Проповед на бискупот Стојанов на Воскресното бдение во Скопската катедрала

Проповед на бискупот Стојанов на Воскресното бдение во Скопската катедрала

Драги браќа и сестри, драги верници, луѓе со добра волја, сите вие што вечерва не следите преку Македонската радио телевизија, Радио Марија Македонија и останатите општествени мрежи поздрав и Божји мир од Христос воскреснатиот!

Оваа година за празникот на Христовото воскресение се подготвувавме во посебни околности. Времето на Великиот пост – коризма не помина според вообичаениот литургиски ритам, заради големото искушение кое се закани на целото човештво од заразата со вирусот КОВИД-19, бевме принудени да го послушаме разумот и да ги исполниме одредбите од црковните и граѓанските власти да ги откажеме сите собири на едно место за да се заштитиме едни од други од можна зараза. Затоа, ги откажавме сите заеднички побожности и литургии со народот, а препорачавме пост, покора и лична молитва во своите семејства. Така, продолживме со приватните побожности и сопствената духовност да ја живееме нашата вера, молејќи се на Бога да нè избави од оваа неволја и да нè ослободи од секакво зло. И воскресното тродневие ни помина на ист начин. Затоа вечерва, а и утрешниот ден, воскресна недела, ќе ни изгледа како да се продолжува надгробниот молк на Велики петок, дека нашата велигденска радост не е целосна и дека велигденската песна „Алилуја“ го нема оној одек на христијанските души како што инаку во нормални услови требаше да го има.

Но, и покрај маките што во оваа наше време го снајде човештвото од едниот крај на светот до другиот, вистината за празниот гроб нè принудува да проповедаме и навестуваме дека Исус Христос воскресна од мртвите, затоа што вистината не може да остане скриена. Дадена ни е благодатта што исто така и ние како да сме поверувале во зборовите на ангелот што на Велигденското утро ги искажа на жените што дојдоа на гробот: „Не плашете се! Знам дека Го барате Исуса распнатиот; не е овде, воскресна, како што беше рекол! “(Мт 28,5-6). Тоа е пораката во која веруваме. Секој пат кога го молиме Символот на верата со посебен акцент, сведочиме за оваа вистина: „И воскресна на третиот ден, според Писмото!“ Оваа навестување и примена вера постојано нè принудува да излеземе од нашите засолништа и на светот да му пружиме оправдување за својата вера. Празнувањето на Христовото воскресение не е само настан што го одбележуваме, подигајќи го на ниво на други настани во историјата, туку тоа е настан што, заедно со севкупното откупително дело, Исусовото страдание и смртта на крстот, всушност е центар на севкупната објава на човечкиот род. Тоа е евидентно и во христијанското сметање на времето, каде Христос се наоѓа во центарот на историјата, и од тука се смета времето напред и назад. Од тука се гледа како Христос е центар на сите настани во светот.

Тоа е нашата вера. Сепак, не ги решава сите нејаснотии веднаш и не ги отстранува сите тешкотии. Не треба постојано да се прашуваме од каде потекнува Христос, од каде воскресна, а потоа да го повториме одговорот дека се крена од гробот во кој беше погребан и дека воскресна од мртвите. Нашето прашање треба да биде: За кого Исус воскресна и каде се вознесе. Одговорот е краток: Воскресна пред Бога и воскресна пред своите ученици. Воскресна во славата на својот небесен Отец и во верата на своите ученици. Не се учениците тие што го гледаат, туку Тој е оној што им ги отвора очите да го видат и да го препознаат. Тој им се јавува. Најпрво се покажа на Марија Магдалена и ѝ дозволи да го препознае како нејзин мил Учител и нејзин Господ. Тој доаѓа меѓу своите ученици кога сака. Вратата беше цврсто затворена и заклучена, бидејќи учениците во својот страв се изолирале во куќите и во салата на Последната вечера, но ова веќе не беше пречка за Него, што може да го спречи да се појави меѓу нив и да изговори нежни зборови: „Мир вам!“ Тој, исто така, со задоволство се придружува на учениците што беа се упатиле од Ерусалим до блискиот град Емаус, веројатно да се отргнат од сѐ и секого и разговара со нив. Тие го слушаат како им го толкува Писмото, ги учи да разберат сè што се случило во историјата на спасението за да им ги отвори очите, но овде на патот им било скратено да Го препознаат. Штотуку кога го принудија да дојде кај нив, затоа што денот веќе привршувал и ноќта почнала да се спушта, а додека се наоѓале при трпезата го препознале при кршењето на лебот. И кога исчезна пред нивните очи, тие дошле до заклучок: „Зар не гореа срцата наши, кога ни зборуваше по патот и кога ни го објаснуваше Писмото?“ (Лука 24,32).

Исус своите ученици кои, по настаните на Велики петок, беа обесхрабрени и уплашени, полека ги воведува во верата, така што им го толкува Писмото, јаде со нив, ги благословува, го излева својот Дух врз нив за да ги испрати по светот и да Му бидат сведоци. Истата задача ни е доверена и нам денес. Понекогаш се чувствуваме уморни, со тежок товар на срцето и душата, кога ни е скратено да го препознаеме својот Учител и кога како странец Го среќаваме на патот кон вечниот живот.

Драги браќа и сестри, и денес кога нашите плоштади и нашите улици се празни, кога Христовото воскресение во нашите Цркви го славиме без Божјиот народ заради пандемијата која хара по светот, денес кога се негува семејното заедништво повеќе од било кога и кога е оживеена семејната црква на многу од нив им е потребно и нашето внимание. Во овие денови, многумина се наоѓаат на болничките кревети или на смртната постела, честопати се оставени сами на себе или се наоѓаат во болниците каде се надгледувани од лекарите и медицинскиот персонал, кои неуморно работат и се грижат како да спасат еден живот повеќе да им овозможат кислород за дишење еден здив повеќе потребен за живот. Овие болнички ангели се доказ дека добрината не исчезнала, затоа што тие, како и нашата Светица, света Мајка Тереза, со отворено срце го перцепираат стравот, тагата и жалоста кај болните и им даваат радост, надеж и сигурност. Во оваа свечена пригода кога го празнуваме Воскресението Христово, да се помолиме за сите оние што се наоѓаат на првите редови на оваа тешка борба на светско ниво. Да бидеме благодарни на лекарите, медицинскиот персонал, на услужните работници по канцелариите и шалтерите, новинарите за нивното благовремено известување, на луѓето по продавниците и трговските центри, на персоналот за криза во цивилната заштита, полициските службеници и војниците, волонтерите и луѓето кои се грижат за хигиената низ нашите населени места и сите останати кои мора да работат за ние да живееме. Ние можеме да им помогнеме со молитва и следење на упатствата што ни ги даваат. Нека Бог ги благослови во својата љубов, а Воскреснатиот Христос ги прегрне во своето срце ги заштити и исполни со своето милосрдие.

Да ги отвориме и ние нашите срца и нашите очи и поттикнати од верата во воскреснатиот Христос да можеме секој ден во средбата со ближниот, со еден мал гест, инспириран збор, да им ги отвориме очите на луѓето што Бог ни ги испраќа за да можат да го препознаат Воскреснатиот Христос во Него да поверуваат и Него да Го возљубат. Нека со празнувањето на Христовото воскресение нашата жалост се претвори во радост и велигденскиот восклик Алилуја, нека се пее низ целата вечност. Тоа нека биде и моја желба и моја честитка до сите вас за овие воскресни празници. Честит празник Воскресение Христово! Христос воскресе! Амин, Алилуја!

За авторот