Свети Константин и света Елена

На 3 јуни Црквата ги слави свети Константин и света Елена, неговата мајка, која со својата побожност, едноставност и тешкиот живот ја сведочеше моќта на раната прогонета Црква.

Исто така таа со својата цврста доверба во Бога им била инспирација не само на својот син кој наредил дека прогоните на христијаните мора да престанат, туку и на многу други христијани кои во новите услови на слобода и понатаму го продолжиле својот религиозен живот каков што во својата стравопочит кон Бога го водела светата Елена.

Света Елена била мајка на царот Константин Велики, кој историјата го памети како оној кој ги забранил бруталните прогони на христијаните, а кои траеле од самите почетоци на црквата, па сѐ до 313 година. Иако оправдано може да се забележи дека самиот цар никогаш не станал христијанин во полна смисла на зборот, туку се крстил дури на смртна постела, воспитанието кое му го дала неговата мајка, како и нејзината понизност и подготвеност за поднесување на неправди, секако влијаеле на одлуката на царот за давање слобода на христијаните и за изедначување на христијанството со другите религии во Римската империја.

Света Елена е родена околу 250 година, во градот Дрепанон (кој според нејзиното име ќе биде наречен и Хеленополис), во тогашната покраина Витинија во Мала Азија. Иако подоцна ќе стане царица, таа е родена во многу сиромашно семејство, каде што морала да работи тешки работи, а во преданијата е запишано била и слугинка која работела во штала. Додека работела како слугинка ја запознал нејзиниот иден сопруг, истакнатиот војсководец Констанциј Хлор. Меѓутоа, кога Констанциј станал цар, морал да ја напушти, бидејќи законот налагал царицата мора да биде од благородна крв.

Така нејзиното место го заменила царицата Теодора, додека света Елена останала во позадина. Како христијанка во период на сѐ уште прогонуваното христијанство, таа живеела скромно, побожно и повлечено. Така било сѐ додека не починал Констанциј, односно додека на неговото место не дошол Костантин, синот негов како и на света Елена. И во 306 година Костантин ја повикал мајка си во дворецот и ја одликувал со сите почести, ѝ дал пристап до царската ризница, издал да се коват монети со нејзиниот лик, и ѝ ја дал титулата Августа, односно и овозможил да биде царица во полна смисла на зборот.

И покрај ваквите почести, света Елена и понатаму останала скромна и понизна, претпочитувајќи дека човековото богатство се состои во духовните, а не во материјалните добра. Својот нов начин на живот го искористила така што на полесен начин им помагала на сиромашните, давајќи им пари и облека, а исто така подеднакво се грижела и за многу други неправедно прогонувани, осудувани, болни и тие кои имаат најразлични потреби. Преданието вели дека таквите отфрлени и презрени луѓе знаела да ги доведува во дворецот и таму сама ги послужувала.

Нејзиниот живот и христијанската определба го поттикнале царот Константин да им даде слобода на христијаните, со што во таквите околности мајката царица можела да гради цркви и капели, а во тој период Црквата преминала од катакомбите во пристојни места во кои можело отворено да се слави Бога.

Својата побожност и вера сакала да ја уцврсти уште повеќе и во 326 година тргнала на поклонение во Светата Земја. Според преданието, но без неспоредна историска потврда, наредила да се ископува на Голгота и таму го пронајдела Христовиот крст. Во времето на Константин таму била подигната базиликата на Светиот Гроб, а преданието вели дека токму света Елена дала наредба да се изгради.

Иако со сигурност не се знае кога и каде починала, преданието го наведува како датум на нејзината смрт 18 август 330 година, а местото каде што починала било Костантинопол (Цариград) или Никомедија. Телото ѝ било пренесено во Рим и таму било погребано во саркофаг, а денес тие нејзини посмртни останки се чуваат во еден од ватиканските музеи.

Кратко време по нејзината смрт христијаните почнале да ја слават како светица и голема жена, а се прославува како заштитничка на преобратените, на археолозите, на проблематичните бракови, на разведените брачни другари.

Вера и дела/З.А

За авторот