Свети Валентин: Културата да не го елиминира Бога

Свети Валентин: Културата да не го елиминира Бога

Свети Валентин, Христов сведок и маченик за верата и љубовта, особено е заштитник на сите оние кои се поврзани со сладоста и со огнот на љубовта. Пораката на Свети Валентин и денес е актуелна: вистинската, верната и вечна љубов можна е исто така и во нашето време доколку не дозволиме да бидеме заведени од краткотрајноста и од културата на трошење, а е потхранувана и заштитувана со секојдневната понизност, со верата во Бога, со постојаната молитва, со трпеливоста и со континуираното простување. Свети Валентин, епископ и маченик за љубовта, продолжува да ги заштитува сите верници, како денес, исто така и за социјалната, граѓанската и верската иднина на своите деца. Свети Валентин прави сите да растаат во солидарноста и љубовта; на вљубените, на младите и на помладите им дарува способност да ја откриват, да ја вкусуваат и да ја чуваат радоста на една вистинска верна и вечна љубов.

Долгото епископство на свети Валентин бил обележен со еден свет живот, со горлива пастирска ревност и со многу чуда. За време на прогонувањето од императорот Аврелијан, додека го проповедал Евангелието на Љубовта, заради омраза на верата, бил обезглавен на 14 февруари 273 година на улица Фламинија во Рим.

Неговите мошти се чуваат и почитуваат под олтарот во Светилиштето во Терни. За него можат да се применат буквално зборовите од Евангелието според Иван: „Јас сум добриот Пастир: и ги знам Моите овци, и Моите овци Ме знаат Мене, така како што Мене Ме познава Отецот, така и Јас го познавам Отецот и ја полагам душата моја за овците“.

Вистинската побожност свети Валентин ја имал пред сѐ во иконата на Христос Пастир и Сврштеник, модел на секое мачеништво, првенец во себедарувањето, сведок на љубовта кон Бога и кон ближниот, живеејќи во конкретноста на човечките односи. Затоа, неговото плуриформо и планетарно предано движење, макар со сите негови двосмислености, компликации и недоразбирања, не е туку така дојдено; бројните легенди кои го вклучуваат свети Валентин како заштитник на верениците, иако не може историски да се докажат, сепак имаат заедничка теолошка основа: Валентиновото навестување на брачната љубов на Христос и на Црквата е впишана во настанот од овоплотувањето на Божјиот Син.

Всушност, овоплотувањето – кое воспоставува божествено-човечки принцип како оригинална структура на христијанскиот настан – е премиса, основа и првично остварување на црковниот настан, кој исто така и овој е една брачна тајна, тајна на Христос кој ја сака Црквата, и се даде себеси за неа, како што пишува свети Павле, кој оваа тајна ја става во основа на односот меѓу мажот и жената. Затоа, разликата помеѓу мажот и жената не е една опција, туку еден „позив“ да влезе во неискажливата игра на животот како што Бог го имал во својата Премудрост, т.е. да бидаат „на негова слика и прилика“: човекот и жената, во нивните „битие-маж“ и „битие-жена“, ја одразуваат мудроста и добрината на Создателот. Но денес, како во времето на свети Павле, има такви кои веслаат во спротивен правец. На западот, машината на медиумскиот и културен консензус работи со  полна брзина, и постепено ги доведува мажот и жената да ја изгубат свеста за оригиналната вистина, впишана во нивната машкост и жевственост. На тој начин напредува една пустина, каде што сѐ е еднакво и индиферентно; каде што изворите на животот згаснуваат.

Романо Гуардини, голем католички италијанско-германски филозоф и теолог, на средината од минатиот век предупреди дека со напредокот на науката и на техниката се создава разбирлив оптимизам, кој се смета за „разочарување“ на светот. Всушност, дваесеттиот век бележи еден од најмрачните периоди во историјата, со две светски војни, милиони жртви и силен пад на европската цивилизација. Денес, во втората половина од втората деценија на 21 век, постои опасност од нова антрополошка кратковидност: единствената доминантна мисла – егоистично произлезена од една слобода без вистина – не ги сфаќа штетните последици, на штета на човештвото и на самата демократија, од една „култура“ која, наместо да ја промовира и да ја заштитува, таа ја уништува „мајката природа“. Една култура која сака да се изгради елиминирајќи го Бога, не може да успее, поради едноставниот факт што Бог постои.

Сега, не станува збор за намалување на развојот на човечките потенцијали, туку да им се даде една „душа“, една „форма“, која ќе ги направи способни да растат во плодноста од етиката на одговорноста. Затоа неопходна е самокритика на модерното време, за да се откријат повторно нашите корени и да ја повратиме вистината која нѐ прави слободни и способни да ја живееме во љубовта.

Свети Валентин може и сака да ни помогне, како и во минатите векови, правејќи во оваа земја „луѓе со добра основа“. Но треба сите да го слушаме неговото учење и да го имитираме неговиот пример, одејќи без одлагање по патеките на верата, надежта и љубовта“.

Монс. Ернесто Веки/З.А.

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот