Прес конференција по повод Татковинската прослава „Денови на света Мајка Тереза“

На 26 август 2016 година, ден кога се одбележува раѓањето на блажена Мајка Тереза, во просториите на Собранието на Град Скопје се одржа прес конференција по повод објавувањето на официјалната програма за Татковинската прослава „Денови на света Мајка Тереза“, настани кои ќе се одржуваат од 5 до 11 септември 2016 година.

На прес конференцијата беа присутни НВП монс. Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, директорката на Комисијата за верските заедници и религиозни групи д-р Валентина Божиновска како и градоначалникот на град Скопје г-дин Коце Трајановски.

Прес конференцијата ја отвори г-ѓа Божиновска која нагласи дека Република Македонија и посебно градот Скопје чествуваат еден посебен настан кој ќе се случи на 4 септември во Ватикан, а тоа е канонизацијата на блажена Мајка Тереза. Република Македонија одбележува 25 години од државноста и токму затоа овие настани го носат насловот Татковинска прослава, чиј покровител е претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, истакна Божиновска.

Градоначалникот на градот Скопје г-дин Коце Трајановски истакна дека за Градот Скопје е голема чест што света Мајка Тереза е родена во Скопје, што е наша сограѓанка и за таа цел на 24 август 2016 година од програмата за култура за одбележување на „Деновите на св. Мајка Тереза“ одвои 1 милион денари за одбележувањето на централниот настан кој ќе се одржи на 11 септември на плоштадот „Македонија“.

Бискупот Стојанов информира дека папата Фрањо на 24 август го именува сараевскиот надбискуп кардиналот Винко Пуљиќ, како свој делегат кој ќе ја предводи Понтификалната света Миса во Скопје.

„Ако сакаме да го опишеме животот и пораката на блажена Мајка Тереза во само два збора тогаш тие два збора се: Бог и љубов. Бог за Мајка Тереза е центар на нејзината егзистенција, додека љубовта е нејзината порака. Но ако треба да употребиме само еден збор, тогаш зборот љубов е пред сѐ, затоа што љубовта е од Бога и секој кој љуби од Бога е роден и го познава Бога, затоа што Бог е љубов. Едноставен израз на Мајка Тереза е – каде е љубовта таму е и Бог.“ истакна бискупот Стојанов. Тој го претстави црковниот дел од програмата кој ќе биде заокружен со централната манифестација на 11 септември на плоштадот „Македонија“ со почеток во 10.00 часот, а во 9.15 часот ќе започне предпрограмата. Директорката на Комисијата за верски заедници и религиозни групи го претстави останатиот дел од програмата, истакнувајќи ја Свечената Академија за Мајка Тереза при Македонската Академија на науките и уметностите.

Програма

к.мк/РМ/Е.А.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот