Свети пророк Илија

Свети Илија живеел во IX век пред Христос, во време кое било особено тешко и оптеретено со многу неволји низ кои минувал неговиот народ. Тоа било време на отпаѓање и неверност на единиот Бог. Затоа пророкот Илија бестрашно се исправил и ја бранел верата во Јахве. Посебно е позната неговата храбра борба против безбожниот цар Ахав. Илија се бори не само за Бог, туку и за угнетените. Тој исто така е Божји сведок пред паганите. Неговото чудесно вознесение на небото посебно ги окупира мислите на верниците. Како Божји човек „таинствено исчезнува пред очите на својата околина вознесен во виорот, во колите Израелови и коњаниците негови.“

Има нешто посебно во неговиот силен карактер кој бил ревносен за „Јахве, Бог над восјките“, а во еден момент преплашен и разочаран бега пред царицата Изавела која му порачала дека ќе направи со неговиот живот како што тој направил со животите на пророците на Ваал. Му било доста од сè, па уморен седи под смреката и сака да умре. Неговите зборови се посебни: Веќе ми од сè доста, Господи! Земи ја душата моја, бидејќи не сум подобар од татковците наши. Колку лесно можеме да се поистоветиме со него во тие негови тешки моменти.

Илија имал нешто во неговиот карактер што ги привлекувало неговите современици и оставал на нив силен впечаток. Се соочувал со смртта очи во очи. Со победата над смртта која ја совладал на синот на вдовицата од Сарепта ја навестил Христовата конечна победа над смртта. Пред царевите бил бестрашен. На гората Синај се сретнал со Господ по својата средба со Јахве станува извор на светост за својот народ. Една од неговите силни карактеристики е трагањето за Бог. Се повлекувал во тишина и осаменост за да биде со својот Господ. Бил стравствен барател и ревнител за сето она што е Божјо. Илија навистина е извонреден. Од една страна изгледа како оган и многу е ефикасен, а од друга страна бара моменти за тишина и се повлекува во мир, речиси исчезнува. Овде ни е посебен пример и поттик. Сите тие факти и настани укажуваат на неговата посебност. Тие кои сериозно го сфаќале настојувале да го следат. Света Тереза Авилска која го обновила кармелитскиот ред која била вдахната од традицијата на пророкот Илија исто така била исполнета со желбата да го види и сретне Бог. Зборувала и цврсто верувала: „Единствено Бог е доволен!“ – „Solo Dios basta!“ Да, само Бог е доволен и кој го има сè.

Илија посебно привлекувал со своето искрено послание кое верно го вршел пред Бог. Тој бил човек за таа работа, Божји „специјалец“ кој бестрашно ја извршувал својата мисија. „Секогаш кога Божјите права биле загрозени, Илија влегува во борба со своите громовни напади.“ Не ја бранел само верата кога била загрозена туку се заземал за праведноста и судбината на слабите и малите кои силните ги загрозувале и моќниците ги искористувале.

Гласник исусовци/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: духовнитекстови, Свет

За авторот