Светиот Престол и Палестина постигнаа согласност за договор

Заврши работата на билатералната комисија меѓу Светиот Престол и Палестинската држава за дефинирање на текстот за Општиот договор, изработен по основниот договор потпишан на 15 февруари 2000 година.

„Претстои одобрување на текстот од соодветните државни институции, а потоа ќе биде одреден датумот за потпишувањето на договорот меѓу двете земји“, објасни ватиканскиот портпарол отец Федерико Ломбарди.

Во интервју за ватиканскиот весник Осерваторе Романо, монсињор Антоан Камилиери, потсекретар за Односите со земјите и шеф на ватиканската делегација која учествуваше на средбата, објаснува дека „како и сите договори потпишани од страна на Светиот Престол со други држави, овој има за цел да го помогне животот и дејноста на Католичката црква, како и правното признавање за поефикасно служење во општеството“. Поконкретно договорот ги уредува: „слободата на делување на Католичката црква, правните прашања, личниот статус, култните места, социјалните и хуманитарните активности, средствата за социјални комуникации и прашањата од финансиски и имотен карактер“.

Заедно со тоа, „текстот на договорот ја изразува желбата за решавање на палестинското прашање и израелско-палестинскиот конфликт во рамките на одлуката за две одделни држави (Two-State Solution) и резолуциите на меѓународната заедница…“, додава монсињор Камилиери.

На крајот ватиканскиот дипломат изразува надеж дека „постигнатиот договор може да им помогне на Палестинците за воспоставување и признавање на независна палестинска држава, суверена и демократска, која живее во мир и безбедност со Израел и соседните држави“. Од друга страна, договорот „може да ја охрабри меѓународната заедница, особено заинтересираните страни за донесување на одлучна акција за постигнување на траен мир и одлука за две држави“.

Палестинската делегација беше предводена од амбасадорот Рава Сулејман, заменик-министер за надворешни работи на Палестинската влада.

Постигнатата спогодба е плод на договорот потпишан на 15 февруари 2000 година меѓу Светиот Престол и Организацијата за ослободување на Палестина (ПЛО). Официјалните односи меѓу Светиот Престол и ПЛО беа воспоставени на 26 октомври 1994, а подоцна беше воведена и билатерална постојана работна комисија, која ја продолжи работата по договорот од 2000 година.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот