Светата Литургија е највозвишената и најконкретна молитва

Светата Литургија е највозвишената и најконкретна молитва

Папата Фрањо во текот на Генералната аудиенција, на 15 ноември 2017 година, на плоштадот Свети Петар, во Ватикан продолжи со серијата катехези за светата Литургија.

За да ја разбереме убавината на евхаристиското славење, започна да говори многу едноставно: Литургијата е молитва, многу повеќе, таа е молитва во вистинска смисла на зборот, најголема, највозвишена, и тоа во исто време најконкретна. Имено таа е средба со Бог исполнета со љубов преку Исусовото Слово, Телото и Крвта. Таа е средба со Господ.

Најпрво мораме да одговориме на прашањето: што навистина е молитвата – рече Папата и започна да толкува: Таа е пред сѐ дијалог, личен однос со Бог. Човекот е создаден како битие во личниот однос со Бог, во односот кој своето целосно остварување го пронаоѓа само во средбата со својот Создател, а неговиот животен пат е насочен кон конечната средба со Господ.

Книгата Битие – продолжи Светиот Отец – потврдува дека човекот е создаден според образот и подобието на Бог, Кој е Отец, Син и Дух Свети, совршен однос на љубов, кој е единство. Од ова можеме да сфатиме дека сите сме создадени за да влеземе во тој совршен однос на љубовта, во постојан облик на дарување и примање за да ја најдеме полнотата на своето битие.

Кога Мојсеј пред грмушката која горела го примил Божјиот повик – потсети папата Фрањо – го прашал Господ кое е неговото име. А што одговара Бог? „Јас сум кој сум.“ Тој израз во изворна смисла, изразува присуство и милост, и всушност веднаш после тоа Бог додава: Јахве, Бог на татковците ваши, Бог Авраамов, Бог Исаков, Бог Јаковов.“ Така и Христос, кога ги повикал своите ученици, ги повикал да бидат со Него. Тоа е најголемата милост: да може да се искуси дека Литургијата односно евхаристијата, е привилегиран момент за да можеме да бидеме со Исус, а преку Него со Бог и браќата.

Молитвата е – истакна Папата – како и секој вистински дијалог, да се знае да се остане во тишина – бидејќи во дијалозите постојат моменти на тишина – во тишина заедно со Исус. Кога одиме на света Литургија, можеби ќе дојдеме пет минути порано и ќе започнеме да разговараме со оној покрај нас. Но, тоа не е време за разговор, тоа е момент на тишина за да се подготвиме за дијалогот. Време за да се смириме во срцето за да се подготвиме за средбата со Исус. Тишината е многу важна.

Се сеќавате на она што го кажав минатата недела – потсети Светиот Отец – не одиме на претстава, одиме на средба со Господ и тишината за тоа нѐ подготвува и ни помага. Да останеме во тишина заедно со Исус. Од таинствената тишина Божја, доаѓа неговиот збор кој одекнува во нашето срце. Исус нѐ учи како навистина е возможно да се „остане“ со Отецот и тоа ни го покажува со својата молитва. Евангелијата исто така ни покажуваат како Исус се повлекува на осамени места за да се моли; учениците гледајќи го тој негов близок однос со Отецот, чувствуваат желба за да учествуваат во тоа и бараат: Господи научи нѐ да се молиме.

Слушнавме  во првото читање на почетокот на аудиенцијата – рече папата Фрањо и продолжи да толкува: Исус одговара дека првата работа потребна за молитвата е да знаеме да кажеме: „Оче“. Да бидеме внимателни: ако не сме во состојба да кажеме на Бог „Оче“, не можеме да молиме. Тоа е толку едноставно. Мораме да научиме да кажеме „Оче“. Да кажеш „Оче“, тоа значи да се ставиш во неговото присуство со доверба на син. За да можеме тоа да го научиме, мораме понизно да признаеме дека треба да бидеме поучени и треба едноставно да кажеме: Господи научи нѐ да се молиме!

Првата работа е – рече Папата – да бидеме понизни, да се признаеме за негови деца, да се одмораме во Отецот, да имаме доверба во Него. За да влеземе во Царството небесно треба да станеме како деца. Во смисла што децата знаат да имаат доверба, знаат дека некој се грижи за нив, за она што ќе јадат, што ќе облечат и така натаму. Тоа е првиот став: доверба, како што детето има во родителите; да знаете дека Бог мисли на вас, дека се грижи за вас, за тебе, за мене, за сите.

Втората потребна способност – истакна Светиот Отец – исто така е својствена за децата, да дозволиме да можеме да бидеме изненадени. Детето секогаш поставува илјадници прашања, бидејќи сака да го открие светот; дури се восхитува на мали работи, затоа што за него сѐ е ново. За да влеземе во Царството небесно, треба да знаеме да се восхитуваме. Во нашиот однос со Господ, во молитвата – ве прашувам – се восхитуваме ли или мислиме дека молитвата е разговор со Бог како што папагалите прават? Тоа не е доверба и отворање на срцето за да се восхитуваме. Дозволуваме ли Бог да нѐ изненадува, Тој секогаш да биде Бог на изненадувањето? Затоа што средбата со Господ секогаш е жива средба, тоа не е посета на музеј. Таа е жива средба и ние одиме на света Литургија, а не во музеј. Одеме на жива средба со Господ.

Во Евангелието се зборува за Никодим, старешина, кој имал авторитет во Израил и кој доаѓа кај Исус да го запознае; Господ му зборува за потреба за „раѓање одозгора“ – рече папата Фрањо и толкуваше што значи тоа. Дали може „повторно да се родиш“? Да се вратиш и повторно да добиеш чувство, да добиеш радост, да се восхитуваш на животот, дали тоа е можно и покрај толку трагедии? Основно прашање е нашата вера и таа е желбата на секој вистински верник: повторно да се роди, радоста да можеме да започнеме од почеток. Дали ја имате таа желба? Секој од нас. Сакате ли повторно да се родите за да се сретнете со Господ? Дали ја имате таа желба? Имено, таа лесно може да се изгуби, затоа што заради бројни активности, заради многу проекти, кои сакаме да ги оствариме, на крајот ни останува малку време и го губиме од вид она што е важно: животот на своето срце, својот духовен живот, својот живот кој е средба со Господ во молитвата.

Навистина, Господ нѐ изненадува, покажувајќи ни дека нѐ љуби и во нашите слабости – потврди Папата и продолжи:„Исус Христос е жртва на помирување за нашите гревови; не само за нашите, туку и за оние на целиот свет.“ Тој дар, е извор на вистинска утеха – бидејќи Господ секогаш ни простува – тоа дава утеха, тоа е вистинската утеха, дарот е тој кој ни е даден преку Евхаристијата, преку свадбената гозба во која Свршеникот се среќава со нашата кревкост. Можеме ли да кажеме дека кога се причестуваме на светата Литургија, дека тогаш Господ се среќава со нашата кревкост? Да! Можеме тоа да го кажеме, затоа што тоа е вистина! Господ се среќава со нашата кревкост за повторно да нѐ доведе до нашиот оргинален повик: да бидеме на образ и подобие Божјо. Тоа е атмосферата на Евхаристијата, тоа е молитвата.

На крајот Светиот Отец ги поздрави посебно сите ходочасници, монасите и монахињите кои сѐ уште се во формација, членови на парохии, поединечни здруженија, миропомазаници, млади, болни и млади брачни парови. Денес кога го славиме Алберт Велики, бискуп и црковен научител – папата Фрањо порача: млади зацврстете го својот дијалог со Бог, барајќи го посветено во сите ваши дела, болни најдете утеха во размислувањето за таинството на крстот на Господ Исус кој продолжува да осветлува во животот на секој човек; млади брачни парови, настојувајте да одржувате постојан однос со Христос за вашата љубов да биде сѐ повеќе одраз на Божјата љубов.

РВ/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот