Свети Иван Златоуст

Свети Иван Златоуст

Денес го празнуваме споменденот на свети Иван Златоуст, најголемиот црковен говорник

Од 5 век свети Иван Златоуст му се дава чест во целата Црква, во Источната и Западната, како храбар сведок и заштитник на верата. Неговото научување и проповедничката активност како и грижата за светата литургија уште на самиот почеток му донесоа признание да биде вброен во црковните отци и црковните научители. А веќе во 6 век  го стекнува називот „Златоуст“.

За свети Иван единството на Црквата, кое се реализира во Христос, се искажува на посебен начин во Евхаристијата. Затоа и го нарекле „учител за евхаристијата“ (Doctorus eucharisticus) на основа на сеопфатното и длабоко негово учење за пресветата Тајна Евхаристија. Тој поучуваше дека светотаинското единство на евхаристијата е темел на црковното единство изградено во и преку Христос.

“Со сигурност постојат многу работи кои нас нѐ држаат заедно. Трпезата е поставена за сите… на сите им е понудено исто питие или всушност, не само исто питие, туку и иста чаша. Нашиот Отец, кој нѐ води со нежна љубов, исто така одредил да пиеме од истата чаша, како што тоа ѝ доликува на длабоката љубов.“

Ниту еден црковен писател толку темелно и со толку чувства не го толкувал текстот од Светото Писмо како што тоа го правел Иван Златоуст. Неговата ревност била причина од жестокото противење против него. Претрпел прогонство каде што и починал. (…)

Свет Иван се родил помеѓу 344 и 347 година во Антиохија, Сирија. Неговиот татко Секунд бил висок службеник во римската војска. Починал набрзо по неговото раѓање, а Иван, против волјата на неговата мајка, се повлекол во ридовите каде меѓу монасите поминал многу строг живот на молитва и покора. Заради лошата здравствена состојба, неможејќи да ги издржи сите барања на строгиот монашки живот, се вратил во Антиохија каде што епископот Мелетиј го ракоположил за ѓакон. Тогаш имал 23 години. Пет години подоцна бил ракоположен и за свештеник. На овој позив му давал предност пред монашкиот, велејќи дека помеѓу едниот и другиот има многу голема разлика како ‘помеѓу положбата на обичниот жител и царот’. Откако стана свештеник, Иван со особена ревност се посветил на проповедничката служба, бидејќи за неа поседувел неверојатен талент. Честопати како проповедник го заменувал и неговиот епископ кој и не се одликувал со елоквентноста.

Свети Иван цели дванаесет години во Антиохија со голема ревност ја вршел проповедничката служба. Проповедувајќи, пред очите имал јасна цел: да го навестува словото Божјо, но исто така и директната борба против пороците, кои тогаш владееле во градот. Беше громогласен против паганските обичаи, против старите страсти и игрите по циркузите и театрите како и против славењата.

Во 397 година свети. Иван Златоуст станал епископ на првиот епископски престол на Исток, а исто така и проповедник во царскиот двор. Неговата проповедничка вештина веројатно при овој избор дошла во прв план, но оние кои го предлагале за во Цариград не знаеле дека во него се крие вистински монах и пастир, кој луѓето нема да ги остави во нивниот мир, туку ќе ги поттикнува на преобраќање. Иван како реформатор ќе се сплетка со многумина, ќе доживее осаменост и ќе заврши во прогонство.

Свети Иван во Цариград на посебен начин се грижел за сиромавите и напуштените. Отпорот за неговата работа, поврзана со различните интриги, започнал од некои дворски дами кои имале големо влијание на царицата Евдоксија. Но, исто така отпорот доаѓал и оддалеку, од александрискиот патријарх Теофил. Мотивот за напад бил фактот што Златоуст кај себе примил четворица монаси прогонети од александрискиот патријарх. Теофил, непријателски настроен кон Цариградскиот патријарх, дочекал и преминал во напад на него, потпомогнат од неколку незадоволни епископи.

Во 403 година патријархот Теофил свикал свој Синод, таканаречен „синод кај дабовите“, кој го симнал Златоуст од епископскиот цариградски Престол. И свети Иван бил осуден на прогонство надвор од Цариград. Тоа траело кратко, поради општото незадоволство во градот, царицата Евдоксија побарала да се повлече царскиот декрет и свети Иван се вратил во Цариград. Но, набрзо свети Иван бил осуден на второ прогонство. Тогаш засекогаш се опростил од својата епископска црква. Починал на 14 септември, 407 година во Коман, Ерменија, по должината на Црното Море. Според традицијата, неговите последни зборови биле: „Слава на Бога за сѐ!“

Од сите списи на свети Иван зЗлатоуст најпознат е „За свештенството“. Тоа е еден од бисерите на светоотечката литература, а денес е преведена на многу јазици. Делото е напишано околу 382 година.

Лаудато/З.А.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот