Разговор со директорот на Канцеларијата за печат, Грег Бурке

Разговор со новоименуваниот Директор на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, лаикот Грег Бурке. Грег е изненаден, возбуден и малку исплашен, а секако и почестен за именувањето од Папата, со кое му е искажано многу доверба. Смета дека и неговата заменичка е „на место“.

Грег Бурке е воодушевен, возбуден и малку исплашен од задачата и одговорноста која стои пред него на неговата нова служба како Директор на Канцеларијата за печат при Светиот Престол. Бурке оваа должност ќе ја презема од исусовецот отец Федерико Ломбарди на 1 август 2016 година.

Пред да биде именуван за заменик директор на Канцеларијата за печат при Светиот Престол во јануари, 56-годишниот Грег Бурке беше висок советник за комуникација на Ватиканскиот државен секретаријат. Претходно беше дописник за „Фокс Нуз Чанел“ и „Тајм Магазин“ со седиште во Рим.

Говорејќи за Радио Ватикан, недолго после објавата за именувањето на 11 јули 2016, Бурке напомена дека изборот на „англофонец“ на чело на Канцеларијата за печат – ако се оди на глобално ниво – во целост има смисла. Коментирајќи, пак, за именувањето на шпанската новинарка, Палома Гарсиjа Овехеро, за заменичка на директорот на Канцеларијата за печат, Бурке истакна дека половина од католичкиот свет говори шпански.

Реагирајќи возбудено за преземањето кое само што го прими, Грег Бурке кажа дека важноста на оваа работа е таква што дури „малку и застрашувачка“; но – продолжи – дека е во целост почестен од довербата која Папата му ја искажа.

Со оглед на фактот дека двајцата лаици се избрани на чело на Канцеларијата за печат при Светиот Престол – а еден од нив е жена – Бурке вели: „Очигледно е дека италијанскиот јазикот на Куријата, е работниот јазик, а тоа е важно, но во однос на допирањето до католичката публика – околу половината од католичкиот свет говори шпански – но ако сакате да допрете до сите луѓе, по целата Земја, за тоа е важен англискиот јазик“.

Значи, тој признава: „Двајца лаици – двајца странци – ако сакате; но и двајца странци кои во ова се снаоѓаат. Фактот дека Палома, исто така, доаѓа од здржението на новинарите – сè до 11 јули сè уште работеше како радио известувач – е многу добар знак“ – истакна новоименуваниот директор.

Говорејќи за тоа како треба да стои во чевлите на о. Ломбарди, рече дека и тоа е малку застрашувачки. Објасни дека со Ломбарди работел околу три и пол години, додека бил во Државниот секретаријат, а Ломбарди во Канцеларијата за печат; а уште потесно соработувале во последните шест месеци.

„Не можам доволно добро да се изразам за неговите доблести: трпение, целосна преданост, дарежливост, љубезност и апсолутна верност на Папата и мислам дека тоа за мене е многу голема поука, рече на крајот од разговорот новоименуваниот Директор на Канцеларијата за печат при Светиот Престол, Грег Бурке.

РВ/к.мк/Б.Р.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк

Категорија: Ватикан

За авторот