Свети Великомаченик Димитриј Солунски

Светиот великомаченик Димитриј Солунски е роден во Солун од благородни и благочестиви родители. Измолен од Бога од бездетните родители Димитриј беше син единец, заради што е воспитан со големо внимание. Татко му бил војвода солунски, а по неговата смрт Димитриј е поставен за војвода на неговото место. Откако го постави за војвода, христоборниот цар Максимијан му препорача да ги гони и убива христијаните што се во Солун. Но Димитриј не само што не го послуша царот, туку напротив, јавно Го исповедаше и Го проповедаше Христос во градот Солун. Кога слушна за тоа царот Максимијан многу се огорчи на него и доаѓа во Солун лично да се увери. Го повика војводата Димитриј и го испитуваше за верата. Димитриј пак јавно пред царот призна дека е христијанин и го изобличи идолопоклонството на Максимијан. Разлутен царот го фрли Димитриј во затвор.

Но, заслепен од власта и многуте други демонски пороци, царот нареди да го фрлат во темница додека не смисли казна достојна за неговата висока положба, надевајќи се дека Димитриј ќе се откаже од верата во Бога. Но љубовта кон Бога беше неуништива, не само кај младиот Димитриј, туку и кај многубројните христијани, меѓу кои беше и едно момче по име Нестор. Нестор многу го почитуваше и сакаше својот духовен учител свети Димитриј. Младиот Нестор слушна како царот Максимијан бездушно се забавува среде христијанскиот Солун. Имено, тој од некој свој крвав поход донел некој огромен мегданџија, варваринот Лиј, кој го забавуваше царот така што насилно донесените христијани ги фрлаше од бината на остри копја. Затоа Нестор побрза кон темницата во која беше Димитриј молејќи го да му даде благослов за да излезе во борба со варваринот Лиј и да го спречи понатамошноот злосторство. Димитриј го благослови, но го предупреди дека може и да настрада. Но, Нестор ни малку не се уплаши, туку пристапи на арената кај горостасот и со Божја волја го фрли од неа на истите остри копја на кои се пролеваше христијанската крв. Царот страшно се разгневи и нареди Нестор веднаш да биде убиен.

А кога царот дозна дека Нестор излегол во борба со благослов на светиот Димитриј, нареди и него да го избодат со копја. Во 306 година царските војници влегоа во јамата каде беше фрлен Димитриј заедно со својот слуга Луп и го затекнаа како се моли. Го убија, а неговото тело христијаните тајно го зедоа и достојно го погребаа.

За авторот