Прославен свети Јосиф, заштитник на црквата на Битпазар

Со света Литургија која ја предводеше Н.В.П. д-р Киро Стојанов, скопски бискуп и апостолски егзарх, заедно со свештеници од Скопската бискупија и Апостолскиот егзархат, во четврток 19 март беше прославен празникот на свети Јосиф, заштитник на црквата на Битпазар во Скопје.

Пред почетокот на светата Литургија, скопскиот катедрален парох дон Давор Топиќ, ги поздрави присутните верници и се заблагодари на бискупот Стојанов што на овој празник светата Литургија ја слави заедно со своите верници.

Во својата хомилија бискупот Стојанов ја истакна скромната личност на свети Јосиф, како и извонредната величина што Бог преку него ја направи. „Очигледно е дека (свети Јосиф) имал многу понизен живот. Не поседува ништо друго освен својот занает и скромната куќичка во доста неугледниот Назарет“. Понатаму бискупот ја истакна големината на Јосиф во верата. „Неговата вера е непоматена и се потпира на силата на Божјото Слово. Јосиф е извонредно чесен по срце и душа. Затоа без колебање го прифаќа Божјото Слово и покрај тоа што доаѓа во сон“. Својата хомилија бискупот Стојанов ја заврши со порака дека Црквата нè повикува да се вгледаме во свети Јосиф, човек со силна вера, кој целата своја сила ја има од верата и во верата. Само така ќе знаеме и ќе можеме целосно да се предадеме на Бога и на Божјата доверба како што тоа го направи свети Јосиф.

Пред самиот крај на светата Литургија се молеа литанијата и молитва до свети Јосиф, по што следеше благословот од месниот Ординариј.

С.С.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот