Прославен патрониот празник на парохијата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица

Прославен патрониот празник на парохијата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица

Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх Н.В.П. монс. Киро Стојанов, на празникот Раѓање на Свети Иван Крстител, 7 јули 2022 година, служеше света архиерејска Литургија во истоимената парохија во Струмица, која го прославува својот патрон.  На светата Литургија со него сослужуваа свештеници од Стримучко – скопската епархија, а присуствуваа с. Евхаристинки од Струмица, Нова Маала, Скопје и Гевгелија.

На почетокот од проповедта епископот Стојанов најпрво ги поздрави присутните, честитајќи го паторниот празник на парохијата, заблагодарувајќи се за можноста да го прослави патрониот празник со верниците од оваа парохија.

Осврнувајќи се на почетоците од животот на свети Иван Крстител врз основа на евангелските текстови, епископот Стојанов го цитира прашањето од Евангелието според Лука: Што ли ќе стане од тоа дете? И раката Господова беше со него, истакнувајќи дека и при нашето доаѓање на овој свет сигурно било поставено прашањето: А што ќе биде со ова дете?

Во тој контекст монсињор Стојанов истакна дека и нашите родители биле луѓе од Божја доверба кои го прифатиле животот, при што рече: „Ти благодарам, добар Боже, за дарот на животот што го прифатија моите родители. Денес, културата на смртта сее страв од животот и недоверба во животот.“ Во продолжение повика да му благодариме на Бога за дарот на животот; да се заблагодариме што сме на овој свет, што можеме да го славиме Бога и што можеме да живееме со луѓето, повикувајќи на почит кон животот и воедно да се молиме за сите оние кои го уништуваат животот пред раѓање, преку молитвите на свети Иван Крстител Господ Бог да ги просветли и да му кажат ‘да’ на животот.

Спомнувајќи го пустинскиот живот на Крстителот ставајќи го во контекст на денешниот човек истакна: Неопходно е човекот да сфати дека треба да го совлада своето тело, страстите и своите склоности, за да биде избалансиран човек. Зборот совладување или воздржување стана туѓ збор. Затоа рече бискупот и не треба да се чудиме што денешните деца се научени да живеат само за она што им користи и се далеку од вредностите, при што повика: Сите ние повозрасните кои сносиме одговорност за помладите понекогаш треба да знаеме и да се покаеме за погрешното воспитување на младите. И не само што треба да се покаеме, туку треба да го промениме и менталитетот на живеење. И свети Иван Крстител денес нè повикува на преобраќање. Да се преобратиме значи да го промениме менталитетот и сето она што го крши моралниот закон во нас.

Проповедта епископот ја заврши, повикувајќи да не се срамиме од нашиот идентитет, но и никогаш да не го градиме на сметка на другите и рече: За сите нас, овој празник нека биде ден на обновена вера, љубов, храброст, помирување и доверба во Бога со посредство на свети Иван. Да се вратиме во своите домови и во нашето секојдневие, сметајќи на Бога и на застапништвото на свети Иван.

По светата Литургија следуваше агапе и заедништво во дворот на црквата, организиран од црковниот одбор,а подготвено од верниците.

На прославата на паторниот празник претходеше Деветница во чест на свети Иван Крстител и празнична вечерна богослужба.

Од светата Литургија Радио Марија вршеше директен пренос.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот