Проповед на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов за празникот Благовест

Католици.мк ја пренесува во целост проповедта на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, одржана по повод патрониот празник на Католичката црква во Штип – Свето Благовештение

Драги браќа и сестри,

Радосен сум што сум и денес со вас кога оваа наше мало Божјо семејство го слави насловот на оваа Црква – Навештение Господово – Благовец. Во нашата Црква тоа е толку голем настан што неколку столетија на ред на овој ден се славела Нова Година, односно од настанот Овоплотение се броела нова ера. Самиот настан овоплотение е многу убаво напишан во Евангелието според Лука кое штотуку го слушнавме. Нема да се задржам над овој Евангелски текст, бидејќи низ годината неколку пати се чита и затоа има прилика и да се протолкува. Денес, со задоволство би се задржал на второто читање, а тоа е посланието до Евреите. Често луѓето се прашуваат во што се состои првиот грев на нашите прародители во земскиот рај? Повеќето мислат дека тоа е онаа дрво овошје од кое Ева наговорена од змијата зела и му дала и на Адам. Меѓутоа, суштината на гревот е во непослушноста со која Ева е мотивирана: да биде како Бог. Денес е многу раширен начинот на живеење на нашите сограѓани, да се живее како Бог да го нема. Не се тие атеисти, ниту се против Бога, но се однесуваат и живеат како да Бог не постои, како да го нема. Можеби, дури се и крстени. Можеби ќе бидат погребени според обредот на црквата, но еден мој колега многу убаво рече дека тоа се „носени христијани“, донесени се на крштение и на крајот се однесени на гробиштата. А целиот живот го поминуваат како да не се христијани. Прародителите ѓаволот ги заведе по желба: да бидат како Бог. Со други зборови да бидат на местото на Бога. Такво искуство имаме и денес и во наше време кога ќе погледнеме како се однесуваа многу моќници. Дури и самите говорат дека се: „мали богови“. Суштината на гревот е токму во тоа да човекот се оттргне од Бога и тогаш не е повеќе во сјајот на Божјата присутност туку поминува во спротивна насока, заминува од Бога. Така настанува историјата на човештвото која постојано е во тапкање, во мрак и барање на Бога.

Драги браќа и сестри, човек не може да живее без Бога. Се обидува сè и сешто само да го пронајде и сретне. Така е тоа низ историјата и со оној народ кој беше избран како народ од кој ќе се роди Спасителот. На патот барање на Бога на човекот го прогонува совеста. Во него се раѓа желбата да Бог на некој начин го „одоброволи“ да му угоди и сиромав мисли дека тоа може со жртва и одрекнување. Заборава дека тој Бог кого го бара е Бог Дух и дека не му требаат нашите животни ниту други жртви како што овде посланието ги набројува. Тоа што Бог го очекува од човекот кого го бара е да се сврте за 180 степени и така да се врати по оној пат по кој отиде од Бога. Но, тоа не може сам. Овој дел од посланието прекрасно ни го опишува дијалогот – разговор кој се случи внатре во Пресветото Тројство: „Жртва и дарови Ти не посака, а тело Ми приготви. Сепаленици за гревот не Ти се угодни“, тогаш реков: „Еве, идам, напишано е за мене во книгата, да ја извршам, Боже, волјата Твоја!“ Таа одлука на неизмерно милосрдниот Бог е одговор на прашањето што е грев? Грев е непослушност кон Бога. Откупувањето е послушност кон Бога. Овој прочитан дијалог говори како второто Божествено лице говори до Отецот:Тело ми приготви да ја вршам волјата Твоја. Оној кој човекот ќе го врати на патот на помирување со Бога е Исус Христос кој зема наша телесна човечка природа дека сега Бог од Бога, роден од векови, а зачнат во времето, биде наш брат ама нов створ – нов Адам. Неговата послушност е наше спасение. Во посланието пишува: „Ете, доаѓам, да ја извршам волјата Твоја!“ Го укинува првото, за да го воспостави второто. Според таа волја сме осветени со приносот на телото на Исус Христос еднаш засекогаш. Во тоа „воспостави второто“ се работи за новото создавање. Се бара крило кое ќе прими во себе и ќе даде крв од својата крв и тело од свето тело за новиот Адам Исус Христос. Бог наоѓа единствена таква жена: Блажена Дева од Назарет. И како Бог не прави ништо на сила така ни оваа млада девојка не сака да ја наговори, а уште помалку да ја присили, Ангелот и го навестува Божјиот план. Марија, бидејќи е Безгрешна и чиста и отворена кон Бога зашто од раната младост е полна со Божјото слово одговара така јасно: „Еве слугинка сум Господова, нека ми биде според зборовите Твои. Така започнува новата историја на човештвото.

Драги браќа и сестри, сите ние имаме искуство на лутање и заминување од Бога во спротивна насока. Денешниот настан нежно не повикува да се вратиме преку Исус Христос нашиот Спасител преку кој Бог така радосно не чека. И нашиот одговор е само еден: Нека ми биде по зборовите Твои.

Добар Боже, дарувај и на оваа заедница вера која овде во Штип со својот живот на дело ќе навестува дека сè се случува според зборовите Твои. Амин.

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот