Пресвета Богородица од гората Кармил

Пресвета Богородица од гората Кармил

Денес според грегоријанскиот календар свечено се празнува еден од најубавите празници на Пресвета Марија под називот “Пресвета Богородица од гората Кармил.

Гората Кармил, која доминира на 170 метри над градот Хаифа и Средоземното море, е една од најславните, а пред сѐ и најубавите во Палестина. Кога младоженецот од Песната над Песните сака да ја изрази убавината на својата Невеста, не верува дека би можел подобро да ја опише освен да каже дека нејзината глава е убава како Кармил: „Главата твоја на тебе – како Кармил“ (Песна на Песните 7, 6). Кога Исаија сака да го претстави раскошот и величественоста на идниот Месија, ни го опишува како да е опкружен од славата на Либан и облежен од сета убавина на Кармил: „Славата на Либан ќе му се даде, великолепието на Кармил и Сарон“ (Исаија 35, 2). За оваа планина пророкот уште сака да ни ја покаже најголемата почит кога додава дека судот ќе се насели во пустината и дека правдата ќе царува на Кармил (во градината): „Тогаш ќе се воведе суд во таа пустиња, и правда ќе преуспева во градината“ (Исаија 32, 16). Но, она што уште повеќе ќе ја возвиши славата на оваа планина, заедно со престојувањето на пророкот Илија и со победата која ја донесе врз пророците на Ваал, е славното видение кое е опишано во Третата Книга Царства: „Илија се искачи на врвот на Кармил, се наведна кон земјата, го стави лицето меѓу колениците свои и му рече на слугата свој: ‘Оди и погледни кон морето.’ Тој отиде, погледна и рече: ‘Ништо нема.’ Тој пак рече: ‘направи го тоа седумпати.’ На седмиот пат слугата рече: ‘Ете од морето се крева мало облаче колку човечка дланка.’ … во тоа време небото потемне од облаци и виор, и почна да паѓа силен дожд“ (3 Царства 18, 41-45).

Многу егзегети и мистици во оваа „облаче“ сакаа да ја видат пророчката слика на Дева Марија која, со овоплотувањето, даде живот и плодност на светот. Марија е претставена како облак која носи благословен дожд кој е Христос, способен да ја победи присутната суша во светот која е резултат од гревот.

Црквата, низ вековите, докажа дека треба да ја цениме оваа интерпретација додавајќи го на останатите славни атрибути на Пресвета Дева Марија и оној како „Пресвета Богородица од гората Кармил“. Денес, на Пресвета Богородица од гората Кармил, како што е и наречена, посветени се многу цркви и светилишта ширум целиот свет и нејзината побожност е распотранета и надвор од Редот на кармилитаните и кармилитанките, со што е вметнат празникот и во општиот литургиски Календар.

Литургискиот празник е одреден на 16 јули, денот кога во 1251 година, Пресвета Дева Марија со Детето Исус во прегратки, му се објавила на првиот игумен од редот на Кармилитаните, Симон Сток, кому му го предала „скапуларот“, популарно наречен „одеждата од Пресвета Богородица“.

Духовната порака од овој свечен празник е сумиран во зборовите на светиот папа Иван Павле II за време на Ангеловиот Поздрав на 16 јули 2000 година. Тогаш Светиот Отец, како што сите знаеме дека бил многу посветен на Пресвета Марија, велеше: „Гледајќи ги овие планини, мојата мисла денес оди на гората Кармил, испеан во Библијата за својата убавина. Ние, всушност, го спавиме празникот на Блажена Дева Марија од Гората Кармил. На оваа гора, која се наоѓа во Израил близу до градот Хаифа, светиот пророк Илија жестоко го одбрани единството и чистотата на верата на избраниот народ во живиот Бог. На истата таа гора, во дванаесеттиот век после Христа, се сретнаа неколку испосници посветувајќи се на размислување и покајание. Од нивното духовно искуство се роди монашкиот Ред на Кармилитаните. Кармил симболично значи гора на целосното почитување на Божјата волја и на нашето вечно спасение. Одејќи заедно со Пресвета Богородица, пример за целосна верност кон Господа, нема да се плашиме од пречките и од потешкотиите. Потпомогнати од нејзиното мајчинско застапништво, ќе можеме потполно да го реализираме, како Илија, нашиот позив како автентични „пророци“ од Евангелието во нашето време“. (…)

Окарм/З.А.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот