Проповед на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов на Богојавление во црквата Свети Иван Крстител – Струмица

Драги браќа и сестри, многу теолози, а и обични луѓе беа изненадени кога Папата свети Иван Павле II ги воведе петте таинства на Светата Бројаница така наречени Светлосни таинства. Навистина, беше тоа храбар, но и потребен чин. Нам ни беа познати петнаесетте таинства на Светата Бројаница што медитативно во молитвата ја опфаќаат целата историја на спасението: од Воплотението до Вознесението, односно Успението на Пресвета Богородица на небо. Сепак, сите тие спасителни настани нѐ водат на прослава за онаа што се случило, а знаеме дека Божествената Објава е таа што Бог во тие настани сакаше да ни каже. Во почетокот на христијанството беше само еден празник кој после Велигден беше најважен, а тоа е Богојавление. Во себе Богојавление содржи токму што самото слово вели: Објава на Бога во Исус Христос. Подоцна тоа е разделено на настан Рождество, посета на тројцата Мудреци, Исусово крштение и Свадба во Кана Галилејска. Ние сме радосни што денес – на Богојавление – славиме тоа што працрквата славеше на овој ден, имајќи ја пред очите пораката на настанот. Пред нас е свети Матеја кој денес ни го опиша чинот на Исусовото Крштение. Според раѓањето тој ни остана во сè сличен освен во гревот. Со крштението тој се вбројува меѓу грешните, иако грев не направи, за да прими од Иван Крст за опростување на гревовите. Како што небото се отворило над Неговото раѓање, како што ѕвездата се појавила на Мудреците така и сега небото се отвора и за прв пат ја имаме Објавата на Троединиот Бог. Духот слегува над Исус кој е Божји Син, а стои во водата на грешните и се слуша гласот на Небесниот Татко: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја или сета моја милина!“ Значи, објава на Отецот, Синот и Светиот Дух на очигледност на сиот народ што се наоѓал таму. Така во тој настан се открива суштината на христијанската вера која не е вера во „некаков“ Бог туку конкретно во Бога кој е личност во Отецот, Синот и Светиот Дух. Нашиот вернички однос кон Бога не е значи, нешто неодредено туку многу конкретно и стварно, однос на личноста кон Личност. Моето мало јас се среќава со големото Божјо ЈАС кој е Отец, Син и Светиот Дух. А пораката на тоа Богојавление прекрасно ја опишува свети апостол Павле во денешното послание до Тит. Го слушнавме тоа навестување. Во тој настан се покажа Божјата благодат спасителна за сите луѓе. Учејќи да ги отфрлиме, нечесноста и похотите од овој свет, чесно, праведно и побожно да поживееме во овој век, да чекаме да се исполни блажената надеж и да се јави славата на великиот Бог и Спасител, нашиот Исус Христос. Тој се даде самиот Себе за нас, за да нè избави од секакво беззаконие и да нè очисти, та да Му бидеме народ избран, ревносен кон добри дела.

Драги браќа и сестри, Исусовото крштение за кое денес размислуваме не е само настан во кој се објавува Бог туку воедно е и повик кој е упатен до нас за да прифатиме според сопственото крштение нов живот во заедницата која е откупена од секое беззаконие и со тоа сме нов избран народ кој е ревносен кон добри дела. Не можеме да го славиме тоа големо Таинство без да пред својата совест не си поставиме јасно прашање: дали сме народ на откупени кој е ревносен кон добри дела или не? Дали божиќните празници ни донесоа обраќање кое се гледа во неизмерните добри дела или не? За овој настан но и за овогодишната прослава Божик благодариме на Бога што и сега се појавила добрината и човекољубието на нашиот Бог и Спасител. Тој нас не спаси не заради извршените од нас праведни дела, туку по Својата милост, преку бањата на преродување и обновувањето од Светиот Дух. Тоа е третата порака од овој настан. Објава, повик на обраќање и дарување на Светиот Дух, Кого изобилно Го излеа на нас преку Исус Христос, нашиот Спасител та оправдани со Неговата благодат да станеме по надеж наследници на вечниот живот.

Славејќи го Богојавление благодарно викаме до отвореното Небо нека и нам постојано ни одекнува во душата гласот на Небесниот Татко: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е сета моја милина!“ нека тој глас на Небесниот Татко одекнува и во нас сè до оној миг кога и ние стварно ќе почувствуваме дека тој глас е упатен и на нас. Овој е Мојот возљубен Син, оваа е Моја ќерка, во нив е сета моја милина. О среќен ли народ кој се препознава како нов со крст опрана заедница на која во изобилие се излева Светиот Дух заради љубовта на Исус Христос кој нас грешните не ослободува од гревот влегувајќи во водите на Јордан да со својот живот ги посвети и до крајот на светот да бидат води преобразени.

Драги браќа и сестри, благодарно и распеано да го набљудуваме Христовото крштение а во Светиот Дух да се обновиме во сопственото крштение и на тој начин и ние да бидеме заедница на сакани Божји деца. Амин.

Категорија: Македонија

За авторот