Проповед на владиката Стојанов на Литургијата во Струмица по повод Светскиот ден на болни

Проповед на владиката Стојанов на Литургијата во Струмица по повод Светскиот ден на болни

Драги браќа свештеници, чесни сестри, драги верници, на посебен начин вие, драги болни, осамени и возрасни лица.

Во близината на спомен денот на Мајка Божја Лурдска (кој што беше вчера) се собравме денес на оваа света Литургија, (недела на Блудниот син и свети Три Светители) и на тој начин се вклучуваме во Меѓународниот ден на болните. Свети Иван Павле II, кој и самиот беше голем страдалник, длабоко сочувствуваше со болните и страдалниците, така тој и даде препорака, да тој спомен на Мајка Божја Лурдска се слави како Меѓународен ден на болните. Имено, Мајка Божја Лурдска, преку света Бернадета дала да се отвори извор на вода според кој Богородица излекувала мноштво болни. Но, поголемо чудо е во тоа, што во Лурд секој болен се чувствува олеснет во своите страданија, и така тоа место, во секој поглед, станало место: ЗДРАВЈЕ НА БОЛНИТЕ. Ние, ете, денес се собравме на света Литургија, да во неделната литургија – на посебен начин за вас возрасните и болните – го прославиме овој Ден на молитва и дела на милосрдието.

Пред очите ни е прекрасен текст на Исусовата порака во параболата за Блудниот син, или како некој сака да каже – за расипаниот Татко. Секогаш кога се чита тој дел од светото Евангелие, остава на нас неопишан впечаток на пријатност, нежност, сочувство. Така лесно се препознаваме било во ликот на синот, било во ликот на милосрдниот татко. На многу слики кои ја прикажуваат оваа сцена од Евангелието – а сум ги видел многу – го прикажува мигот на средбата во прегратките. Синот, покајнички клечи, а таткото нежно го милува. Да се присетиме дека беше мото и главна порака во Годината на помирување (Рембрант). Како лесно можеме да се оживиме во ликот на Таткото. Тој нѐ сака и не може да се откаже од тоа дека тоа е негов „изгубен син“. Тоа е негово дете и покрај тоа што му дал земско наследство – на кое има право – но со тоа не се откажал од синот. Срце не може да се изгаси, бидејќи е љубов. Синот се откажал од таткото, мислејќи дека земското богатство ќе му го исполни и телото и душата. Но, не било така. Земското брзо поминува, а душата останува празна. Добро е што тогаш се сетил дека има татко… Внимавајте, тој бил (синот) голем болесник. Што телото е болно тешко е, но не е трагедија, бидејќи телото и така е привремено, според својата природа. Но, на СИНОТ му била ДУШАТА болна. Не, дух – психа, туку ДУШАТА. Гревот ја уништува душата, а таа е повикана на вечен живот. Таткото сосема со право рекол: Овој мој син беше мртов, но оживеа… Како? Така што дошол, се вратил на вистинското место, каде може да му биде опростено, бидејќи во срцето на таткото ЖИВЕЕ ЉУБОВ. Тропнал на вистинската врата, на вратата на својот дом, од кој што се откажал, но таткото не можел да се откаже од него. Понатаму ни е познато што сè се случило. Вратен е во куќата на својот татко, на своето наследство и повторно е свој со своите. Оздравел – воскреснал. Да не го заборавиме односот на постариот брат, но на тоа сѐ уште ќе се вратиме.

Која е врската на оваа парабола со Денот на болните и возрасните лица. Гледајте. Намерно потенцирав дека младиот син бил ГОЛЕМ БОЛЕСНИК, не по тело и дух колку во ДУШАТА, бидејќи бил во грев со отпаѓање од таткото. Секој тежок грев е еден вид состојба на смрт од која што може да не подигне само Татковата љубов, која проштева и не се откажува од нас. Современата медицина потврдува дека денес повеќето луѓе се болни (грешни) во духот, кои е предизвикувач на повеќето физички заболени. Тоа, што е наша опасност е тоа што мислиме дека ФИЗИЧКАТА БОЛ Е БОЖЈА КАЗНА… Не, не е. Бог нè не казнува. Најголемата казна е – кога не препушта самите на себе – како што во параболата направи Таткото. Му даде сè што бараше, на што имаше и право. Синот не забележал дека со тоа се иззел од татковата љубов. И ТОКМУ ВО ТОА Е ПРИЧИНАТА НА НЕГОВАТА БОЛКА. Кога ќе останеме без таа љубов, ние сме болни…НО, БОГ НЕ МОЖЕ ДА СЕ ОТКАЖЕ ОД НАС, Тој чека да се вратиме. Денот на болните е во тоа, што прво не повикува на ОБРАЌАЊЕ, на враќање кон ОТЕЦОТ. Секој од нас – иако болен – знае да се врати во домот на својот Татко, каде е љубен…ЈА ПРИФАЌА СВОЈАТА БОЛКА КАКО ПАТ по кој се враќа „во пристаништето на спасението“ во вечноста. Ние мора да знаеме дека болеста е НАЈСПАСИТЕЛНОТО ВРЕМЕ ВО НАШИОТ ЖИВОТ. И дека сега сме најкорисни, бидејќи ништо повеќе не можеме, туку на Бога да го предадеме сето страдание, А ТОГАШ БОГ МОЖЕ СЕ ПРЕКУ НАС. Чудно е тоа, но вистинито. Гледајте, Христос со крстот го отвори небото! Страданието беше Неговата семоќ кога сите мислеа: дека сега е сè завршено. НЕ, во страданијата е почетокот на нашето спасение за себе и уште повеќе – за нашите ближни! Значи, на овој или оној начин сите сме во улога на синот. Но, да не заборавиме, на враќањето нѐ чека Татковата љубов.

Што е денес најголем проблем? Однесувањето на постариот син. Тој не забележал друго освен дека неговиот брат отишол… Немал братска љубов. Тој вели: Оној твој син… не вели оној мој брат. Во тоа е проблемот. Тој се откажа од љубовта и не го сака повеќе братот. Нема повеќе врска со него. Браќа и сестри, токму во тоа е современиот проблем кај сите нас. КАКОВ Е НАШИОТ ОДНОС КОН ВОЗРАСНИТЕ, БОЛНИТЕ, кои повеќе не се корисни? Проблем на современото општество е ДА СЕ ОТКАЖЕШ ОД НЕКОРИСНОТО. Сепак, нашите болни браќа и сестри не се СТРАНЦИ, тие се наши. Не можам да се откажам од љубовта кон нив, бидејќи тогаш и јас се губам самиот себе. Ако немам љубов тогаш зошто сум човек? Што е син, ќерка, брат, сестра, болните и старите лица. Каде е нашата љубов? каде е вистинската ЉУБОВ таму е христијанството. Не некаде на друго место, дури ниту овде во Црквата, ако нема Љубов, нема христијанство.

Неодамна гледав еден краток филм: Сцената почнува вака: во дворот на убавата вила седи таткото, возрасен – во години. Покрај него е неговиот син, млад. Завршил студии, висок стручњак. Го отворил весникот и чита. Двајцата молчат. Во тој миг долетува едно врапче. Таткото прашува. Сине, што е тоа? Синот погледнува и вели: па, врапче. После неколку минути таткото повторно прашува: сине, што е тоа? Синот, доста гласно и срдито одговара: ВРАПЧЕ!!! Повторно молк. После некое време, врапчето одлетува малку подалеку… Таткото повторно прашува: сине, што е тоа? Сега синот станува и започнува да вика: зарем си луд… Нели ти реков дека е врапче… Тоа е В Р А П Ч Е… вика синот на цел глас. Таткото станува. Мирно и полека оди дома. Синот, очигледно лут и натаму седи нервозен… Излегува стариот, полека и мирно, носи во рацете некоја тетратка. Отворува на едно место и му вели на синот:  Сине читај на глас!! Пишувало: „Денес, пред пладне мојот мил тригодишен син 23 пати ме праша: Тато, што е тоа? Сите 23 пати мирно му одговорив: Сине, тоа е врапче…“ Јас сега само три пати те прашав и ти се дереше (викаше) на мене, а пред 25 години, на овој ист ден ти 23 пати си ме прашал: Тато, што е тоа? И јас секој пат мирно ти реков: Сине, тоа е врапче… Во тој миг синот го остава весникот, го прегрнува својот возрасен татко, срдечно и цврсто, го бакнува и вели: Тато, фала ти, опрости ми, те сакам…

Драги верници такви примери, во секојдневниот живот има на стотина. Што е пораката за нас, кои имаме во своите домови возрасни или болни? Да имаме ЉУБОВ, РАЗБИРАЊЕ И СТРПЛИВОСТ… Болниот често пати не бара ништо, само малку љубов и внимание. Знае тоа да биде многу тешко, но што ние денес правиме за нив тоа во нашата старост и болест некој ќе ни го врати и нам, бидејќи со својата љубов „го задолжуваме“ Бога. Имаме кредит кај него, а Бог никогаш и никому не останал должен, нема ниту нам да ни остане должен.

Драги браќа и сестри, доколку денес ја зедовме светата литургија од денешните Светци, Светите Три Светители, ќе го слушнавме Евангелието: Вие сте светлина на светот, вие сте град на гората... Да, ние христијаните сме токму – за разлика од оние кои не веруваат – повикани ДА БИДЕМЕ знак како се поднесува и прикажува болката, како да се однесуваме кон болните… Дали има разлика во нашиот однос? Тешко нам, ако нема! Слушнавме денес и од првото читање, во посланието од свети апостол Павле, дека нашите тела се: „храмови на Светиот Дух“, тоа се тие и тогаш кога се болни, немоќни, неугледни, стари. Тогаш да учиме во училиштето на евангелието дека Радосната вест се ЖИВЕЕ а не дека само се НАВЕСТУВА…

Радосен сум за оваа литургиска средба за болните и возрасните што се одржува секоја година во оваа наша Катедрала, бидејќи на тој начин можеме да кажеме и покажеме дека во Црквата сме еден на друг навистина и брат и сестра. И дека нашите болни и возрасни лица ни се дар од Бога да им служиме во ЉУБОВ и така таа божествена крепост да ја „овоплотуваме“ секој ден. Вие драги возрасни и болни, бидете на тоа свесни. Ние вас ве почитуваме и сакаме, опростите ни ако не секогаш сме стрпливи, мирни и услужни. Вашата молитва е, ваше страдание. Толку ни е потребна таа Исусова молитва во вашите страданија, која служи за светата Црква и на вашите најблиски. Знајте дека сте ДРАГОЦЕНИ!!

На крајот да се обратиме сите до Пресвета Богородица Лурдска, Здравје на болните да со својот заговор ни помогне само во едно и на здравите и на болните, а тоа е: ДА ПРАВИМЕ ДОБРО, ДА ЉУБИМЕ. Амин.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот