Претставен подготвителниот документ за III вонредно Генерално собрание на Епископската синода

Во канцеларијата за печат при Светата Столица на 5 ноември на новинарите им е претставен подготвителниот документ за III вонредно Генерално собрание на Епископската синода која ќе се одржи во Ватикан од 5 до 19 октомври 2014 година, на тема „Пасторалните предизвици за семејствата во контекст на евангелизацијата“. Документот го претставија кардинал Петер Ердо, главен релатор на Епископската синода, архиепископот Лоренцо Балдисери, главен секретар на Епископската синода, и архиепископот Бруно Форте, посебен секретар на III вонредна Синода.

Општествената и духовна криза во денешниот свет влијаат на семејниот живот, и стануваат вистински пасторален итен проблем. Токму затоа е свикано вонредното собрание на Синодата, чија тема добро ја одразува пасторалната грижа на папата Фрањо – истакна новиот секретар на Епископската синода архиепископот Лоренцо Балдисери. Во работата се предвидени два дела: во првиот дел е всушност вонредната епископска синода 2014 година, чија цел е да ја утврди состојбата по тоа прашање, и да собере сведоштва и предлози; додека во вториот дел е редовното собрание на Епископската синода, предвидена за 2015 година, кога, во Филаделфија, ќе се одржи Светската средба на семејства. Целта на таа Синода е утврдување на правците на делување во душогрижништвото за лицата и семејствата.

Архиепископот Балдисери потоа најави нови начини во подготовката на собранието, и истакна дека замислата е синодалната установа да биде вистинско и делотворно средство на заедништво преку кое ќе се изразува и остварува колегијалноста истакната на Вториот ватикански собор. Со таа цел е исто така желбата на Светиот Отец да се зголеми активноста на Главниот секретаријат на Епископската синода, како би можело адекватно да го оствари своето послание во промовирањето на епископската колегијалност ‘cum Petro’ и ‘sub Petro’, во водењето на Црквата – рече Архиепископот.

Подготвителниот документ за Синодата, испратен до епископите низ целиот свет е помагало при размислувањето за новите проблеми поврзани со семејството, кои се појавија во последните години, и ќе биде капиларно поделен во деканатите и парохиите.

Одговорите на епископите на прашалникот приложен во документот, треба да стигнат до крајот на јануари, кога советот на секретаријатот на Епископската синода ќе ги разгледа и ќе состави работен документ (Instrumentum laboris), кој ќе биде испратен до сите синодски отци. Црковната наука не се менува, останува темел во размислувањето на епископите, евентуално – како објасни главниот релатор кардинал Петер Ердо,– се менува пасторалниот пристап.

Семејството се покажува како стварност која произлегува од волјата на Создателот и ја чини општествената стварност. Затоа тоа не е само едноставен пронајдок на човечкото општество, или уште помалку на некоја чисто човечка моќ, туку е природна стварност која Господ Исус ја воздигна во Божја милост – рече кардиналот. Црквата не е некое статично, туку динамично тело, и тоа мора да расте во разбирањето, и затоа е во сите правци внимателна на проблемите и очекувањата на бројните денешни семејства – рече посебниот секретар на Синодата архиепископот Бруно Форте.

Во контекст на тековната модерност, во која како ниедна вредност да не е цврста, и во која семејството не се признава или се одбива, треба да се покаже обележјето на големото човештво на христијанскиот предлог за семејство, кое не е никогаш против некого, туку е секогаш во корист на достоинството и убавината на човечкиот живот, и за доброто на целото општество – истакна архиепископот.

Треба да се слушнат проблемите и очекувањата на денешните семејства, и не однесувајќи се притоа како ној, ставајќи ја главата во песок во однос на било каков проблем, туку изразувајќи им на семејствата, пред сè, близина, и предлагајќи им го на веродостоен начин, Божјото милосрдие и убавината на одговорот на Неговиот повик – напомна архиепископот Форте.

На прашањето дали тоа можеби ќе биде можност за нов дијалог помеѓу Црквата и хомосексуалците, архиепископот Форте рече дека верува дека Светиот Отец од епископите од целиот свет бара помош и во разгледувањето на можноста за прифаќање, разбирање, меѓутоа секако, во верноста на гледање на семејството во кое мажот и жената се соединуваат и раѓаат деца, што е темелна порака која Црквата ја дава за семејството. Меѓутоа ни на кој начин тоа не значи дискриминација на другите – истакна архиепископот Форте.

На крајот на архиепископот Балдисери му беше упатено прашање за документот објавен минатите недели во епархијата Фрајбург, за пристапување на разведени лица кон Светите Тајни, на кое тој одговори дека тоа е лично или локално гледиште кое, секако, не одговара на праксата и црковната наука.

Извор РВ / С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот