Прославен патрониот празник на Струмичко – скопската епархија и Струмичката катедрала

Прославен патрониот празник на Струмичко – скопската епархија и Струмичката катедрала

Со свечена архиерејска света Литургија, предводена од Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов во Катедралната црква „Успение на Пресвета Богородица“ – Струмица на 28 август 2020 година верниците од Струмичко – скопската епархија, како и Катедралната црква го прославија својот патрон. На светата Литургија сослужуваа свештеници од Струмичко – скопската епархија и Скопската бискупија. Поради актуелната ситуација со коронавирусот, се спроведуваа мерките согласно препораките од надлежните институции.

Епископот Стојанов обраќајќи се на верниците за време на својата проповед најпрво ја истакна својата радост што после долго време поради пандемијата повторно е со верниците од оваа парохија. Зборувајќи за празникот епископот истакна дека за нас христијаните е разбирливо дека Христос се вознесе на небесата, но „дека Марија е вознесена на небо ги надминува нашите очекувања, зашто колку и да ја гледаме голема таа е сепак само човек. Но, денес ја славиме вистината дека и Таа е вознесена со душата и телото на небото. Со очите на верата се обидуваме да продреме во пораката на овој факт.“

Одговарајќи на реторичко поставеното прашање: „Во што се состои вистинската величина на Марија? – епископот Стојанов ќе каже: Зарем не е во тоа што е на небо вознесена? Да. Зарем не е во тоа што е Мајка Божја? Да. Зарем не е во тоа што е прославена над ангелските хорови и Царица на вселената? Да. Но, величината е во тоа што Исус ни ја даде за пример и Мајка да правиме тоа што можеме, а што правела и Таа. Што можеме ние? Најнапред, со сето срце да го слушаме Божјото Слово. Светиот Отец папа Фрањо нагласува дека верата се храни со слушањето на Божјото Слово. Што значи, нема христијанин кому Божјото Слово би му било туѓо. Само преку Божјото Слово се раѓа верата, а преку верата верникот. Уште повеќе од тоа, словото не само се слуша, туку и се чува. (…) Исто така на овој возвишен и величествен празник Исус и до нас довикува: Ако сакате да бидете блажени деца на Марија тогаш треба да живеете според Божјото слово.“

Бискупот Стојанов проповедта ја заврши со следните зборови: „Ние денес на овој наш патронен празник да ги наслониме нашите уморни глави на Исусовото колено и во тишината на храмот да слушнеме што тоа Исус ни говори, а неа да ја замолиме: Мајко отвори ми го срцето, отстрани ми ја тешкотијата и подади ми милост да можам да живеам според Божјото слово. Амин.

По светата Литургија следуваше благослов на агапе во црковниот двор.

Од светата Литургија Радио Марија вршеше директен пренос на фреквенцијата во Струмица 106,50 ФМ, како и преку интернет стрaната www.radiomarija.mk

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот