Свети Трифун или свети Валентин?

Свети Трифун или свети Валентин?

Денес Црквата ги слави светиот маченик Трифун и светиот маченик Валентин. Можеби низ глава во овој момент ви поминуваат разни мисли и ставови за овие светци. Сосема легитимно право. Можеби се потсетувате на разните анкети од минатите години во кој одговорите се: овој е наш, овој не е! Овој е католички, а овој православен! Но пред да се навлезе во дискусијата за овие двајца прекрасни Христови маченици, потребно е да ги прочитаме нивните животописи. Без тоа би била сувишна секаква дебата и би било во стилот кажала – рекла. Нивните животописи може многу да ни помогнат за да ги запознаеме поблиску, а со тоа и ќе може да дискутираме на пристојно рамниште.

Ако внимателно ги прочитавте нивните животописи можеме да заклучиме неколку заеднички работи.

Првата работа е дека свети Трифун маченички го дава својот живот во 249/250 година, додека свети Валентин е убиен, не откажувајќи се од Христа на истиот датум 269 година на улицата Фламинија во Рим. Временската разликата на нивната маченичка смрт е околу дваесетина години. Тоа е трети век. И да не заборавиме во тој период Црквата била жестоко прогонувана, но не била поделена, туку една и Христова.

Втората е дека и двајцата умреле маченички за Христос. И двајцата се маченици  Христови. Нивната љубов е Христос и Црквата!

И трета работа и двајцата маченици се во календарите на двете традиции, односно ги слават и Православната и Католичката црква, но на два различни датуми. Првите на 19 јули го слават свети Валентин, а другите на 14 февруари. Добро е понeкогаш да се отвори верскиот календар. Од друга страна за одредени светци во одредени региони, земји и народи, е развиен култот кон некој светец повеќе, кон некој помалку. Но тоа не значи ако култот на некој светец не е развиен во одреден регион, земја или народ, не смееме или не можеме да се молиме да нè застапува кај Бог.

И да не се изненадиме од фактот што моштите на свети Трифун се наоѓаат во Католичката катедрала во Котор, Црна Гора. И во ова има прекрасна поука и знак на заедништво.

И за крај, кој сум јас да отфрлам или пак ги делам светите Христови маченици Трифун и Валентин на православни и католици, кога и двајцата се Христови! Затоа не отфрлајте ниту еден светец, туку молете се за да ве застапува кај Бога. Останете Христови.

о. Гоце Костов

Категорија: Колумни

За авторот