Пренесувањето на верата не е прозелитирање

Пренесувањето на верата не е прозелитирање

Да се пренесува верата не значи да се прозелитира, да се бараат луѓе кои ја поддржуваат оваа фудбалска екипа или овој културен центар; да се пренесува верата значи да се сведочи со љубов – истакна папата Фрањо за време на утринската света Миса во домот Света Марта во четврток 3 мај 2018 година во Ватикан. Поаѓајќи од делот на 15 глава од Првото послание на свети апостол Павле до Коринтјаните, Папата појасни дека верата не е само рецитирање на Символот на верата, кој што претставува нејзина потврда.

Пренесувањето на верата значи да се втемели срцето во верата во Исус

Светиот Отец објасни дека пренесувањето на верата не значи само давање информации, туку да се втемели срцето во верата во Исус. Да се биде христијанин не значи механички да се научи содржината од книга. Пренесувањето на верата значи да се пренесе она што сме го примиле. И тоа е предизвикот на христијанинот: да се биде плоден во пренесувањето на верата – напомена Светиот Отец и додаде: Тоа е предизвик и за Црквата: да се биде плодна мајка и да раѓа деца во верата.

Папата инсистира на пренесување на верата која оди од генерација на генерација, од баба на мајка, во воздухот кој мириса на љубов. Сопствените верувања не се пренесуваат благодарејќи само на зборовите, туку со помош на „милувањето“, „нежноста“, па и со „дијалектот“ – рече папата Фрањо и потоа зборуваше за негователите, кои дури и ако се странци, грижливо и делотворно ја пренесуваат верата, помагаат во растењето.

Пренесувањето на верата не е прозелитирање, туку сведочење

Пренесувањето на верата не е прозелитирање, туку нешто друго, нешто повеќе – истакна папата Фрањо. Добро кажа папата Бенедикт XVI: Црквата не расте преку прозелитизмот, туку преку привлечноста“. Верата се пренесува, но преку привлечноста, односно преку сведочењето. Сведочењето поттикнува привлечност и љубопитност.

Светиот Отец напомена дека пренесувањето на верата се остварува по пат на сведоштво сѐ до мачеништво. Кога ќе се види таквиот доследен живот, се раѓа љубопитност: „Зошто тој живее на тој начин?“ Зошто живее служејќи им на другите? Сведочењето буди љубопитност во срцето на другиот и таа љубопитност ја презема Светиот Дух и делува внатре. Пренесувањето на верата нѐ прави поправедни, нѐ оправдува – рече папата Фрањо и заврши: Верата нѐ оправдува и пренесувајќи ја даваме вистинска правда на другите.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот