Проповед на Н.В.П. д-р Киро Стојанов по повод 50 годишнината од постоењето на семинаријата „Паулинум“ во Суботица, Р. Србија


Драги семинаристи, браќа и сестри,

Познато ни е дека секоја Евхаристија е впрочем благодарност. Господ Исус го воспостави овој начин на спомен на неговите маки, смрт и воскресение, за секогаш да му благодариме на Бог Отец за тој дар кој ни е поделен во Синот по Светиот Дух. Да, Евхаристијата е благодарност во која се прославува добротата на Небесниот Отец по која сакал секој човек да се спаси, па за тој спас го жртвувал својот Син. Денес нашата средба е особено инспирирана со благодарност, кога на Бог со Евхаристија му благодариме на дарот кој трае 50 години во овој град и кој е на специфичен начин срце на градот, а тоа е нашата семинарија „Паулинум“. Благодариме што 50 години во овој град и бискупија во институцијата во која на посебен начин пребива Бог по својот Син, кој е Добар Пастир и Учител на младите. Читаме во денешното Евангелие: Јас ги познавам и они одат по мене. Јас им давам живот вечен, и никогаш нема да пропаднат и никој нема да ги грабне од моите раце (сп. Иван 10,1-10). Тоа пастирско срце грижливо чука во оваа институција 50 години и денес сме особено благодарни на крајот на овој Златен јублеј. Меѓутоа, нашата благодарност, во исто време е и наша радост на заедништво. Живи се и активни свештениците кои беа први матуранти на новата семинарија, а еве овде можам да ги поздравам и матурантите кои за месец дена ќе матурираат во ова семинарија. Значи, ние сме заедница која е континуитет на расадник на духовни звања и формација на христијански лаици. Семинаријата и по своето име е место каде Господарот на сеидбата го сее Словото. Тоа Слово понекогаш паѓа покрај патот, понекогаш во трње, понекогаш на камено тло, а фала му на Бога паѓа и на плодна почва, тогаш од плодната почва раѓа, кое триесетструко, кое шеесетструко, кое стоструко. Нас паулинци Бог нé повикал во епископската служба, голем број Господ повика во свештеничка служба, а многу семинаристи носат обилен род во своето послание како христијански лаици во светот. Со еден збор, благодарноста и заедништвото се причина денес да сме радосни.

            Драги браќа и сестри, за секој христијанин и човек кој историјата ја посматра објективно, Светата Црква е Таинство. Нејзината историја преку две илјади години ја докажува постојаната Божја грижа и Божја присутност. Историјата на Црквата е своевиден читлив од на Бог во нашата историја, кога постојано повикува на спасение, ги лекува болните, ги крева паднатите, им помага на сиромасите, простува на грешниците и низ целата историја оди по оваа земја правејќи добро. Историјата на Црквата е доказ на небројни Божји дела кои во секое време видливо и допирливо Тој ги правел. Меѓутоа, исто така читајќи ја историјата, гледаме дека Бог тоа не го правел сам. Повикал соработници од апостолите, па до нас денес, за да соработуваме со Него во тоа послание на Црквата. Тоа е уште поголемо Таинство. Го повикал слабиот човек, го оставил да остане само човек, а преку службата и миросувањето го направил присутен и видлив Христос во заедницата на верници. Големо е тоа Таинство како што вели блажениот Иван Павле II, кое ниту ние самите нема до крај да го досетиме, како нé избрал нас и зошто нé избрал нас, кога од нашите генерации познаваме толку посебни луѓе. Црквата е Таинство и службите во Црквата се Таинство. Се сокриваат во Божјото срце и никнат во Божјото срце. Секое звање е директен Божји зафат во човековиот живот. Слушнавме во првото читање како Павле и Варнава храбро сведочат, навестувајќи го Божјото Слово. Не се правдаат, туку Павле јасно вели дека Господ им наредил: „те поставив за светлина на паганите да бидеш на спасение за до крај на светот“. Повикот во служба на Црквата, е значи исклучиво повик на Божјата слобода, не е принуда. Отецот од нас очекува одговор, како од својот Син, како пишува во посланието до Евреите: „Еве ме, прати ме мене“. Да. Нашето послание е продолжение на Исусовото дело во Негово име и во Неговата личност. Свештенството е Таинство во присутноста на Христовата личност во човекот кој е во служба на олтарот.

Извадокот од книгата на Откровение од денешната литургија (Недела на Добриот Пастир) говори за небројното мноштво спасени од сите племиња, народи, родови и јазици кои ги засветлиле своите руби во Крвта на Јагнето. Тоа Јагне е нивниот Пастир и ги води кон изворот на животворната вода. Исус со своето Воскресение не ја отвори тријумфално гробната врата, туку засекогаш ги разби веригите на смрта и му довикна на праотецот Адам: „Не те создадов за мрак и смрт. Излези!“ Да, нашата служба во Црквата е навестување на секој човек дека не е создаден за смрт и темнина, туку за живот и слобода. Мракот не по тоа е мрак, вели папата Бенедикт XVI што е мрачен, туку по тоа што е изолација од можноста “да се биде со другите“ и што го лишува човекот од слободата, а со тоа и од идентитетот. Човекот во темнината не е слободен. Христос од таа и таквата темнина нé ослободува.

            Драги семинаристи, браќа и сестри, сега во овој свечен миг, како поранешен питомец на семенаријата „Паулинум“ сведочам пред Бога и пред вас дека во семинаријата научив три работи, кои би сакал и вам драги семенаристи да ви ги пренесам. Прво: Во семинаријата научив да го слушам Бога и Неговото Слово, научив да молам. Како бискуп кого Бог го избрал да служи на своите браќа, многу одговорно тврдам дека најдобри соработници ми се највредните свештеници, оние кои силата за својот пасторал ја црпат од молитвата. Без молитва би останал ѕвонче кое ечи или кимбал кој ѕвечи. Празен сад кој одекнува со празнина. Само со срце кое е наполнето со Бог може за Бога да се говори. Неизмерна благодарност на Бога Семоќниот што во семинаријата најпрвин научив вистински да молам. Второ: Во семинаријата и сега, а особено во она време, имаше различни народности, па и обреди. Она што семинаријата ме научи, тоа е токму духот на Паулинум, зашто апостол Павле е учител за Црквата мистичното Тело со многу удови, а сите се едно по љубовта. Тој во посланието до Коринтјаните пишува: „Без љубов ништо не би вредело“. Научив да живеам во заедница, да бидам одговорен за заедницата и цел живот да го носам сознавањето дека и другите и различните се мои браќа и дека Црквата е едно тело со многу членови, но само една глава и едно срце, а тоа е Исус Христос. Благодарен сум на Бога за семинаријата „Паулинум“, зашто токму теологијата на свети апостол Павле за Црквата е дека Црквата не е организација, туку е жив организам. Значи, научив да живеам како член на Црквата. И Трето: Паулинум ме научи да знам да ги ценам сите оние луѓе кои во семинаријата ни беа на служба – од директорот, ректорот, професорите, до обичните побожни жени, а пред се чесните сестри, кои подготвуваа, готвеа, помагаа, за ние да можеме да ја исполниме единствената должност, а тоа е да учиме. Драги семинаристи, драги браќа и сестри, кој би можел во овој миг да ги наброи сите личности кои ни помагаа? Затоа и денес сум среќен што сум овде, што можам по кој знае кој пат да кажам: Благодарам. Драги семинаристи, еден ден кога годините на Паулинум ќе бидат зад вас, ќе почувствувате дека помислата на семинаријата ќе биде потик да бидете благодарни. Значи, во Паулинум научив да молам, љубам и бидам благодарен. Неизмерно сум благодарен што Бог ми ги подари годините поминати овде.

            И вас ве поттикнувам на истото. На прво место слушајте го Божјото Слово и препознајте го Бога кој ве повикува, помага и прати. Научете да ја живеете братската љубов и да го сведочете заедништвото и научете да бидете благодарни на сите оние кои се грижат за вашиот живот, работа и учење.

            Драги семинаристи, драги верници, дека сето ова се може, треба да се соочиме со божествената вистина дека сето ова е Божјо дело, а наша е соработката. Во Евангелието денес Исус вели: „ Мојот Отец, што Ми ги даде, е поголем од сите; и никој не може да ги грабне од раката на Мојот Отец“. Треба значи да се биде во таа Божја рака. Блажениот Иван Павле II пишува: „Црквата го живее Христовото Таинство без престанок како Таинство на својот Господар и Господ. Човекот во Христос ја открива сопствената величина, сопственото достоинство и вредноста на својата човечност. Во Таинството на откупување човекот е повторно потврден, повторно објавен. Повторно создаден! Личноста која сака себеси повторно да се разбере… да се приближи на Христос, мора самата да влезе во Христос, мора да ја присвои целата стварност на Вооплотувањето и Откупувањето“. Да се биде христијанин не е доволно ниту само исповедањето на верата, ниту само познавањето на верските вистини, туку над сѐ и во сѐ наследувањето на Христа. Затоа без милоста не може да се биде христијанин ниту верна слика на Христос.

            Драги верници, На сите нас ни останува една постојана обврска и после овој јубилеј – да го молиме Господарот на жетвата да прати работници во својата жетва. Папата Фрањо би рекол дека Бог не се уморил да повикува. Можеби ние заборавивме да се одзовиме. Секое звање е плод на молитвата на целата заедница. Заедницата која нема звања е како мајка која нема свое потомство. Тешко би било да се помисли дека нé чека време во кое ќе снема пастири, а ако снема пастири, повеќе нема ниту стадо. Без Евхаристија нема Црква, а без свештеници нема Евхаристија. Нека добриот Бог ја благослови суботичката бискупија и сите други бискупии од кои овде се воспитуваат идните свештеници, да бидат плодни мајки, со мноштво потомство кои ќе бидат Исусови ученици и ќе појдат по светот како добри пастири учејќи и лекувајќи, како Исус, кој за љубов кон своето стадо го положи и животот. Нека сите нас нé благослови Добриот Пастир и собере во една заедница, да биде еден Пастир и едно стадо. Амин.

Категорија: Македонија, Свет

За авторот

Write a Comment

<