Светиот Отец: Во потполност и храбро сведочете ја верата

Ватикан, 6.4.2013 /к.мк/ – „Во потполност и храбро сведочете ја верата”. Тоа е повикот на Папата Фрањо упатен за време на Литургијата, која ја служеше во капелата на домот Света Марта во Ватикан, на кој присуствуваа едно аргентинско семејство и монахињи од Конгрегацијата на „Свети Јосиф” и „Пресвета Богородица на Милосрдието”.

Во кратката проповед Папата говореше за читањата од светата Литургија наменти за сабота по Воскресението Христово. Првото читање говори за Петар и Иван, кои, и покрај заканите, бестрашно сведочат за верата пред јудејските управници. Евангелието пак говори за Воскреснатиот Христос, кој ги укори апостолите „за нивното неверие и жестокосрдечност, зашто не им веруваа на оние, кои Го видоа воскреснат.“ (Марко 16,9-15)

„Која е нашата вера? Дали таа е доволно силна? Дали кога се соочуваме со тешкотии, сме храбри како и Петар или пак се плашиме“ праша Светиот Отец на почетокот од својата проповед. Петар не ја премолчува својата вера, не прави компромиси, бидејќи за верата не може да се преговара, истакна папата Фрањо. „Во историјата на Божјиот народ секогаш постои искушението нешто да се отстрани од верата“, искушението да се „биде како другите“ да не „бидеме премногу строги“ – рече папата Фрањо. Но кога ќе започнеме да отстрануваме нешто од верата, да преговараме за неа, да ја продаваме на оној кој ќе ни понуди најдобра цена, одиме по спротивниот пат: пат кој не е во преданост кон Господ.“

„Примерот на Петар и Иван ни помага, ни дава сила, рече папата. „Но во историјата на Црквата, па сé до денес има многубројни маченици и за да ги најдеме не е потребно да одиме во катакомбите или Колосеумот: мачениците се живи и денес во многу земји“. Христијаните и денес се прогонувани поради нивната вера. Во некои земји не смеат да носат крст и ги казнуваат ако го сторат тоа. Денес, во 21 век, нашата Црква е Црква на маченици, маченици кои како Петар и Иван велат: „ние не можеме да не зборуваме за она што го видовме и чувме.” Ова ни дава сила на нас, кои понекогаш сме со слаба вера!“ – рече Светиот Отец. Ни дава сила да сведочиме со животот „верата која ја добивме, оваа вера, која е дар од Бог за сите народи“. Но тоа „не можеме да го направиме сами, бидејќи е благодат. Благодатта на верата, која треба да ја бараме секој ден: „Господи, зачувај ја мојата вера, зголеми ја, дај ми силна и храбра вера и помогни ми во моментите во кои треба јавно да посведочам. Дај ми храброст“. Ова е една убава молитва за секој ден, рече папата. Господ нека ни помага да ја сочуваме верата, да ја сведочиме и да бидеме мажи и жени со вера.

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<