Свети Иван Крстител

Свети Иван Крстител

Постојат два назива наменети за Иван. Обично е наречен Иван Крстител, оној кој крштева, но исто така честопати го нарекуваме Претеча, оној кој претходи, кој оди пред Господа подготвувајќи му го патот. (…)

Крстителот би рекол: „Дојдете кај мене, ќе ви го покажам патот на преобраќањето и ќе ве крстам!“; додека Претечата би рекол: „Јас го подготвувам патот на друг, на Јaгнето, кого Бог го испрати да ги земе гревовите на светот, затоа одете кај Него!“.

Крстителот можеби би рекол „Дојдете кај мене да ве научам на она кое треба да го правите, Претечата сепак би рекол „Одете кај Него, одете кај Исус, Тој е Оној кој учи за патот на вистината“.

Крстителот исто така би рекол „Дојдете со мене, заедно со мене да му се спротивставиме на злото, на неправдата, на ароганцијата на оние кои ги угнетуваат другите со нивната моќ“. Додека Претечата вели „Следете го Исуса затоа што Тој е Оној кој треба да дојде, Младенецот кој ќе го исполни сојузот со својот народ, јас сум само пријател на Младенецот, оној кој ја подготвува невестата за веселбата“.

Всушност, постои како едно преобраќање помеѓу Крстителот кој го повикува мноштвото од пустината, и Претечата кој речиси ги испраќа учениците велејќи им „Еве го Јагнето Божјо, Него следете Го!“.

Ова преобраќање помеѓу повикувањето кон себе и испраќањето до Исус, можеби е преобраќање кое овој празник го бара исто така и од секого од нас, затоа што секој од нас го живее ова искушение да привлекуваме сé кон себе, да се ставиме во центарот на светот, да кажеме „јас знак како стојат работите, јас можам да поучувам, јас сум важен“.

Можеби ова преобраќање е предложено исто така и за секоја заедница. Црквата навистина треба да ја живее своето послание и можеби Црквата треба појасно да го примени зборот кој Иван Претеча го вели: „Кој сум јас? Јас сум само еден глас, глас кој вика во пустината: Подгответе го патот за Господа! Друг е оној кој вие го очекувате, друг е оној кој треба да му одите во пресрет“. И затоа Црквата е повикана не да ги повикува кон себе за да ги задржи, туку пред сé да ги испрати да се движат кон Господа; Црквата не се грижи за себе, за сопствениот успех, за престижот кој го ужива во своето време, туку Црквата се грижи за подготовка на веселбата затоа што младоженецот доаѓа да создаде нов сојуз, да се ожени за човештвото. Црквата не се става во центарот на светот повикувајќи ги сите да кружат околу неа, туку се чувствува повикана да го бара Оној во кого сите работи го наоѓаат сопственото значење. Ете, Црквата е гласот, Црквата е знакот, Црквата е повикот да се оди понатаму, да се бара Царството Божјо, да се бара Исус.

Можеби ова размислување за Иван Претеча, ова размислување за Црквата како знак на нешто поголемо, т.е. на Царството Божјо, е едно размислување на нашите заедници систематизирани во инерција, заедници затворени во претпоставките велејќи „ние сме добри, ние сме способни сé да направиме, ние сме жива заедница која е доволна за нас самите“. Но сепак постои ризик дека секоја заедница ќе се затвори во еден вид на парохијализам, во еден вид на обид да привлекува кон себе и речиси да каже „ние сме избалансирани, помеѓу себе се чувствуваме добро и овде кај нас се живее она што е најважното“. Но, Црквата не е еден вид на систематизирана заедница во убедувањето дека е доволна самата за себе; туку пред сé таа е народ во движење, таа е глас кој повикува, таа е предлог кој повикува да се оди над самата себе. Затоа и ние сме повикани да градиме и да бидеме живи камења на една Црква која е во послание, која е посветена повеќе да го навестува Царството Божјо отколку да се брани самата себе. Тоа е Црквата која е погорлива за желбата да го сретне својот Господ отколку да се повлече од страв, приврзана за нејзината сигурност, бавна во отворањето на новостите на Светиот Дух. (…)

И ние денес може да измолиме, нашите заедници да бидат заедници кои испраќаат, кои праќаат, кои велат „да одиме над самите себеси затоа што треба да бидеме знак на Царството Божјо! Исто така и парохиите се една точка на поаѓање, една повик да се каже „никој не е доволен сам за себе, никој не треба да биде затворен во самиот себе, да одиме понатаму! Треба да се движиме, треба да ги собереме сите, треба на сите да им викаме дека постои Царство Божјо кое доаѓа и кое нé чека! Не е овде! Затоа Црквата секогаш треба да биде во движење!“.

Затоа треба да ја измолиме оваа милост: Исто така и ние, секој од нас, да го победи овој вид на непобедливо искушение за да се стане центар на светот; плановите на нашите заедници да го надминат ова искушение на инертен и конзервативен парохијализам; да станат млади заедници, заедници кои велат „еве го Јагнето Божје, еве ја причината за надежта, еве го Оној кој треба да дојде! Одете му во пресрет на Христос Господ!“

Монс. Марио Делпини/З.А.

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот