Свети Јосиф Работник

Свети Јосиф Работник

Во 1955 гoдина се воведува во црковната година празникот Св. Јосиф Работник, големиот папа Пио XII. Одредил тој празник да се слави на 1 мај, на денот „кој светот на работата го избира за свој празник.“

Во 1889 година т.н. Втора интернационала одлучила дека 1 мај ќе се слави како светски ден на работата. Истата година папата Лав XIII ја издава својата енциклика за свети Јосиф „Quamquam pluries“ и во неа „работниците и сите луѓе со скромни животни прилики ги упатува на свети Јосиф како модел и пример за наследување.“

Светото Писмо во Новиот Завет само на едно место го спомнува занимањето на Јосиф. Тоа е во Евангелието според Матеј каде се опишува враќањето на Исус во Назарет. „А штом дојде во својот роден крај, го поучуваше народот во синагогите нивни. И сите се чудеа и велеа: „Од каде при Него ваква премудрост и сили? Не е ли Овој син на дрводелецот?“ (Матеј 13, 54) Светото Писмо го спомнува свети Јосиф повеќе од 12 пати, а само еден пат зборува за неговото занимање. Не наведува ниту еден негов збор, ниту кажува нешто за свршетокот на неговиот живот. Бидејќи бил дрводелец, на прв поглед може да изгледа целосно оправдано да биде заштитник на работниците. Велам на прв поглед, затоа што на пример во Светото Писмо за свети Павле се зборува како за мануелен работник на 7 места. Тој самиот пишува „работејќи дење и ноќе.“ Сепак Црквата не го поставува свети Павле, туку свети Јосиф за пример на работниците. А кога тоа го прави, тогаш сака да каже дека секојдневното работење на свети Јосиф и неговата работа не биле само чисто напор, туку подготвеност за служење со верна послушност на таинството на овоплотувањето на Синот Божји и делото на откупувањето. А тоа мора да биде смислата на работата на секој работник христијанин.

Работата мора да биде апостолска служба, соработка со Христос на делото за спасение. И ако еден стар христијански писател – Псеудо Дионизије – запишал „дека од сите божествени дела, најбожествена е соработката со Бог за спасението на душите,“ тогаш и работата на христијанскиот работник, ставена во служба на спасението поприма божествени размери. Кога Пио XII го воведува празникот свети Јосиф работник мислел на „тивкото и верното посветување на секојдневната работа“, како што тоа го правел тој најголем молчелив човек – свети Јосиф, а воедно светец кој единствено го надминува Богомајката Марија. Пио XII не се двоумел да го нарече „најчисто, најсвето, највозвишено од сите Божји созданија.“ Тој гигант меѓу светците и духовните великани беше по занимање „дрводелец“ – столар, работник.

Марксистичката идеологија ги воздигнува работникот и мисли дека таа единствено го промовира неговото воздигнување. Но, одамна пред Маркс работникот во христијанството бил почитуван најпрво преку Христос кој работел и така ја посветил работата, а потоа преку оние кои Нему му се најблиски: Марија и Јосиф, а беа работници, луѓе кои со трудот го обезбедувале секојдневниот скромен леб. Оправдано е да се бориш за работничките права. Со воведување на празникот свети Јосиф Работник Црквата сака да предупреди на онаа божествена одредница која работникот христијанин најмногу го воздигнува и усовршува. Тој работејќи „придонесува за историското остварување на Божјите замисли.“ (Пасторална уредба II Ватикански собор Радост и надеж, бр. 34)

Битно.нет/к.мк

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот