Проповед на Н.В.П. д-р Киро Стојанов на прославата Марија од Назарет во Радово

Проповед на Н.В.П. д-р Киро Стојанов на прославата Марија од Назарет во Радово

Секое дете заслужува да биде ученик

Драги браќа и сестри, најветројатно сѐ уште од изминатите денови при подготовката до овој голем конпатронен празник ви одѕвонуваат во ушите молитвите и вдахновените теми од тродневницата: „Секое дете заслужува да биде ученик“. Манифестација која се одржува втора година по ред на први септември, на почетокот од учебната година, во организација на парохијата Радово, а со учество на сите парохии од струмичкиот регион. Оваа година празникот се совпаѓа и со Епископската Синода, која се одржува во Ватикан, а се однесува за младите.

Кога се подготвував за оваа средба, односно оваа св. Божествена литургија, ми доаѓаа многу мисли и барав што Бог сака од мене на оваа празнување да ви прозборам. Пред моите очи постојано лебдеа многу деца што во животот имав можност да ги сретнам. Беа тоа и радосни детски насмевки, но и солзи на нивните очи. Но, она што најмногу ме погоди е набљудување во духот, како Исус после напорниот пастирски ден седи со своите ученици. Тие сакаат да го поштедат и не сакат било кој после таквиот изморителен ден некој да му смета. Меѓутоа, доѓаат децата. А во Евангелието пишува: „Оставете ги деца и не бранете им да доаѓаат кај Мене, зашто на такви е царството небесно (Мт 19,14). И веднаш потоа ми дојде мислата што пред некој ден читавме во западната Црква за празникот за св. Мала Тереза: „Ако не се обратите и не бидете како деца, нема да влезете во царството небесно“ (Мт 18,3).

Драги браќа и сестри, од овие Исусови зборови можеме да видиме каква е Божјата визија за човекот. Прво: Бог, човекот го повика во живот и го создаде според својата слика. Така, секој човек, како обично сакаме да кажеме, е вистински човек, тогаш во некоја смисла треба да биде препознатлива слика Божја. Меѓутоа, сам Исус како учител среќава возрани луѓе и како и сите ние и тој има искуство, како нам од многу поодамна ни се изгаснати бистрите погледи на детските очи, како одамна од нашите лице исчезната е детската насмевка и како одамна беше кога ни чекор не можевме да направиме без нашиот татко и мајка. Ако е вистина, а вистина е, дека човекот е создаден на Божја слика, тогаш е сигурно и вистина дека ќе дојде до својата цел, односно до оригиналот, а тоа е гледање Бога лице во лице – постигнувајќи го вечното спасение само тогаш ако Тој, Бог, во него го препознае лицето на своето дете. Така, всушност, како верници гледаме една нит, нит која започнува во Бога, создавајќи го  човекот на своја слика, дарувајќи му живот, водејќи го низ живот и на крајот го доведува во вечниот живот како свој син или ќерка. Што значи, Божјата визија во човекот не познава години, туку познава лице, познава срце и ако тоа лице биде изобличено а срцето изгуби чувство дека припаѓа на Бога како родител, Исус вели дека нема да го види Божјото лице. Всушност, првата мисла која сакам да ја кажам без некого да навредам е: да бидеме свесни дека ако пред Бога немаме детско срце, не детинесто, туку чисто, тешко дека ќе можеме да го запознаеме Бога.

Втора мисла која претпоставува да некој биде човек се родителите и учителите. Како? Бог не ја наметна својата волја туку за остварување на својот план со човекот повика соработници. На прво место тоа се родителите со кои Бог го создава човекот. Родителите се соработници, состворители, но, да обратиме внимание, ако Бог не сака да биде сопственик, туку родителите, тогаш и родителите не се сопственици на своите деца, туку родители, а тоа не е чин на биологија, туку далеку посложен чин да се стави човек во живот. Тоа бара две работи: мудрост и разборитост. Што значи, родителството не е професија ниту задача, туку звање за кое се живее и кое така се живее што плод на тоа звање е човекот.

Поука, да се биде учител во семејството е незаменлива улога. Кај животните гледаме дека младите многу брзо се осамостојуваат, дури ако и животниот век може да им биде и подолг од човекот. А човек има време кога сѐ учи: од хранење до чекорење и говорење. Во тоа се покажува дека воспитувањето Бог го гледа како звање, а не едноставно да се заврши некоја работа. Ако е тоа важно за родителите тогаш тоа е право на децата да имаат родители, односно мајка и татко што живеат за нив. Овде се допревме до една многу важна тема, а таа е: Должност на родителите да ги воспитуваат своите деца, затоа што, децата имаат право да бидат воведени во живот. Учениците најнапред во училиштето на своето семејство се воведуваат во живот. Семејното воспитување не може никогаш да се надомести, ниту замени. До крајот на својот живот го носиме тоа што во првите години на нашиот живот сме го стекнале во своите семејства. Нема да навлегуваме понатаму во оваа проблематика, но да сфатиме дека таа почетна фаза во развојот на човекот е најодговорна.

Училиштето, Црквата и општеството се втор степен што од Божја страна имаат звање на учители и повторно е неотуѓиво правото дека не е професија туку звање. Успехот не се оценува економски, туку како во човекот се формира неговата човечност. Природно, секое дете има право на школување, на воспитување во општеството и на посебен начин во тоа време има право и на вистина. И повторно се отвора ново подрачје: задача на општеството, црквата и училиштето, колку како учители се учители на вистината, не би сакал да критизирам, но Исус вели: „Кој ќе соблазни едно од овие мали, кои веруваат во Мене, за него е подобро да му се обеси воденички камен на вратот и да потоне во морска длабочина“ (Мт 18,6). Да обратиме внимание во општеството во кое живееме, да не повторувам црквата, школото и општеството, пред Бога, но и пред историјата, имаат најголема одговорност: дали допуштаат и овозможуваат младиот човек да биде ученик, но и ученик во училиштето на животот со сето стекнато знаење.

Конечно доаѓа време на возраст. Светот, телото и ѓаволот се три реалности што на раскрсницата на животот го заведуваат младиот човек на крив пат. Тој, младиот човек, има право на знаење и поседување на вистината и да може самиот да се одлучи за вистинските вредности во животот. Во времето во кое живееме свесни сме на многу опасности каде едвај може да се сретне слобода, а слобода не е да правиме што сакаме, туку е да бидеме слободни да правиме добро и да ја живееме вистината.

Драги браќа и сестри, заради тоа што во нашето современо општество се доведени во прашање темелните вредности на животот и вистината се раѓа генерација што не може да ја сочува чистота на очите, чесноста на образот и животот во вистината. Во едно општество и во еден народ каде тоа недостасува или целосно исчезнува или тоа општество не е повеќе општество со перспектива, а да не говориме за конечната цел, дали ќе може да го оствари своето детство на Божји деца и како починати возрасни…

Да го насочиме погледот кон Марија, сите ние добро забележуваме дека со будно око гледа на нас. Овие денови го слушнавте нејзиниот глас. Постојано е претставувана како Мајка, дали научивме од неа да бидеме родители, да бидеме како и таа. Верувам дека тоа е голем предизвик за нас, но ако не сме научиле да бидеме родители, учители, воспитувачи, тогаш барем да ги подигнеме очите и да ја замолиме секој член на нашата заедница да оствари право да биде Исусов ученик, односно верник. Сепак да не заборавиме, процесот е најнапред да бидеме луѓе, потоа христијани и тогаш учители. Секое дете заслужува да биде ученик – пред нас е патот од ученик до учител. Амин.

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот