Свети Јосиф работник

Свети Јосиф работник

Денешниот празник свети Јосиф Работник во црковната година ја воведува папата Пиј XII во 1955 година. Тој одредил свети Јосиф работник да се слави на 1 мај како заштитник на работниците.

Во 1889 година 1 мај бил одреден да се слави како празник на работниците. Токму оваа година и папата Лав XIII ја издал енцикликата “Quamquam plures“. Во неа ги повикува работниците и луѓето кои живеат во скромни услови да се угледат на свети Јосиф. Папата зборува како тој треба да им биде пример.

Во евангелието според Матеј се вели дека Јосиф бил дрводелец. „ Од каде при Него ваква премудрост и сили? Не е ли овој син на дрводелецот?“ (Мт 13, 54)

Но свети Јосиф не стана заштитник на работниците само затоа што бил дрводелец, туку затоа што бил подготвен да и служи на тајната за Исусовото овоплотување и делото на откупување. За секој од нас работата би требала да биде соработка со нашиот Господ во делото на спасението. Токму во тоа наш најголем пример може да претставува свети Јосиф.

Папата Пиј XII свети Јосиф го нарекол „најчист, најсветол, највозвишен од сите Божји созданија“.

Марксистичката идеологија која на прво место ја ставала „работничката класа“ мислела дека токму таа ги промовира и ги штити работниците. Меѓутоа некако се заборава дека пред Маркс работникот во христијанството бил промовиран и почитуван. Најпрво преку Исус Христос кој и самиот Тој работел и така ја посветил работата, а потоа преку неговите родители – Марија и Јосиф, кои биле работници и кои се мачеле да го спечалат секојдневниот леб.

Со воведувањето на празникот свети Јосиф Работник Црквата сакала и сака да обрати внимание на божественото упатство кое секој од нас го усовршува. Секој христијанин би тербало со својата работа да придонесува за остварувањето на Божјата промисла.

Богородица Лурдска/З.А.

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот