Свети Иван Богослов

Свети Иван Богослов

Историчарите од раното христијанство сметаат дека апостолот Иван по сите настани со Христос, останал во градот Ерусалим, сé до успението на Исусовата Мајка, која Исус на крстот токму нему му ја доверил. Традицијата која потекнува од 2. век, тврди дека Иван, почнувајќи од 60. година, делувал во Ефез, во Мала Азија, поставувајќи епископи и основувајќи христијански заедници. Доживеал длабока старост и починал со природна смрт во почетокот од владеењето на царот Трајан, околу 100. година.

Апостолот Иван во себе ги обединува не само апостолскиот и после апостолскиот период, туку ја одржува новата ситуација на христијанството по разорувањето на градот Ерусалим во 70 година. Неговото Евангелие, кое Климент Александријски го нарекол „пневматско – духовно“, напишано е за христијаните кои потекнуваат од паганството. Тој сака во нив да ја утврди верата во Месијанството и Божеството на Исус Христос. Освен на Евангелието, тој е автор на трите соборни посланија и на Откровението. Сите тие книги се полни со најдлабока теологија. Така во Евангелието зборувајќи за настаните, укажува и на нивното длабоко значење откривајќи им го нивното симболично значење.

Ориген на почетокот од 3. век пишува: „Цветот на Библијата се Евангелијата, а цветот на Евангелијата е Ивановото Евангелие.“ Ивановите Посланија, особено првото, можат да се наречат „посланија на љубовта“, бидејќи во нив 31 пати е употребен глаголот „љуби“ и 21 пати именката „љубов“. Свети Иван ни ја дал и најпрекрасната дефиниција за Бога: „Бог е љубов!“ (…)

Божјата љубов кон човекот најпрво се покажала во таинството на создавањето на човекот. Човекот е единствениот кој е создаден според образот и подобието Божјо. Бог го направил сличен на Себе. На нас луѓето Бог ни го дарувал достоинството на деца Божји. Бог нé создал како пријатели и соработници. Ни дал способност да љубиме и да создаваме.

Човекот со првородниот грев и со секој друг грев кој покасно го направил, ја негирал својата човечност, сличноста со Бога и со достоинството. Тогаш Бог повторно покажал колку нé љуби. Ни се објавил со цел да нé поведе на патот на љубовта, и во полнотата на времето го испратил својот Син кој со смртта на крстот го обновил достоинството на паднатиот човек. Со Исусовата Смрт сите сме спасени од вечната смрт и од пропаста. Ни било овозможено и по трет пат да ја осетиме Божјата љубов. Бог Исус Христос ја земал нашата човечка природа со цел секој од нас да би имал можност да стане учесник во неговото божество. Исус со своето овоплотување и раѓање покажал колку го цени човекот и како може да се биде човек. (…)

Исус со повикот „следете ме“, го повикал и младиот ученик кого Исус го љубел. Свети Иван, млад човек со чисто срце, тргнал без да праша: Каде? Ниту зошто? Тој ја напуштил куќата на неговиот татко и го следел Учителот на сите патишта, сé до Голгота.

На Божјата љубови и ние првенствено одговараме со својот живот, и пред сé со верата. Не е можно без вера да го разбереме таинството на Божјото овоплотение и раѓање. Особено не начинот кој Бог го избрал. (…)

Вистинската вера нé води до вистинската радост, која не се наоѓа во забавите, туку во делотворната близина и во љубовта. Вистинската вера може да се оствари доколку срцето и рацете се топли од љубов и од вера. Вистинската вера води до вистинската радост, а таа до вистинската благодарност. (…)

За тоа ни зборувал, сведочел и со пример ни покажал светиот апостол Иван. Затоа најпрво треба да подготвиме благодарно срце, кое ќе биде свесно за своите слабости и својата грешност, но и за Божјата големина и љубов, која го прифаќа, го воздига и го води.

Со љубов да се помолиме за зголемување на Христовата љубов во нас, заедно со Мајка Тереза од Калкута:

Господи Исусе,

Кој сé си создал со љубов,

си се родил со љубов,

си служел со љубов,

си делувал со љубов,

си трпел со љубов.

Ти благодарам за твојата љубов,

кон мене и кон целиот свет.

Секој ден те молам:

научи ме и мене да љубам.

Амин.

Фра Мате Тадиќ/З.А.

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот