зборува многу малку за свети Јуда Тадеј. Пред сѐ раскажува само за тоа дека Исус го избрал да биде еден од неговите апостоли.

Свети Јуда бил еден од Дванаесетте апостоли, но не се поистоветува со истоимениот Јуда Искариотски, Исусовиот предавник. (…) Според Ивановото Евангелие, 14 глава, за време на Последната Вечера Јуда Тадеј го прашува Исус: „Господи, што е тоа дека сакаш нам да ни се јавиш, а не на светот?“ Исус му одговорил: „Ако некој ме љуби, ќе го пази словото Мое; и Мојот Отец ќе го возљуби, и ќе дојдеме при Него и живеалиште во него ќе направиме.“ По Вознесението, Јуда Тадеј исто така, според традицијата, отишол во светот да ја шири Христовата порака. Според некои, тој ја евангелизирал Месопотамија, според други Либија. Можно е исто така дека и тој починал маченички и бил погребан во Персија.

Јуда Тадеј е роден во Кана Галилејска, во Палестина, бил син на Алфеј (или Клеопа) и на Марија Клеопова. Неговиот татко Алфеј бил брат на свети Јосиф, а неговата мајка братучетка на Пресвета Богородица. При што Јуда Тадеј бил Исусов братучет, од страната на неговиот татко како и на неговата мајка. Алфеј (Клеопа) бил еден од учениците на кој Исус се појавил на патот до Емаус на денот на неговото воскресение. Марија Клеопова била една од побожните жени кои го следеле Исуса уште од Галилеја и кои останале под крстот, на Голгота, заедно со Исусовата мајка Пресвета Марија.

Јуда Тадеј имал четири браќа, од кои едниот исто така бил повикан од Исус да биде апостол: Јаков. (…) Јаков, еден од дванаесетте станал првиот епископ на Ерусалим. Симон, другиот брат на свети Јуда бил вториот Ерусалимски епископ, наследник на Јаков.

Откако Апостолите го примиле Светиот Дух, во Ерусалим Божјата Црква се распространила и почнала да ги ги евангелизира народите.

Свети Јуда Тадеј почнал да проповеда во Галилеја. Потоа заминал за Самарија и кон другите јудејски народи. Тој присуствувал на првиот Ерусалимски Собор, во 50. година.

Подоцна ја евангелизирал Сирија, Ерменија и Месопотамија (денешен Ирак), каде што му се придружил апостолот Симон „Ревнител“, кој го евангелизира Египет.

Свети Јуда Тадеј ревно проповедал и сведочел така што ги привлекол и ги освоил незнабожците од другите религии, и голем број од нив се преобратиле на хрситијанството.

Неговата приврзаност кон Нашиот Господ Исус Хрситос била целосна и безусловна. А за тоа сведочи тоа што го дал својот сопствен живот. Овој славен Исусов апостол го посветил својот живот за евангелизацијата. Бил неуморен во оваа задача, проповедувајќи го Евангелието и преобраќајќи многу души. Паганите, кои не им се допаѓал, почнале да го поттикнуваат народот против него.

Свети Јуда Тадеј и свети Симон биле уапсени и одведени во храмот на сонцето. Таму одбиле да се откажат Исус Христос и да ѝ се поклонат на божицата Дијана.

Тогаш била приликата кога Свети Јуда му рекол на народот: „Додека разберете дека овие идоли што ги обожавате се лажни, од нив ќе излезат демоните кои ќе ги уништат“. И во истиот момент два демони го уништиле целиот храм и исчезнале. Народот, огорчен, поттикнат од паганските свештеници, жестоко се нафрлил против апостолите.

Јуда Тадеј, апостол и маченик, во иконите е претставен како држи книга која го симболизира Словото Божјо кое тој го навестува, и меч кое било оружјето употребено за неговото мачеништво.

Според црковната традиција, свети Јуда Тадеј се смета за автор на Соборното Послание која го носи неговото име. Според содржината укажува дека ова Послание било упатено до еврејските христијани од Палестина, веднаш по уништивањето на градот Ерусалим, кога поголем дел од апостолите биле веќе мртви. Краткиот текст на свети Јуда Тадеј е едно сериозно предупредување против лажните учители и еден повик да се одржува чистотата на верата.

Се подразбира дека „Посланието од свети Јуда“ било напишано од човек страствен и загрижен околу чистота на верата и околу добриот углед на христијаните. Авторот сакал да напише едно поинакво писмо, но откако ја насетил погрешната гледна точка на лажните учители од христијанската заедница, итно го напишал ова писмо за да ја предупреди Црквата да биде претпазлива со нив.

Неговите мошто во моментот почиваат во базиликата Свети Петар во Рим. Неговиот литургиски празник е на 28 октомври, веројатниот датум на неговата маченичка смрт во 70. година.

Светци и блажени/З.А.

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот