Свети папа Иван XXIII

Свети папа Иван XXIII

На 11 октомври Црквата го слави празникот на светиот папа Иван XXIII, кого историјата го памети како шегаџија и добродушен, а воедно и мудар старец кој имал храброст сета своја сила да ја препушти на делувањето на Светиот Дух. Затоа обично го нарекувале Иван Добриот, а познат е по свикувањето на Вториот Ватикански Собор во околност кога никој не го очекувал тоа од него.

Иван XXIII, односно Анџело Џузепе Ронкали е роден во селско дванаесетдетно семејство во местото Сото ил Монте во Северна Италија. Своето школување го започнал во семинаријата во близина на Бергамо, а потоа продолжил во Рим, каде што докторирал на теологија во 1904 година и истата таа година станал свештеник. Следната година ја поминал како професор на некои теолошки предмети во семинаријата во Бергамо, а во исто време бил и секретар на бискупот од таа бискупија.

За време на Првата светска војна тој бил најпрво во санитарната служба, а потоа како воен капелан, а после војната бил духовник во семинаријата сѐ додека не бил повикан во Рим каде што бил назначен за претставник на новоформираната италијанска комисија за ширење на верата. Потоа папата Пиј XI го одредил за дипломатска служба, па така дипломатски делувал во Бугарија, Турција и Грција, каде што добро се запознал со православието и исламот, што ќе придонесе за неговото подоцнежно делување како Папа, а пред завршетокот на Втората светска војна во 1944 година бил испратен во Франција, каде што исто така одиграл значајна улога во дипломатијата. (…)

Во дипломатијата останал сѐ до 1952 година, односно на таа служба бил околу 30 години, и тогаш се вратил во Италија и наскоро станал кардинал и надбискуп на Венеција. Кога починал папата Пиј XII, тој отишол на конклавата за избор на нов Папа, која започнала на 25 октомври 1958 година, на која учествувале 51 од вкупно 54 кардинали. (…)

Кардиналот Ронкали бил избран во 11. круг, по три дена (на 28 октомври 1958) и никој не верувал дека во својата 77-годишна возраст бил во можност нешто важно да придонесе.

Иако ниту самите бискупи не сметале на тоа, сепак Светиот Дух ја покажал својата моќ токму во овој старец, каков што другите го доживувале. Низок и „телесно заоблен“, едноставен и секогаш подготвен за шега, Иван XXIII, бил типично обичен селски свештеник, потполно различен од неговите претходници, како што бил папата Пиј XII, профинет, слаб, продуховен и по можност потомец на истакнати римски семејства. Во таа смисла дури и неговите надворешни карактеристики многу придонеле за стилот на неговиот понтификат.

Исто така, и самиот избор на името „Иван“ покажува за извонредната едноставност, со која овој иден светец живеел. Имено, во 15. век еден нелигитимно избран Папа го носел името Иван, па затоа по ред сите римски бискупи го избегнувале, но Ронкали едноставно со добра намера тоа го игнорирал, и го земал името Иван поради тоа што татко му така се викал, а и затоа што неговата парохиска црква каде што бил крстен била посветена на свети Иван. Поради овој принцип – во сѐ гледај само добро, тој го темелел својот живот и животот на Црквата на чие чело се нашол, и тоа се покажало исклучително вредно.

За помалку од три месеци откако бил избран за Папа, на крајот од молитвената осмина за единство на христијание – на 25 јануари 1959 година, новоизбраниот Папа ја изненадил групата кардинали кога им најавил за свикување на Сеопшт црковен собор. И покрај фактот што неговите соработници во Римската курија не биле воодушевени од оваа идеја, наскоро започнале подготовките за неговото свикување. (…)

По повеќегодишната подготовка, Соборот свечено бил отворен на 11 октомври 1962 година на кој присуствувале 2540 бискупи и други соборски отци. Освен литургискиот дел, важно  да се нагласи извонредниот говор на папата Иван XXIII на латински јазик, под насловот „Се радува мајката Црква“, во траење од 35 минути, а кој многумина го проценуваат за најважен допринос на овој папа за целиот негов понтификат.

Особено во овој говор ја нагласува потребата за читање на знаците на времето, односно потребата дека Црквата треба својата обнова да ја врши во самата себе и при тоа да пронајде подобри можни начини за дијалог со другите, со неисклучително наметнување на своите ставови и со догматска строгост, која не ги признава фактите доколку не размислуваат исто како неа, туку напротив ослушнувајќи ги потребите на современиот човек и општеството, кои често се изложени на поинаков поглед на реалноста, и затоа токму задачата на Црквата е преку осовремена теологија да внесува радост и вистински мир околу нас. Покрај тоа, Папата нагласил дека станува збор за екуменски собор, оној кој во одредена смисла сака да ги обедини и да ги почитува сите христијани, како и за тоа дека Соборот пред сѐ е од пасторална, а не апологетска природа. (…)

Папата Иван XXIII не го доживел крајот на Вториот ватикански собор, туку во мај 1962 година доживеал излив на крв во мозокот, а на 2 јуни 1963 година го завршил својот овоземски живот. На неговиот погреб биле присутни многу повеќе луѓе отколку на погребите од било кој поранешен Папа, што е резултат од неговата отвореност и добронамерност, но исто така и за техничките можности кои порано не биле достапни до тој степен. За време на својот понтификат објавил 8 енциклики, од кои 2 се многу познати – „Mater e Magistra“ (Мајка и Учителка во 1961 година) и „Pacem in teris“ (Мир на земјата во 1963 гodina.); именувал нови 52 кaрдинали, а особено познат ќе остане поради честото дипломатско посредување, како на прimer во Кубанската криза или во дипломатските односи со комунистичките земји од Средна и Источна Европа со цел да се олесни позицијата на тамошните католици.

Папата Иван XXIII бил многу омилен и едноставен, па затоа е наречен и Добриот Папа или уште поедноставно Добриот Иван. Папата Иван Павле II во 2000 година го прогласи за блажен, а на 14 април во 2014 година, папата Фрањо, заедно со папата Иван Павле II, ги прогласи за светци. Неговиот празник се слави на денот на отворањето на Вториот ватикански собор – на 11 октомври.

Вера и Дела/З.А.

Таг: Добриот Папа – Иван XXIII

Клучни зборови: папа Иван XXIII, Добриот Папа, Анџело Џузепе Ронкали, Втор Ватикански Собор,

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот