Прославен патрониот празник на капелата „Безгрешно зачнување на Пресвета Богородица“ во Велес

Во вечерните часови на 7 декември 2014 година во пресрет на празникот Безгрешно зачнување на Пресвета Богородица заедницата верници во Велес го прослави својот патронен празник со свечено евхаристиско славење, кое го предводеше парохот од Секирник, о. Ѓорги Динов.

На почетокот од светата Миса сите присутни ги поздрави скопскиот парох дон Давор Топиќ, истакнувајќи ја радоста за оваа средба во Велес, како и прославата на патрониот празник, кој има за цел да нѐ приближи до Бог.

Во пригодната проповед о. Ѓорги Динов рече: „Верувањето дека Марија е без грев зачната, без ниту една дамка грев на душата, била и ќе остане длабоко во душите на верниците и Црквата. Во срцата на верниците Блажена Дева Марија има посебно место, бидејќи во најтешките моменти од животот тие ја повикувааат и ја искусуваат нејзината помош. Денешниот празник покажува дека човекот не е без надеж, тој не е одреден да биде вечно несреќен, туку е создаден од Бог и повикан на вечна среќа“.

На светата Миса присуствуваа верници од Велес, три чесни сестри како и млади верници од Скопје. На свечената света Миса свој допринос дадоа со свирење и пеење скопскиот капелан дон Јошт Мезег и Луција Стипановиќ, која со сопругот и шест деца се во послание „missio ad gentes“ во Куманово, а секоја прва недела во месецот настојуваат редовно да доаѓаат со свештеникот во Велес, и на тој начин да бидат „мала Црква“, која сведочи за своето послание.

После евхаристиското славење заедништвото продолжи пред капелата со дружење и духовни песни.

к.мк

Категорија: Македонија

За авторот