Пресветата Троица е повик да живeеме едни за други

Празникот Пресвета Троица нè потсетува на тајната на единствениот Бог во три лица – Отец, Син и Свети Дух – кои се поврзани „еден со друг, еден за друг и еден во друг“, и на повикот за обнова на „мисијата да го живееме заедништвото со Бог по примерот на ова Тројство“.

Ова го истакна Папата Фрањо на празникот на Пресветата Троица во кусата проповед пред молитвата Ангел Господов, која ја молеше во недела 31 мај од Апостолската палата во Ватикан.

„Повикани сме да живееме едни со други, едни за други и во другите, а не без другите, над нив или против нив“, појасни Папата пред повеќе од 50 илјади поклоненици и верници кои го исполнија плоштадот Свети Петар. „Тоа значи да ја прифатиме и сведочиме заедно убавината на Евангелието; меѓусебно да ја живееме љубовта кон Бог и кон ближните, делејќи радости и болки, учиме да сакаме и даваме прошка, давајќи вредност на различните харизми под водство на црковните пастири“.

Христијаните се повикани да го живеат заедништвото со Бог, градејќи такви црковни заедници кои се заразени од Троиствената љубов, истакна Папата: „На нас е доверена задачата да градиме црковни заедници кои треба да бидат како семејства, кои ја одразуваат брилијантноста на Тројството и да евангелизаме не само со зборови, туку преку силата на Божјата љубов, која живее во нас“.

Божјото Тројство е „крајната цел кон која е насочено нашето земно поклонение“, истакна Папата. Затоа патот на христијаните е „Троиствен“: Светиот Дух нè води кон целосното осознавање на Христовото учење, а Исус дојде на земјата за да го запознаеме Отецот и да нè води кон Него, за да се помириме. Во христијанскиот живот сѐ се врти околу оваа Троиствената тајна. Затоа, секогаш да го одржуваме високото барање на нашиот живот, потсетувајќи со каква цел и поради каква слава постоиме, работиме, страдаме и за каква огромна награда сме повикани“.

Тајната за Светата Троица го вивнува нашиот живот и нашата христијанска природа, посочи Папата, повикувајќи ги присутните на плоштадот да го направат крсниот знак: „Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух!“.

На крајот Папата молитвено ја повика „непорочна Дева Марија да ѝ помогне на Црквата да биде секогаш домаќин, заедница за секој човек, особено за сиромашните и маргинализираните “.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот