Распоред за литургиските славења на Папата за Божиќ

Канцеларијата за печат при Светиот Престол го објави распоредот за литургиските славења кои ќе ги предводи папата Фрањо за Божиќните празници.

Според овој распоред на празникот Рождество Христово, Божиќ, папата Фрањо ќе ја предводи Полноќната Миса во Ватиканската базилика Свети Петар на 24 декември со почеток во 21:30 часот.

На првиот ден од Рождеството Христово, 25 декември, во 12:00 часот од централната ложа на Ватиканската базилика Свети Петар ќе ја испрати својата божиќна порака на светот и ќе го подели благословот Урби ет Орби.

На последниот ден од календарската година, 31 декември, во базиликата Свети Петар, во 17:00 часот ќе ја предводи Првата вечерна молитва за празникот на Пресвета Богородица после кое ќе биде изложена Пресветата Причест и ќе биде отпеан свечениот Те Деум за завршувањето на календарската година.

На првиот ден од новата година, 1 јануари, на празникот на Пресвета Богородица, кога се слави и Светскиот ден на мирот кој оваа година има за тема „Не повеќе робови, туку браќа“, Папата во Ватиканската базилика Свети Петар ќе ја предводи Мисата во 10:00 часот.

На празникот Богојавление, 6 јануари, папата Фрањо ќе ја предводи Мисата во Ватиканската базилика со почеток во 10:00 часот.

РВ/З.А.

 

Категорија: Ватикан

За авторот