Проповед на монс. Стојанов за Светскиот ден на болни: Без љубов нема живот ниту спасение

Проповед на монс. Стојанов за Светскиот ден на болни: Без љубов нема живот ниту спасение

Драги браќа свештеници, чесни сестри, почитувани членови на медицинскиот персонал, браќа и сестри – драги верници, а посебно вие, почитувани возрасни, болни – страдалнички членови на Црквата – бидете поздравени.

Денес е ден Господов – недела. Црквата се собира околу Божјата трпеза за да ги прими во изобилие Божјите дарови. Црквата секоја недела го повикува својот народ на света Литурургија за да го прими неизмерно Божјото слово и Пресветата Евхаристија. Но денес е уште една дополнителна причина што ја прави посебна групата на Божјиот народ – а тоа е Меѓународниот ден на болните. Светиот Отец папата Иван Павле II го воведе овој ден, кога и не мислеше дека и самиот ќе биде распнат на крстот на страданијата скоро целиот свој долг папски понтификат. Светиот Отец Папа го избра денот кога се спомнуваме како Блажена Дева Марија во 1858 година на тој ден прв пат се објави на света Бернардета во Лурд и низ осумнаесет објаувања оставила драгоцени пораки на светот. Една од тие пораки е материјализирана. Таа, Мајка Божја, дозволила на Бернардета да отвори извор во пештерата од каде бликнала силна изворска вода, која и денес има чудесна моќ на лекување. Сепак таа моќ не е во водата како таква. Водата хемиски е чиста, природна пиринејска изворска вода. Не, моќта на лекување е во молитвата која е исполената со вера. Тоа е моќ која се повторува на Исусовиот збор: Веруваш ли дека тоа можам да ти го направам? И како постојано да го слушаме одговорот: Верувам Господи, помогни ми на моето неверие… Да, Лурд стана светилиште во кое постојано се случуваат чуда на преобраќање – лекување на душите – и помош на болните да можат полесно да го носат својот крст на страдание. Големиот и свет Папа три пати оди на поклонение во Лурд. Прв пат сакал да отиде таму во јуни 1981 година на Меѓународниот евхаристиски конгрес, но пред тоа на 13 мај беше извршен атентат на него со што започнало неговото долготрајно страдание. На чудесен начин е спасен од смртта, но не и од страданијата. Тое е Папа кој можеше да каже дека има три места на живеење: Ватикан, летното одморалиште Кастелгандолфо и болницата Џемели. Така Бог токму во животот на тој Папа нешто јасно ни порача, а тој таа порака јасно ја разбра и го воспостави овој Ден на болните на 11 февруари, сакајќи да ја исполни молбата на Мајка Божј: Ќе доаѓаат во процесија поклоници и болни ќе се лекуваат, ќе оздравуваат… Сликата беше многу потресна во годината на неговата смрт, кога трет пат отиде на поклонение во Лурд. Не можеше повеќе јасно да зборува, не можеше да оди… На тој начин беше ист како и мноштвото болни… Замоли да го остават во количката пред пештерата сам. Седеше и држеше света Бројаница во раката, погледнуваше на милосниот лик на Марија и долго, долго молеше. Тоа го можеше. Тој Папа ни остави три многу значајни пораки за страданието и болеста.

Првата е неговата енциклика (научителско писмо, што нас христијаните сериозно нѐ обврзува) за страданијата „Спасоносно страдание“. Во таа енциклика како никој пред него, храбро прозбори за смислата на страданието и болката.

Драги браќа и сестри, најтешко прашање за човекот, за секој човек е прашањето за смислата на страданието. Не е доволно да се мисли дека тоа е казна за грев. Не, не… бидејќи толку многу страданија има и меѓу невините: децата, прогонетите, сиромасите. Бог не може да биде толку “крут’ да го казнува толку тешко човекот, а пред сѐ да препушта страдание на невините. На тоа страшно животно прашање никој не дал одговор. Многумина, како на пример големиот писател Достоевски во својот роман „Браќа Карамазови“ се обидел да изнајде многу одговори. Прекрасно размислува, но не дал одговор. Некои големи миислители како на пример филозофот Ками доведува до лудило или Зола до безбоштво…

Нема одговор надвор од верата. Во споменатата енциклика свети Иван Павле II покажа на распнатиот Христос. И веднаш помислуваме дека беше распнат „заради нашите гревови“… Така е, но забораваме зошто Исус отиде по тој пат на спасението. Бидејќи мораше? Не, затоа што сакаше. Тој, тој пат го избра. Зошто? Затоа што тоа е најголемата љубов. Да се прикаже своето страдание како чин на љубовта за другите и тоа е тогаш љубов. Не само да се поднесува, туку и да се прикажува… Токму во тоа е одговорот: Страданието е јазик на љубовта. И кој знае да љуби, тој знае и да страда. Или обратно: Кој не знае да страда, тој  не знае ниту да љуби. Во тоа е таа чудесна Божја логика. Апсурдна, но чудесна! Во еден прекрасен италијански филм за Лурд, каде главен лик е Хенри, лекар кој не верува во чудо, доживува сопругата да му биде чудесно излекувана од смрттна болест, токму во Лурд. Се обидел да ја истражи и негира можноста за чудо. Барал средба со Бернадета. После страшните перипетија – и самиот болен – се нашол во манастирската болница каде света Бернардета им помагала на болните. На средбата со неа ја запрашал Бернардета: Што кажа Мајка Божја, што ветувала? Еден од одговорите бил: „Ми рече: Ќе те направам среќна, но не овде на земјата туку на небото…“ Бидејќи, ако зрното жито падне на земјата и не се распанде, останува само, ако се распадне, донесува голем род… Хенри, му вели Бернардета, небото е во нас, рајот е во тебе, ако знаеш да љубиш и веруваш… Прекрасна сцена. Света Бернардета всушност преминала во вечноста од таа болест, од која неговата сопруга чудесно оздравела. Филмот продолжува, а Хенри се обратил.

Да, драги браќа и сестри, Лурд продолжува. Папата во таа енциклика напиша дека смислата на страданието е љубовта. Исус го избра тој пат нас да нѐ научи да љубиме, бидејќи љубовта преобразува, обрќа свет, а не страданието како такво. Страданието без љубов е апсурд. Неприфатливо и несфатливо. Затоа светиот Отец Папа болните, возрасните и немоќните ги нарече: „Најодлични членови на Црквата“. Ние веруваме во ова. Ова е вистина. Христос беше силен на дело и збор, но сепак најголем беше на крстот. Мајка Божја е толку мила во сите мигови кога за неа читаме во Светото Писмо, но е најголема кога стои под крстот, молчи, страда и се прикажува и сме убедени дека сето тоа е сѐ од љубов. Значи верувам дека ни е јасно дека концептите на страдање и љубов одат заедно.

И трета порака на свети Иван Павле II е неговиот пример на страдание. Да се присетиме на оние потресни слики од Страсната или Големата седмица во 2005 година кога свети Иван Павле II умираше пред очите на целото човештво. Конечно, она неговотод незаборавното: Пуштете ме да одам во Татковиот дом. Зарем сегашното молчеливо страдание на папа емиритус Бенедикт XVI не е една јасна порака? Тој старец, сега молчи, страда и моли за Црквата на чие чело стоеше како пастир.

Меѓутоа, драги браќа и сестри, живееме во една неверојатна нова цивилизација, која е наречена со вистинско име: Цивилизација на смртта. Настапи едно неверојатно кризно време на човештвото, а тоа е кризата за смислата на животот. Чувството е повеќе изгубено; што е животот и каква е неговата вредност. Не се се гледа фактот дека животот е исклучиво дар од Бога (во соработка со човекот). Дека животот е врвна вредност и дека животот е „со задача“ и конечно дека животот е вечен. Човекот стана само бројка – дури не и име – и се вреднува само толку колку е продуктивен, корисен. Имавме такво сценарио во античката историја на Спарта, уште полошо се повтори тоа во нацизмот, а сега настапи криза во светски димензии. Животот се негира како почеток на зачнувањето, Се вели дека жената (сопругот) се апсолутни господари пред раѓањето и дека можат да уништуваат зачнато чедо и да го убијат. Повеќе зачнати деца се абортираат отколку што се раѓаат. Во многу земји во Европа е дозволена евтаназијата – смртта „убивање од сочувство“ што значи повеќе не се корисни, не се продуктивни повеќе не требаат. Може да се биде отстранет со една инекција… за таквата ситуација папата Фрањо пред некој ден рече: „Ако човечкиот живот е сведен само на економска корист, тогаш повеќе не е човечки живот!“ Да, тоа е темелната реалност. Човекот смета некому на патот на економскиот напредок. Непожелен е да се роди – премногу е да живее кога ќе остари. Да го споменеме и прашањето за неизлечивите болести. Драги браќа и сестри тоа е човештво без љубов, а ако тоа е вистина, не е повеќе човештво какво Бог го замислил. Зашто без љубов нема живот ни спасение.

Сега ја допревме најдлабоката вистина за смислата на болеста, страданијата и носењето на крстот. Да се запрашаме која е нашата улога како христијани во оваа време на цивилизација која се нарекува цивилизација на смртта… Ние го научивме недопирливиот интегритет на достоинството на човекот од зачнување до природна смрт. За нас Бог е единствен Господар на животот, а животот има смисла само како остварување на Божјите планови во секој поединечен живот, бидејќи тоа создавање е вечен живот, кој започнува веќе сега на земјата, но исклучиво во љубовта. Врвна крепост која ја надминува смртта е љубовта, бидејќи Бог е љубов. Ние веруваме и го навестуваме тој и таков живот. Највредна валута со која се вреднува љубовта е страданието и трпението. Заради тоа го имавме и овој ден да им навестиме на сите дека страданието и трпението се непроценлива вредност од која се гради љубовта, која потоа е способна да го преобрази човекот.

На вас, болните, постарите, сами и осамени, во името на Црквата ви порачувам: бидете свесни дека сте највредни членови на Црквата. Многу сметаме на вашето страдание, љубов и молитва. Без вас ние не можеме. Ниту вие без нас – бидејќи сме едно во љубовта, едно во Бога. Тоа денес го празнуваме, го правиме и затоа молиме. Да бидеме Црква!

А Вас, почитувани од медицинскиот персонал, посебно ве охрабрувам и се молам за вас. Ви благодарам и ве молам имајте љубов. Стручноста е неминовна, а љубовта неопходна. Тогаш да ја градиме цивилизацијата на љубовта и надежта и да бидеме сигурни дека Бог е со нас и во нас! Ви благодарам. Амин.

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот