Прославен јубилејот 90 години од основањето на парохијата „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица

Јубилејот 90 години од основањето на парохијата Успение на Пресвета Богородица – Струмица е прославен со света архиерејска Литургија во недела 15 ноември 2015 година, предводена од Н.В.П. монс д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија во заедништво со Апостолскиот нунциј во Република Македонија, архиепископот Анселмо Гвидо Пекорари, како и бројни свештеници од Македонија и странство.

Во својата проповед владиката Стојанов, спомнувајќи го јубилејот 90 години, потсети на благопокојниот владика Крижевачки Њаради, кој ја основал католичката парохија „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица. За да може подобро да се разбере важноста на овој настан, епископот Стојанов зборуваше за почетоците на основањето на Црквата Христова како заедница. Во продолжение на проповедта истакна: „На што нѐ потсетува овој јубилеј? Прво нѐ потсетува на благодарност, благодарност до Господа Бога кој нѐ повика во живот на овие простори каде евангелската вест ја донесоа апостолите. Малку краеви има во светот кој можат да се пофалат и гордеат со апостолското наследство како што е оваа наша месна Црква. Црквата во Македонија која со гордост се спомнува на апостол Павле како прв нејзин евангелизатор на овие наши простори. Благодарни сме на Бог за тој факт и за тој избор, за кој ние не сме заслужни, но сме наследници на таа Божја добрина.

Благодарни сме на нашите претци, што тој пламен на верата знаеја да го сочуваат и во најтешките времиња, а да не згасне. Благодарни сме и на нашите непосредни претци кои што живееја пред 90 години, кој дадоа доказ со својот живот, дека овде е потребно на чело на заедницата да стават пастир и така заживува оваа наша парохија, во која Исус преку своите свештеници е присутен веќе 90 години.

Второ, како благодарност денес сме собрани и во размислувањето со еден голем знак на прашања: Дали сме достојни наследници на своите претци како оние од апостолско време, но и тие кои ни ја оставија парохиската заедница како жива Црква во наследство. Драги браќа и сестри во прославата на овој наш јубилеј за нас тоа е многу повеќе од битно прашање“.

Кон крајот на Литургијата на присутните верници се обрати Апостолскиот нунциј во Република Македонија, архиепископот Анселмо Гвидо Пекорари, кој ги пренесе поздравите на папата Фрањо.

На свеченоста под водство на с. Тереза Стојкова пееше со катедралниот хор од Струмица. По завршувањето на светата архиерејска Литургија во дворот на Црквата се претставија членовите на КУД „Русалии“ од Секирник, кои настапија со неколку русалиски ора, како сеќавање на оние времиња, кога Русалиите за изградбата на црквата низ околните места играле, собирајќи средства за изградбата.

к.мк

фото: Струмица нет

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот